Авиокомпанијата „Луфтханза“ ќе почне да лета од Франкфурт до Скопје од април 2023

Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ влегува на македонскиот авијациски пазар со отпочнување летови на линијата Франкфурт – Скопје од 23. април 2023 година, соопшти ТАВ Македонија, откако авиокомпанијата ги закажа летовите помеѓу двата града.

„Луфтханза“ ќе ги поврзе македонскиот главен град со главниот аеродром во Франкфурт нудејќи летови од Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден во неделата, а во некои денови ќе лета по два лета дневно, со авиони од видот: Airbus A319, Airbus A320 и Airbus A321.

„Среќни сме што ‘Луфтханза’ одлучи да влезе на македонскиот пазар со отпочнување летови на релација Франкфурт - Скопје. Ова значи дека Меѓународниот Аеродром Скопје од април следната година ќе биде поврзан со аеродромот во Франкфурт, кој е главното германско авијациско седиште и еден од најважните трансфер-аеродроми во Европа. Дополнително, високата честота на летовите - авиокомпанијата ќе лета секој ден во неделата, а во некои денови и по два пати дневно, дава одлична флексибилност за нашите патници што патуваат за Германија и оние што се поврзуваат со Европа и Северна Америка. Оваа нова конекција е особено важна за патниците што патуваат за бизнис-цели и ќе понуди нови опции за авионскиот карго-превоз кон Германија, која е главен трговски партнер на Северна Македонија. Влезот на групацијата ‘Луфтханза’ е резултат на континуираните маркетиншки активности на ТАВ, се со цел да привлече нови авиокомпании и да ги убеди да отворат нови дестинации од македонските аеродроми. Одлично е што нашата мрежа авиолинии ќе се прошири и веруваме дека ‘Луфтханза’ ќе додаде на вредноста на услугите што им ги нудиме на нашите патници од Меѓународниот Аеродром Скопје“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што велат од „Луфтханза“, летовите на релација Франкфурт - Скопје се планирани да бидат привлечни и за деловните патници и за туристите.

Германскиот авиопревозник го додава Скопје во својата мрежа линии од летната сезона во 2023 година со цел да ја зајакне својата позиција во Источна Европа.

Продажбата на авиобилетите е веќе почната. Сите информации за цени и резервации на авионските карти се достапни на веб-страницата на „Луфтханза“: https://www.lufthansa.com/, како и кај лиценцираните туристички агенции што вршат продажба на авиобилети.

ТАВ Македонија ги заврши 11-те месеци од 2022 година со 2,2 милиона (2.190.352) патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, што е зголемување за 74 отсто во споредба со истиот период лани, но сепак, за 12 отсто помалку споредбено со 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата пред појавувањето на кризата со Ковид-19.

 


Статијата е прочитана 137 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско