Дневната евтина тарифа може да ги намали сметките за струја за 5 %

Воведувањето дневна евтина тарифа значи намалување од пет отсто на просечната цена на домаќинствата, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Тој за Студио 10 на ТВ 24 рече дека доколку се донесе, одлуката за евтина дневна тарифа ќе почне да важи од 1 јули оваа година, кога се носи и одлука за цената на струјата.

„Тоа во самите цени на електричната енергија не се гледа, но бидејќи се дава можност да се троши поевтина електрична енергија и од 14 до 16 часот, тоа на годишно ниво е пет проценти намалување на просечната цена за домаќинствата“, рече Бислимоски.

Сепак, ефектот од воведувањето дневна евтина тарифа би можел да биде „изеден“ со враќање на повисоката стапката на ДДВ. 

„Ако се зголеми ДДВ од 10 на 15 отсто тоа ќе значи поголем приход во буџетот, но јас сум за тоа да се оди чекор по чекор, да видиме како ќе функционира. Јас сум против зголемување на ДДВ, сметам дека домашното производство треба да се одржува стабилно за ЕСМ да може да продава електрична енергија и на слободниот пазар и да заработува“, рече Бислимоски.


Статијата е прочитана 122 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско