Пешев:  „Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, ако сака да интервенира Владата, да ги активира стоковните резерви“

Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, пренесува МИА.

Според Пешев, економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Подобро е, рече, да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно.

„Владата посегна по оваа мерка, сакајќи да го намали притисокот на населението кое се најде во економски проблеми, но јас мислам, а и вие слушнавте, дека сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените“, напомена Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред Македонско-австриските бизнис-средби во Комората.

Замрзнување на цените, потенцира, е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.


Статијата е прочитана 207 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско