Центарот за странски јазици – Скопје, единствен овластен испитен центар за испитите на Британскиот совет

Долгогодишната традиција и професионалноста во областа на јазичните курсеви и изведувањето испити повторно го издигнаа Центарот за странски јазици на уште едно, повисоко скалило на успехот. Во септември 2022 година, Центарот беше избран како единствен овластен испитен центар во Македонија за испитите ИЕЛТС (IELTS), Аптис (Aptis) и АЦЦА (ACCA) кои претходно беа администрирани од страна на Британскиот совет во Македонија.

Затворањето на канцеларијата на Британскиот совет во Македонија наложи избор на овластен испитен центар, односно институција која веќе докажано работи според светски стандарди, високи критериуми и строги протоколи за спроведување испити. Квалитетот во работата, посветеноста, стручноста и подготвеноста со кои се одликува Центарот за странски јазици, заслужено го вброија меѓу испитните центри на Британскиот совет на светско ниво.

При својата последна посета, директорот на Британскиот совет за Западен Балкан, Питер Браун, ја информираше јавноста дека испитите за јазична компетенција ќе продолжат да се изведуваат во партнерство со Центарот за странски јазици – Скопје. Договорот беше потпишан на 20.09.2022 од страна на Фанија Смичковска, директор на Центарот за странски јазици – Скопје и Кешав Средхаран, регионален директор за испити при Британскиот совет. На средбата по повод потпишувањето на договорот присуствуваа и Асли Јенисехирли, регионален менаџер за комерцијален развој, Елеонора Запрова, директор на Британскиот совет во Македонија и Весна Петровска, директор за настава во Центарот.

Центарот за странски јазици – Скопје во соработка со Британскиот совет веќе го основа испитниот центарот во своите простории и на кандидатите им овозможува професионални услови и пријатна атмосфера при полагањето испити. Првата испитна сесија за ИЕЛТС се одржа на први декември, 2022 година, а редовно се одржуваат и испитните сесии за Аптис и АЦЦА. Испитите се изведуваат неколку пати во месецот според однапред објавен распоред кој за јавноста е достапен на moj.csj.edu.mk .

Што е ИЕЛТС (IELTS)?
ИЕЛТС (International English Language Testing System) е најпопуларниот тест за англиски јазик во светот. Прифатен е во повеќе од 140 земји и над 11000 организации. Овие организации вклучуваат влади, академски институции и работодавци, од кои 3000 се во САД. Сертификатот е признаен и во Обединетото Кралство, Австралија и Нов Зеланд. Во моментов, ИЕЛТС се полага на компјутер со што се овозможува голем избор на датуми за тестирање и пократок рок за достапност на резултатите, од 3 до 5 дена. ИЕЛТС може да ви помогне да ги докажете вашите јазични вештини при пријавување за работни места, студирање во странство, како и емиграција.

Што е Аптис (Aptis)?
Аптис е тест за веродостојна проценка на вештините по англиски јазик. Тестот е креиран од релевантни експерти од Британскиот совет, а го користат владините институции и организации на повеќе од 85 држави за утврдување и унапредување на стандардите за англискиот јазик. Во зависност од вашите потреби може да полагате една или повеќе јазични вештини (speaking, writing, listening, reading). Секој тест вклучува задолжителна проверка на граматика и вокабулар како дополнителна гаранција за прецизноста при определувањето на нивото според Европската референтна рамка за јазиците. Со тестот Аптис секој поединец може добие точна проценка за поседување на потребното ниво на познавање на англискиот јазик. Сертификатот Аптис може да Ви помогне да напредувате во кариерата во различни компании, како и при вработување во јавната администрација.

Што е АЦЦА (ACCA)?
Асоцијацијата за лиценцирани сметководители е најголемото и најбрзо растечко меѓународно тело за сметководители, броејќи повеќе од 300,000 студенти и членови во 160 земји. Британскиот совет е глобален администратор за испитите АЦЦА (АССА). Од декември оваа година, Центарот за странски јазици ја презеде улогата на администратор и за овие испити, со што испитите

АЦЦА (ACCA) останаа достапни за професионалците во сферата на сметководството.

Како да се пријавите за испит?
Пријавувањето за испитите може да го извршите на нашата апликација moj.csj.edu.mk во делот Меѓународни испити. Следете ги упатствата и одберете испит и испитна сесија според вашите потреби.

Како да се информирате за испитите?
За повеќе информации за испитите, датумите и начинот на пријавување контактирајте нè на info@csj.edu.mk или на 075 282 604 секој работен ден од 10:00 до 14:00.

Центарот за странски јазици е основан во 1954 година и како училиште со најдолга традиција во организирање курсеви за странски јазици овозможува подготовка за испитите со цел кандидатите да ги постигнат посакуваните резултати. Курсевите за подготовка ги водат кандидатите низ сите делови од испитите и им го посочуваат вистинскиот пристап кон задачите. Тимот искусни и посветени професори е секогаш на располагање на слушателите. Успехот на кандидатите е и наш успех.

Ни претставува особена чест и задоволство што можеме да им овозможиме на нашите граѓани, како и на граѓаните од соседните држави, да се здобијат со меѓународно признаени сертификати за степенот на познавање на англискиот јазик. Центарот за странски јазици продолжува да ја оправдува довербата на јавноста како институција која работи според светски стандаради, што несомнено се потврди и со изборот на единствен овластен испитен центар од страна на Британскиот совет.


Статијата е прочитана 231 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско