Потпишани договори за нови информациски системи за управување со јавните финансии

Три нови информациски системи за управување со јавните финансии ќе бидат воспоставени преку проектот за градење отчетни институции. Со овој проект ќе се подобри ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи и ќе се зголеми ефективноста на администрирањето на приходите.

Денеска беа потпишани договори за спроведување на проектот во вредност од 24,9 милиони евра од кои 20 милиони евра се заем од Светска банка (СБ), а 4,9 милиони евра се грант од ЕУ што ќе се администрира преку СБ. Договорите ги потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи во присуство на евроамбасадорот, Дејвид Гир и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Во Министерството за финансии ќе функционира нов Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС), во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори ќе има Информациски систем за управување со државна помош (СИМИС), а во Управата за јавни приходи Информациски систем за управување со даночните приходи (ИТИС).

За поддршка на реформите за управување со јавните расходи ќе се одвојат 14,69 милиони евра, за зајакнување на практиките за даночно управување и системи во УЈП 8,135 милиони евра, а 2,025 милиони евра за управување со промени, координација на донатори и управување со проекти.

„Воспоставувањето на овие системи претставува дел од заложбите на Владата за имплементација на напредни технологии и воедно е предуслов за воспоставување современ и модерен начин на управување со јавните финансии. Со нив ќе се подобри ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните финансии, а тоа ќе се постигне преку поврзување на постоечките фрагментирани и неповрзани системи на една централизирана дигитална платформа“, рече министерот Бесими.

Директорот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи изјави дека со тековната Рамка за партнерство на Светска банка со Македонија се утврдува зајакнувањето на фискалното управување и управувањето со јавните финансии како клучна цел, а проектот што беше потпишан денеска ќе има сеопфатен пристап кон зајакнувањето и на расходната и на приходната страна во врска со циклусот на управување со јавните финансии, во кој се зема предвид фискалната одржливост како и одржливоста на климатските промени.

„Предвидените проектни активности ќе доведат до намалување на заостанатите обврски на државата, посеопфатно владино известување за подготовка и извршување на Буџетот, интегрирање на ставовите за климатските промени во скринингот на проектите и намалување на јазот во даночната усогласеност од аспект на ДДВ“, рече Паолучи.

 


Статијата е прочитана 163 пати.

Сподели: