Премиерот апелира Комисијата за финансирање да организира јавна расправа за законот за данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски апелира собраниската Комисија за финансирање и буџет што поскоро да организира јавна расправа за Предлог-законот за данок на солидарност, ако треба да повика и експерти и доколку има забелешки, тие да се усогласат, за потоа законот да се реализира.

Тој уште еднаш повтори дека законското решение е изготвено низ широки консултации со бизнис секторот.

-За данокот за солидарност направивме многу широки консултации со стопанските комори, дури и со компаниите кои се опфатени со ова законско решение. Комисијата за финансирање и буџет е матична за овој закон, легитимно е претседателот и членовите да направат јавна расправа за законот и тоа да го сторат што побрзо. Едно е дали планираат да го блокираат законот или да направат јавна расправа, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по традиционалното закројување лозје во кавадаречкото село Ресава.

Според премиерот, јасни се законите во однос на сметководството и финансиското работење на компаниите.

-Упатувам апел до Комисијата за финансирање и буџет, согласно законските процедури, да го стави законот на расправа во Собранието, ако треба да повика и експерти и низ распрва, ако има забелешки, тие да се усогласат во законот ако се прифатливи за мнозинството и потоа законот да се реализира, подвлече премиерот.

Извор: МИА


Статијата е прочитана 148 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско