Ковачевски – Брнабиќ: Србија ќе се приклучи кон интерконекторот Северна Македонија-Грција

Денешните средби во Белград се силна потврда за соработката која е на највисоко ниво меѓу Северна Македонија и Србија од кога станавме независни држави. Билатералните односи се без отворени прашања, а соработката сестрана, истакна денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, кој е во официјална посета на Белград, пренесува МИА. 

Ковачевски испрати порака дека имаме силна политичка волја да продолжиме во негување и продлабочување на добрососедските односи и соработката во сите области.

Трасиравме пат за нови иницијативи и за заедничка соработка во иднина, рече Ковачевски, притоа посочувајќи ја важноста и значајноста на иницијативата „Отворен Балкан“ и бенефитите што граѓаните и стопанството ги имаат од оваа иницијатива“.

 

Во Белград денеска се потпишани и меморандуми за соработка во областа на рударството и енергетиката, како и за подобар проток на лица и стоки и електронски систем за патарина.

Меморандумот за соработка во делот на енергетиката се однесува на гасниот интерконектор што ќе се гради меѓу Северна Македонија и Грција и кон кој, според денешните најави, ќе се приклучи и Србија.

Иницијативата „Отворен Балкан“, според српската премиерка, има придонес во подобрувањето на економските и политичкте односи меѓу државите, а економските подобрувања се директна последица на оваа иницијатива.

Во текот на следниот месец треба да се усогласи и терминот за третата заедничка седница на двете влади што ќе се одржи во Србија.

Брнабиќ истакна дека Србија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија. Најави дека 5 април ќе биде потпишан надополнет меморандум за соработка во евроинтеграциите меѓу Северна Македонија и Србија.

Официјалната посета на Белград, Ковачевски ја почна со средба со српскиот претседател Александар Вучиќ на која е оценето дека билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво, економска соработка и трговска размена. Ковачевски и Вучиќ разговараа и за регионалните иницијативи кои се можност за перспективи и уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка.

Северна Македонија, Србија и Албанија, кои се дел од иницијативата „Отворен Балкан“, во недела ќе се претстават на заеднички штанд на најголемиот саем за вино во Италија.


Статијата е прочитана 343 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско