Доделени грантови до 6.000 евра за мерката „Рурална жена“

Вчера беа доделени 70 договори на жени земјоделки - добитнички на грант до 6.000 евра, од вториот јавен повик за мерката 115 „Поддршка на активен женски член на земјоделско стопанство“ позната како мерка „Рурална жена“.

„Денеска остваривме уште едно ветување. Рековме дека ќе им бидеме силна поддршка на жените земјоделки кои работат и создаваат во руралните средини, онаму каде им е домот и семејството. Како институција, нашето активно залагање за родовата еднаквост со поголема сериозност почна од потпишувањето на Декларацијата за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини во 2019 година, каде Министерството се заложи за отворено партнерство со чинителите при креирањето на политиките. Истата година Министерството потпиша Меморандум за соработка со UNWomen, од каде произлезе формирањето на посебна работна група составена од повеќе претставници на различни државни и научно-образовни институции и земјоделски здруженија. Досега за оваа мерка беа објавени два јавни повици, а интересот што го покажаа жените земјоделки е потврда дека мерката ја постигнала својата цел“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Со средствата од грантот земјоделките можат да набавуваат опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, молзачки, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и останата преработувачка опрема. На тој начин ќе можат да развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија и тоа токму во руралните средини.

На првиот јавен повик минатата година вкупно 250 жени регистрирани како носители на земјоделско стопанство добија договори за грант во износ од 3.000 евра.

„Интересот за првиот повик за мерката ‘Рурална жена’ ги надмина нашите очекувања, па првично планираните средства за 100 договори не беа доволни поради што Министерството успеа да обезбеди дополнителни средства, за да може сите жени што аплицирале, а ги исполниле условите, да ја добијат финансиска поддршка. Така, наместо 100, грант добија вкупно 250 жени земјоделки“, истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски.

Големиот интерес на жените земјоделки ги мотивираше надлежните со вториот јавен повик, двојно да ја зголемат поддршката, од 3000 на 6000 евра.

„Денеска сме овде сите заедно, за да сведочиме на новиот успех, потпишани нови 70 договори од вториот јавен повик. Со вториот јавен повик за мерката предност им дадовме на жените земјоделки регистрирани согласно Законот за вршење земјоделска дејност и Законот за ПИО. Со ова фокусот го ставивме на поддршката на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност. На повикот аплицираа вкупно 132 жени земјоделки. Од нив, 70 ги исполнија условите и одобрен им е грант во вредност до 6000 евра по корисник“, потенцираше Николовски.

Најголем интерес има за набавка на опрема за фарми и за винарии како и за производство на мед, маџун, преработка и сушење на овошје и зеленчук.

 

 


Статијата е прочитана 74 пати.

Сподели: