Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 3 отсто

Советот на Народната банка и Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржа седници на кои беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари.

Од НБ информираат деека на седницата на Советот е донесена одлука за промени кај инструментот за задолжителна резерва преку кои се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Со оваа одлука, основата за издвојување задолжителна резерва во денари на банките ќе биде намалена за износот на новоодобрените кредити за финансирање проекти за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори. На ваков начин, во услови на енергетска криза и силен раст на глобалните цени на електричната енергија коишто влијаат и врз девизниот пазар, но и врз домашните цени и животниот стандард, НБ придонесува кон ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата. Покрај тоа, со оваа мерка се поддржуваат и „зелените финансии“ и одржливото финансирање, како стратегиска цел во најновиот стратегиски план на централната банка.

На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3%, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. На оваа седница беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,5 п.п., на нивоата од 0,90% и 0,95%, соодветно. При носењето на одлуката беа земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени би придонесле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во поставеноста на ЕЦБ. Домашниот девизен пазар бележи стабилизација и во изминатиот период, при умерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи на менувачкиот пазар којшто е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка и натаму откупува девизи што придонесе за натамошен раст на девизните резерви.

Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација во периодот јануари – август 2022 година од 11,6% на годишно ниво и таа и понатаму главно произлегува од надворешни фактори на страната на понудата. Така, најголем придонес за растот на домашната инфлација има порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електричната и топлинската енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Но, нивниот подолготраен и посилен раст создава преносни ефекти и врз цените на останатите производи и услуги и дополнително ги подгрева инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики. Во изминатите неколку месеци кај цените на храната се забележуваат поизразени надолни приспособувања на светските берзи, што во следниот период може да доведе до надолни приспособувања и кај домашните цени. Воедно, надолни се и ревизиите и на очекувањата за раст кај дел од овие цени. Сепак, неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. Од јули наваму, девизните резерви бележат постојан раст, главно поради интервенциите на Народната банка на девизниот пазар коишто се во исклучително висок износ од 183 милиони евра, за овој период. Ваквата позиција на Народната банка придонесе за дополнителен раст на нивото на девизните резерви, којшто е над проекциите за овој период од годината.

Во однос на активноста во домашната економија, во вториот квартал од 2022 година БДП оствари реален раст од 2,8% на годишна основа, што е целосно во согласност со очекувањата според последните проекции, односно според априлските проекции Народната банка очекуваше раст од 2,8%. Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал се ограничени, но поради постојаните надолни ревизии на странската побарувачка предизвикани од воениот конфликт во Украина и сè подлабоката енергетска криза, се зголемуваат надолните ризици за растот во следниот период.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, согласно со последните податоци кредитната активност и натаму е солидна и над проекциите, а се бележи раст и на вкупните депозити, но поумерено од очекувањата.

Во август, во центарот на вниманието на меѓународните финансиски пазари беа очекувањата на инвеститорите за понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на најголемите централни банки. Притоа, се засилија очекувањата дека ЕЦБ ќе ги зголеми референтните каматни стапки за 75 базични поени, што се оствари на состанокот на почетокот на септември. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната забележаа пад, односно нивните приноси се зголемија. Во истиот период, вредноста на САД-доларот во однос на еврото и натаму се зголемува.

„Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, а, пред сè, врз снабдувањето со енергија во рамките на Европа. Не треба да се занемарат неизвесноста и ризиците од пандемијата на Ковид-19 која сѐ уште не е завршена. Во вакви услови неопходно е водење претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и ќе продолжи со користењето на сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност“, се вели во соопштението од Народната банка.  

 


Статијата е прочитана 291 пати.

Сподели: