Здружението „Вина од Македонија“ го организира 4.Светски ден на Вранецот

На 5 октомври во М6 Едукативниот центар ќе се одржи вински салон каде на едно место ќе бидат изложени околу 50 вина од сортата Вранец произведени од околу 20 винарски визби од земјава и регионот

 

Здружението „Вина од Македонија“ ги обединува македонските и регионални производители на Вранец, како и винските експерти и ентузијасти од целиот свет и го организира 4. Светски ден на Вранецот. На 5 октомври во М6 Едукативниот центар ќе се одржи вински салон каде на едно место ќе бидат изложени околу 50 вина од сортата Вранец произведени од околу 20 винарски визби од земјава и од регионот. Салонот ќе биде од отворен карактер.

Прославувањето на Светскиот ден на Вранецот, настан кој е од огромна важност за винската индрустрија на Балканот и има за цел, преку промоција на Вранецот, вината од овој регион да бидат препознатливи низ целиот свет, годинава за првпат ќе излезе од границите на Балканот преку организирање настани за промовирање на Вранецот во Австрија, Холандија, Велика Британија, Швајцарија и САД.

За оние што сакаат да дознаат повеќе за оваа сорта отворени ќе бидат мастерклас обуки, од кои едната ќе ја води реномираниот вински експерт Томас Куртис. Исто така ќе бидат присутни и други меѓународни експерти за вино, регионални гости и медиуми, претставници на странските амбасади во Република Северна Македонија, владини претставници, производители на вино Вранец од нашата држава и од регионот и домашни и регионални љубители на виното.

А, на 7 октомври ќе се одржи и „Гранд Вин“ - винскиот салон на македонски премиум вина со фокус на сортата Вранец.

„Светскиот ден на Вранецот, заслужува да застане рамо до рамо со сите останати светски денови и да ја прославува оваа интернационална сорта на вино низ целиот свет. Во последната декада трендот на прославување на едносортни вина вроди многу придобивки, меѓу кои најважни се зголемување на препознатливоста и на продажбата на Вранецот на светските пазари. Светскиот ден на Вранецот прераснува во препознатлив настан и ќе помогне оваа сорта да се позиционира на исто ниво со најдобрите интернационални вински сорти. А, добрата регионална и меѓународна промоција е предуслов за влез на нови пазари, освојување нови клиенти и потрошувачи и зголемен извоз. “, велат од здружението „Вина од Македонија“.

Инаку, Вранецот е сорта која во нашата земја е засадена на близу 11.000 хектари, со што Македонија е најголем производител на вино од оваа сорта.


Статијата е прочитана 319 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско