Во јануари годишен раст од 4,5 % на вкупните депозити и од 8,5 % на вкупната кредитна поддршка

Во јануари годинава, во согласност со сезонската динамика, паричната маса забележа пад од 1,7 отсто на месечна основа, што се должи на надолните движења кај сите компоненти, со поголем придонес на депозитните пари, готовите пари во оптек и краткорочните депозити. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 4,5 отсто, во најголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити и депозитните пари, информираат од Народната банка.

Посочуваат дека вкупните депозити во јануари се намалени за 1,2 отсто на месечно ниво, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, вкупните депозити бележат раст од 4,5 отсто, којшто во поголем дел се должи на повисоките депозити на секторот „домаќинства“.

 „Во јануари, вкупните кредити бележат месечен пад од 0,8 проценти, којшто во целост се должи на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 8,5 отсто како резултат на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор“, се наведува во денешното соопштението од Народната банка за монетарните движења.

Минатиот месец вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 4,1 отсто на месечна основа.

„Надолната промена пред сè е резултат на падот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 2,6 отсто, во поголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и во денари, при дополнителен придонес и на депозитните пари, а во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута и во денари“, посочуваат од Народната банка.

Оттаму информираат дека кредитите на корпоративниот сектор овој месец бележат месечен пад од 1,6 отсто, којшто се должи на пониските одобрени кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити.


Статијата е прочитана 127 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско