Промовиран поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“

„Формирањето на поткомитетот ‘НАТО и бизнис заедницата’ ќе им овозможи извонредна прилика на скоро сите наши компании да постигнат ниво на стандард кој е многу повисок заради пласманот на пазарите на Европа и развиените земји“, рече извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев на денешната средба со министерката за одбрана, Славјанка Петровска и со претставниците на бизнис-секторот во Стопанската комора.

Претседател на поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“ е претседателот на СКСМ, Бранко Азески.

Со формирањето на овој поткомитет се отвораат вратите за македонскиот бизнис сектор за креирање одржливи решенија и можности за македонската економија, така што компаниите добиваат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите членки.

„НАТО не е само безбедност, туку и економска шанса. Со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и да понудат производи што би можеле да ги испорачаат за потребите на НАТО алијансата. Се работи за еден значителен буџет кој се мери во милијарди евра“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска и истакна дека до сега регистрација за учество на НАТО јавните набавки имаат направено 23 компании, охрабрувајќии ги притоа и другите компании да ја искористат можноста и со тоа заеднички да се придонесе за јакнење на домашната економија.

Поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“ треба да овозможи конкретни мерки и активности, едукативи настани преку кои ќе се олесни и значително ќе се подобри пристапот на македонските компании на НАТО пазарот, сè со цел да придонесе кон подобрување на македонската економија.

Професорот Марјан Ѓуровски, претседател на комитетот „МКД НАТО 2030“ рече дека ова е одлична можност за компаниите за нивно учество на тендерите на НАТО во делот на артикли и дејности како што се осигурување, набавка на облека, униформи, обувки, изградба и оплеменување на објекти, ИТ консултации, консултатнски услуги, лекови, медицински услуги за НАТО силите на Косово и др.

 


Статијата е прочитана 118 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско