Еднократна поддршка од 81.000 денари за деветмесечно отсуство за мајчинство за земјоделките

Еднократна финансиска поддршка во висина од 81.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство ќе добијат жените земјоделки. За прв пат во Македонија земјоделките ќе можат да користат платено отсуство за мајчинство. Финансиска поддршка ќе се доделува на жена што родила дете во периодот од 01.12.2022 до 01.12.2023 година. 

Реализацијата на оваа посебна мерка почнува со усвојувањето на Програмата за обезбедување социјална сигурност за жените што вршат земјоделска дејност и се регистрирани индивидуални земјоделци. Програмата е изработена на иницијатива и во директна соработка со жените вршителки на земјоделска дејност кои работат и живеат во рурални средини и остваруваат приход од земјоделска дејност, а досега не примале платено породилно отсуство.
„Оваа програма е привремено решение со цел да им излеземе во пресрет на жените земјоделки до донесување на системско решение. Ова е голем успех што го постигнавме заедно со Националната федерација на фармери и Министерството за труд и социјална политика. Во отсуство на законско решение, ние изнајдовме модел преку посебна програма, финансирана од буџетот на Платежната агенција, на овие жени да им се исплати еднократна финансиска поддршка од 81.000 денари“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Никловски. 

Тој денеска се сретна со жени земјоделки на кои им ја презентираше новата програма за платено отсустсво за мајчинство.

„Жената е столбот на едно семејство, токму затоа се грижиме и ги подобруваме условите и правата на руралните жени во нашата држава. За прв пат во историјата на државата земјоделките ќе можат да користат платено отсустсво за мајчинство. Ова е навистина голем успех и горд сум што заедно со НФФ и Министерството за труд и социјална политика изнајдовме модел преку кој исплаќаме еднократна финансиска поддршка од 81.000,00 денари за деветмесечен надоместок“, истакна Николовски

Притоа дополни дека државата ги мотивира жените земјоделки преку мерката Рурална жена да добијат грант од 6.000 евра за да го модернизираат сопственото производство, како и грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство, пакување и продажба за развој на малите производители.


Статијата е прочитана 454 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско