Ангеловска-Бежоска: Стабилноста на девизниот курс е сидро на ценовната и финансиската стабилност

Стабилноста на курсот на денарот и во текот на последната криза се покажа како сидро на стабилноста во домашната економија. Стратегијата на фиксен девизен курс спречи поголеми инфлациски притисоци, а придонесува и кон одржување на финансиската стабилност со оглед на релативно високата евроизација во кредитното портфолио на банкарскиот систем, порача гувернерката на Народната банка (НБ), Анита Ангеловска-Бежоска на тркалезната маса на гувернери, во рамките на Регионалниот состанок на гувернери, којшто се одржува во Опатија, Хрватска.

Во контекст на одржувањето на фиксниот девизен курс на денарот, а со тоа и макроекономската и финансиска стабилност во земјата, како што истакнуваат од НБ, гувернерката посочи на соодветното ниво на девизните резерви, коишто според последните податоци изнесуваат 4,2 милијарди евра.

„Ова е историски високо ниво и е клучен показател на капацитетот за успешно спроведување на монетарната стратегија. Таа посочи и дека од почетокот на енергетската криза, поради високите увозни притисоци, за одржување на стабилноста, Народната банка интервенира на девизниот пазар со што овозможи задоволување на повисоката побарувачка на девизна ликвидност. Веќе од јули минатата година, на девизниот пазар дојде до значително стабилизирање, а Народната банка интервенира со откуп на девизи, што заедно со надворешното финансирање, обезбеди дополнителна поддршка на девизните резерви“, велат од НБ. 

За годинава, додаваат, се очекува намалување на трговскиот дефицит при постепено стабилизирање на берзанските цени (особено на енергентите), што ќе придонесе за помали притисоци врз увозот, но и при поповолна конјунктура за дел од извозниот сектор. Ова, заедно со  дополнителните текови преку финансиската сметка, и натаму би ги јакнело девизните резерви како основа за одржување на стабилноста на девизниот курс.


Статијата е прочитана 278 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско