Прогресивна аграрна политика и силни земјоделски реформи за поголемо и конкурентно домашно производство

Земјоделството беше еден од секторите врз кои глобалната криза и во 2022 година удри најсилно. Светот се соочи со предизвикот како да обезбеди доволно храна. Трошоците на производителите се зголемуваа, а цените на берзите растеа. Во вакви услови, кои, според експертите, сè уште се неизвесни, а последиците допрва ќе се чувствуваат, за земјава беше приоритет како да го зголеми и стабилизира домашното производство, пренесува МИА.

Од 1 декември стапи во сила и поддршката за компаниите од прехранбената индустрија. Тие добиваат струја по субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават час поради што треба да поттикне поевтинување на основните прехранбени производи за околу 10 проценти.

Кризата со храната ги поттикна земјите од регионот на интензивна соработка и проширување на пазарот, на подготовка и финансирање заеднички проекти за промоција на земјоделските производи, како и на зголемена трговска размена.

Во рамки на иницијативата Отворен Балкан чии членки се  Албанија, Северна Македонија и Србија, се потпиша Договор за соработка во областа на механизмите за сигурност на храна. Со Договорот, членките ја потврдија неопходноста од соработка за спречување и ублажување на потенцијалниот недостиг од основни земјоделско-прехранбени производи и се согласуваат меѓу нив да нема забрани за тргување со основни земјоделско-прехранбени производи.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во време на најголема светска криза, приоритет е зголемување на домашното производство на храна и силна, навремена, ефикасна поддршка на земјоделците.

– По 15 години, стариот модел го заменуваме со нов кој значи планско и одржливо производство – со помали трошоци да произведеме повеќе. Мора да бидеме одговорни пред сите граѓани, особено во вакви сериозни моменти кога се наоѓаме во светска криза. Мора да се осигураме дека домашното производство на земјоделски производи и храна е поголемо, стабилно и дека ќе имаме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата. Со новиот модел на субвенционирање на ниту еден земјоделец нема да му се скрати поддршката. Средствата ги насочуваме кон оние земјоделци кои ќе ги обработуваат битните стратешки култури, кои ќе остварат принос и ќе го предадат во домашни капацитети. Сите регистрирани земјоделци, чија основна дејност е земјоделството, преку Отворен јавен повик, во текот на целата година ќе можат да аплицираат со сопствен бизнис план и идеја, за грант од 10.000 евра кој ќе го искористат за инвестиции во производство или за финален производ. Новиот модел ги обврзува земјоделците да приложат доказ дека имаат остварено и предадено производство, што не беше случај досега, порача Николовски.

Со новиот државен буџет за 2023 година земјоделството добива околу 12 милијарди денари. Целта на овој „историски најголем земјоделски буџет за 2023 година“, како што го нарече министерот Николовски, е обезбедност со храна и зголемено производство.


Статијата е прочитана 240 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско