Ангелоски: „На економијата и се заканува енергетско цунами, државата мора да помогне“

„Цената на електричната енергија мора да се ограничи на одреден начин, односно до одредено ниво да ја плаќаат компаниите, a над тоа ниво да ја плаќа владата преку фондовите наменети за енергетска кризна состојба. Ваков тип на субвенции постојат во повеќе европски држави“, рече денеска на прес конференцијаТрајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК)

Тој ги претстави предлозите на ССК за помош на стопанството поради енергетската криза, предупредувајќи дека поради превисоките цени на струјата се заканува затворање на економијата и банкрот.

„Во овој момент на македонската економија и се заканува енергетско цунами од кое постои опасност да ја уништи. Енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола, енергетската криза сериозно го погодува стопанството, a ценовниот притисок што го предизвикуваат рекордните вредности на електричната струја на берзите преставува закана за опстојувањето на најголем дел од деловните субјекти. Не постои услуга или производ кој може да поднесе цена на енергентите од 600 до 700 евра по мегават час“, истакна Ангелоски потенцирајќи дека веднаш се потребни конкретни мерки за поддршка на претпријатијата, како и план за зголемување на енергетската независност и ефикасност.

Сојузот во соработка со експерти изготви пакет мерки кои се неопходни за да може да се зачува ликвидноста на претпријатијата и нивната деловна активности.

„Во ваква кризна состојба треба да се овозможи приклучокот на фотоволтаичните електрани да може да се направи само со енергетска согласност доколку постојат технички услови, а во дополнителен рок од 120 дена да се обезбедат сите останати дополнителни документи. Нелогично е да се бараат 24 документи само во Регулаторна комисија и да се плаќаат 500 евра непотребна давачка на секое барање”, рече Ангелоски.

Се бара укинување на ДДВ за фотоволтаици и опрема за монтажа на фотоволтаици, како и за инвертер клими и агрегати со кои може да се намали количината на енергија која се ангажира за загревање на објектите. Од друга страна, пак, да се воведе дополнителен данок за користење на енергетски неефикасни уреди за загревање, а во Скопје и во другите градови каде има можност, да се обезбеди бесплатно приклучување на систем на централно греење.

„Очекуваме ЕЛЕМ да обезбеди дополнителни количини електрична енергија од домашно производство за слободниот пазар и на тој начин да се намали цената на струјата. Во таа насока неопходно е да престане дискриминацијата на потрошувачите, односно, потребно е да се обезбеди и физички лица и правни лица да имаат исто право да користат домашна поевтина енергија”, потенцираше Ангелоски.

Презентираше и мерки за зголемување на енергетската ефикасност, меѓу кои се оданочување со повисок данок на стариот тип светилки со вжарено влакно, кои во продавниците треба да се одвојат на посебен рафт и да се обележат како енергетски неефикасни. Потребно е да се реконструираат сите енергетски неефикасни државни објекти со замена на прозорци, фасади и покриви. ССК предлага во Законот на градење да се изврши измена со која при изградба на нови објекти задолжително ќе се монтираат енергетски ефикасни решенија и фотоволтаици на покривите. Исто така, треба да се класифицираат новите градби според степенот на енергетската ефикасност и еден дел од комуналните давачки да се одредува според енергетска класа на објектот.

Од ССК сметаат дека енергетската криза ќе трае, па побараа државата ако треба  да се задолжи за да помогне, а бизнисот тоа ќе го врати

„Ситуацијата во која се наоѓаме во овој момент се должи и на тоа што со години наназад не му се дозволуваше на приватниот сектор да инвестира во енергетиката. Сега е време овој пропуст да се исправи и да се плати неговата цена. По стабилизирање на состојбите приватниот сектор каде се создава додадената вредност во економијата ќе врати за поддршката што ќе ја добие”, порача Трајан Ангелоски.


Статијата е прочитана 109 пати.

Сподели: