ТАВ: „Ер Србија“ ќе ја обнови авиолинијата Белград – Охрид од јуни 2023

Српскиот национален авиопревозник „Ер Србија“ од јуни годинава ќе ги обнови летовите меѓу Белград и Охрид. Од ТАВ Македонија информираат дека Охрид ќе биде воздушно поврзан со Белград четири пати во неделата, односно, секој понеделник, среда, петок и сабота, почнувајќи од 5. јуни 2023 година.

„ТАВ како аеродромски оператор секогаш топло ги пречекува одлуките на авиокомпаниите за нови или обновени авиолинии и летови. Среќни сме што аеродромот ’Св. Апостол Павле Охрид’ повторно ќе ја додаде оваа авиолинија во својата мрежа и ќе го опслужува летот Белград-Охрид-Белград, на кој ќе лета ’Ер Србија’ откако беше стопиран во 2017 година. Оваа авио-конекција освен што ќе овозможи туристи од Србија да патуваат до Охрид, дополнително ќе отвори нови дестинации за нашите граѓани и за луѓето во гравитациската зона на охридскиот регион, бидејќи ’Ер Србија’ лета до преку 70 дестинации во Европа, Медитеранот, Северна Америка, Азија и Африка, што претставува уште една предност и погодност за нашите патници“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија. 

Билетите за оваа обновена авионска линија се во продажба и може да се резервираат на веб-страницата на „Ер Србија“ https://www.airserbia.com/en/destinations/flights-to-ohrid, како и на мобилната апликација на „Ер Србија“ достапна и за Android и за iOS.

Како што изјавија претставниците на српскиот авиопревозник, враќањето на Охрид во мрежата летови на авиокомпанијата е одлично дополнување и тие се уверени дека патниците се радуваат за оваа услуга и се воодушевени што овој фасцинантен град ќе биде попристапен.

„Во текот на 2023 година ’Ер Србија’ во својата мрежа ќе додаде преку 20 нови дестинации кои не беа на редот на летање во 2022 година, а особено ни е задоволство што Охрид е меѓу овие дестинации. Летовите меѓу Белград и Охрид ќе сообраќаат четири пати неделно и ќе овозможат патниците од регионот и низ Европа да ги искусат охридските културни и историски места и атракции“, изјави Бошко Рупиќ, генерален директор за комерцијални работи и стратегии на „Ер Србија“.

Со оваа нова авио-линија од аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“, како и со најавите за нови линии од Меѓународниот Аеродром Скопје, ТАВ Македонија очекува фрекфентна летна сезона и очекува 2023 да биде година на целосно пост-пандемиско закрепнување.

 


Статијата е прочитана 158 пати.

Сподели: