Ангеловска-Бежоска: „Неопходни се структурни промени во владеењето на правото и човечкиот потенцијал“

Неопходни се сериозни, структурни промени – во квантитетот и квалитетот на човечкиот потенцијал, во доброто владеење и во владеењето на правото. Да го спречиме демографското опаѓање, да изнајдеме начин како да растеме ефикасно и иновативно зашто тоа е „влезницата“ за побрз и поквалитетен развој на општеството. Но, треба многу напор, посветеност и генерациска одговорност за ваков вид реформи. Пред нас е историската одговорност – какви вредности ќе афирмираме и ќе создадеме со сегашните одлуки, колку во нив ќе го вградиме стекнатото искуство и научените лекции од минатото, но и колку ќе демонстрираме јасна визија за иднината, порача денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Како што истакна Ангеловска Бежоска на денешниот панел „Мерливоста на вредностите: економски визури“, силните шокови со кои во изминатите неколку години се соочува светот, вклучително и нашата економија, уште повеќе на површина ги исфрлија структурните слабости, но и критичната потреба за реформирање и зголемување на потенцијалот на економијата.

Јасно е, рече гувернерката, дека во кризни периоди макроекономските политики се првата „линија на одбрана”, но нивниот простор за маневар не е неограничен. Оттаму и во периодите на справувања со кризи, вообичаено преку преземање брзи и краткорочни макроекономски мерки, не смее да се изгуби фокусот на структурните мерки кои ја намалуваат ранливоста на економиите и го зголемуваат потенцијалот за раст.

Осврнувајќи се на пандемијата и на руско-украинскиот конфликт, гувернерката укажа дека економските импликации од ваквите состојби се големи. Инфлацијата во светот и дома расте под притисок на остриот и досега невиден раст на цените на основните ресурси, а во ризик се кревките кономии како нашата и затоа, подвлече, предизвикот за носителите на политиките е огромен.

„Како Централна банка и покрај бројните кризни епизоди, повеќе од две децении успешно го обезбедуваме еден од клучните предуслови за економскиот раст – макроекономската стабилност. Но, за да го подигнеме квалитетот на живеењето и да ја зголемиме благосостојбата, тоа не е доволно. На долг рок двигатели на растот не можат да бидат монетарните фактори, туку тоа се структурни фактори како што се човечкиот потенцијал, физичкиот капитал и продуктивноста. Нашето ниво на доход од само околу 38 отсто во однос на европското, како и бавниот прогрес во затворањето на овој голем јаз (само три процентни поени изминатата деценија) алармира дека се неопходни сериозни промени во структурните сегменти како што се доброто владеење, владеењето на правото, во квантитетот и квалитетот на човечкиот потенцијал“, нагласи гувернерката. 

За жал, додаде Ангеловска Бежоска, се уште се бројни предизвиците во овие структурни сегменти.

„Во декадата пред пандемијата нашата економија растеше со просечна стапка од околу 2,5 отсто што е нешто повисока во споредба со просекот за земјите од ЦЈЕ, но сепак, овој раст не беше движен од продуктивноста, како индикатор за иновативност и ефикасност. Нашата продуктивност веќе подолг период стагнира на ниско ниво од само 40 проценти од германската продуктивност. Добро е што солиден придонес кон растот имаа инвестициите, со оглед на фактот дека обемот на капитал кај нас изнесува само 43 отсто од европскиот капитал, но сепак мало е учеството на вложување во иновативен капитал, односно иновативни технологии. Позитивен придонес кон растот во изминатата декада имаше и човечкиот капитал, но главно како резултат на квантитетот, а не квалитетот на трудот“, потенцира Ангеловска Бежоска.

Пандемијата, а сега и војната во Украина, дополни гувернерката, создаваат поинаков свет. Се менува геополитичкиот поредок. Сведоци сме на брза поларизација, брзи промени во однесувањето на економските субјекти, економска дезинтеграција и деглобализација.

„Се соочуваме со одамна невиден спој на растечки цени, од една страна, и со надолни изгледи за економијата од друга страна, односно со ризикот од стагфлација. Ова е особено предизвик за економиите, како што е македонската, кои се уште целосно не закрепнаа и не се вратија на предпандемското ниво, а истовремено имаат висока трговска отвореност што значи и поголема ранливост на надворешните шокови. Во овој контекст, предизвикот на носителите на политиките е огромен – како да се стабилизира инфлацијата која е примарно движена од фактори на страна на понудата, а без притоа позначајно да се наруши траекторијата на закрепнувањето на економиите?“, потенцира Ангеловска-Бежоска.

Таа е децидна дека Централната банка останува доследна на примарниот мандат што го има, а тоа е одржување на среднорочната ценовната стабилност со сите расположливи инструменти.

„Но, притоа од голема важност е добрата интеракција помеѓу монетарната и фискалната политика која по својата природа може подиректно да делува за ублажување на ценовните притисоци, но и да обезбеди поддршка за најпогодените граѓани и сектори во економијата. Со оглед на ограничениот фискален простор, како и потребата фискалната позиција да се задржи прудентна без да креира дополнителни притисоци врз побарувачката, потребно е добро поставување на приоритети и таргетираност на фискалните мерки“, заклучи гувернерката.

Според неа, и по три декади констатациите за диспропорциите, односно за структурните слабости на нашата економија остануваат слични.

„Силината на овој тековен економски шок е резултат и на недоволниот фокус на овие сегменти во сиот изминат период. Имајќи ја предвид комплексноста на справувањето со диспропорциите, тоа уште еднаш нè потсетува на историската одговорност што денес ја имаме – какви вредности ќе афирмираме и создадеме со нашите сегашни одлуки, колку во нив ќе го вградиме стекнатото искуство и научените лекции од минатото, но и колку ќе демонстрираме јасна визија за иднината“, рече гувернерката и порача да се стремиме да бидеме вредност, а не успех.

Панелот „Мерливоста на вредностите: економски визури“ е прв од дебатата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ“. Посветен е на досегашната економска трансформација и создадените вредности низ тој процес, на улогата на меѓународните финансиски институции, како и на идните перспективи и предизвици во контекст на забрзаната инфлација и забавувањето на светскиот раст. На панелот учествуваат академиците Абдулменаф Беџети и Таки Фити, поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини и Никола Поповски, кој е и член на Советот на НБ и универзитетски професор, како и Силвана Мојсовска од Економскиот институт. По овој панел следуваат уште два – „Мерливоста на вредностите: интеракции“ и „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности 2022“.

Дебатата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ“ која може да се следи директно на фејсбук страницата на Народната банка, ќе продолжи и на 5 септември со уште три одделни панели.


Статијата е прочитана 220 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско