Раст од 2,7 отсто годинава и 2,3 отсто во 2023 година предвидува ЕБРД за Македонија

Раст од 2,7 отсто во 2022 година и од 2,3 отсто во 2023 година за Македонија предвидува Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во најновиот Извештај за регионалните економски изгледи. Според ЕБРД клучни ризици се постојано покачените цени, фискалните и ранливостите на надворешниот сектор, како и пролонгираното заклучување во Кина заедно со прогнозираното забавување на извозните пазари на ЕУ, што би влијаело на автомобилската индустрија во земјата.

Во Извештајот се вели дека растот е умерен од 2,4 отсто и 2,8 отсто на годишно ниво во првите два квартали од 2022 година по закрепнувањето од 4 проценти во претходната година.

Номинално, извозот на стоки се зголеми за речиси 20 отсто на годишно ниво во првите седум месеци од 2022, но увозот на енергија зачести и поскапе, што доведе до вкупен раст на увозот од 27 отсто номинално во првите седум месеци и зголемување на дефицитот на тековната сметка. Инфлацијата достигна 16,8 отсто на годишно ниво во август 2022 година, поттикната од порастот на цените на храната и енергијата.

„Централната банка ја заостри монетарната политика четири месеци по ред во 2022 година, од 1,25 отсто на 31 април до 2,5 отсто во јули. Следејќи го владиниот пакет социјални мерки усвоен во март за да ја заштити економијата од растот на цените, фискалната консолидација беше одложена откако Собранието во јули усвои ребаланс на буџетот предвидувајќи поголем буџетски дефицит од 5,3 отсто на БДП. Цените на струјата и гасот платени од претпријатијата се водени од пазарните сили кои важат влијаејќи на нивните перформанси, додека за домаќинствата се регулирани“, стои во извештајот на ЕБРД во делот на Македонија.


Статијата е прочитана 206 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско