Ковачевски: „Зголеменото производство на струја отвора можности за воведување на евтина дневна тарифа“

Од први јануари до осми февруари годинава, ЕСМ произвела над 720 илјади мегават часови електрична енергија, што е за 40 % повеќе од истиот период лани, рече премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието во четвртокот.

Претседателот на Владата истакна дека за поздравување се најавите на Регулаторната комисија за енергетика дека се прават анализи за воведување на евтина дневна тарифа на струјата и потенцираше дека ваквите можности се отвораат со зголеменото производство на струја.

АД ЕСМ ги вклучи сите државни капацитети за производство на енергија, како што се трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, како и двете гасни електрани во Скопје.

„Цената за граѓаните е стабилна, покачување нема, додека евтина цена на струја имаат училишта, прехранбениот сектор и главните институции кои што даваат здравствени услуги на граѓаните. Со навремени интервенции и мерки, како Влада покажавме дека можеме да се носиме со енергетската криза, без притоа да имаме ценовни шокови кај основните прехранбени производи и струјата. Во 2022 година пак беа произведени 27 отсто повеќе струја отколку во 2021 година, а оваа години растот е проектиран на дополнителни 20 проценти што се потврди како изводлив во месец јануари оваа година“, рече Ковачевски.


Статијата е прочитана 246 пати.

Сподели: