Агенција „Марили“ ги додели наградите на најуспешните жени менаџери од земјава и од регионот

Агенција „Марили“ по 27-ми пат ги награди најуспешните жени менаџери од земјава и регионот на 27.05.2023 година во Скопје. Во прекрасниот амбиент на „Панорамика Дизајн Хотел“, збогатен со оригиналните најави од водителката Ели Танасковска и музичките настапи на нашата врвна, меѓународно призната  виолинистка Ева Богоевска им беа доделени статуетки „Жена водилка“ на 10 најуспешни жени менаџери. 

Лауреатки се:

1. Драгица Устапетрова Атанасова – генерален менаџер на „Импера Плус Инженеринг“, Скопје

2. Наташа Денковска Бојковски, генерален менаџер на „Бучен Козјак“,  Куманово

3. Јасминка Вангелова - генерален менаџер на „Интерфуд вендинг кафемати“, Скопје

4. Ангела Јолакоска – Финансов менаџер на „АСП-ПАК“, Охрид

5. Маја Станковска Костова - генерален менаџер на Кроациа Осигурување Живот, Скопје

6. Марија Костуранова - генерален менаџер на „Диоптра оптикс“, Скопје

7. Маја Кузмановска - генерален директор на „Бизнис Академија Смилевски“ БАС 

8. Весна Чемерска Попова –  генерален менаџер на „Фуџи Дент“, Кавадарци

9. Аракси Микаелијан  - генерален менаџер на „Инфо Тим Логистика“ , Војводина, Р. Србија

10. Санија Мурати –  Директор на НВО „Лејди“, Р. Косово и директор на BWA- Business Women Assotiation

На отворањето на манифестацијата, генералната менаџерка на агенција Марили, госпоѓа Лидија Трипуноска истакна дека успесите на менаџерките не се значајни само за нивните компании и за нивните семејства, туку и за општествата, нашето и од земјите од регионот, бидејќи тие се двигатели на економијата, но и позитивен пример за младите генерации кои мора да ги охрабриме и убедиме дека и на овие простори може да гради, да се создава и да се испишуваат успешни бизнис приказни.

Годинава манифестацијата ја одбележа и хуманитарниот дух на членките на „Марили Бизнис Клуб“ (МБК)  кои донираа 500 тестови за апаратот „Афиас – 6“ за безболни крвни анализи, а истиот за МБК го отстапи членката на Клубот, Наташа Блажевска од Л&Н&Т Диагностик.  Апаратот е донација за ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата во Козле. По повод донацијата, на манифестацијата присуствуаа организацискиот директор на болницата, м-р Тахир Таири, како и д-р Мирјана Поповска, лекар специјалист педијатар којашто им се обрати и им се заблагодари на членките на Клубот и на присутните.

На свеченото отворање се обрати и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, чијшто дел од говор го пренесуваме во оригинална верзија.

Во продолжение дел од обраќањето на Лукаревска:

-Ми претставува огромна чест и задоволство што сум дел од 27 – та по ред  манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“. На почетокот сакам на сите присутни жени лидери од земјава и од регионот да им посакам топло добредојде и да ви честитам за вашата храброст и одлучност што се вклучивте во светот на претприемништвото каде се создаваат иновативни, успешни компании. Преку вашите проекти го креирате вашето место во деловниот свет, претставувате сила со која сите се гордееме не само во нашата земја, туку и во регионот. Покажавте и докажавте дека ги поместувате границите, правите лични, општествени, економски промени. И денешниот настан е еден сегмент преку кои заедно делуваме и сме мотив и поддршка за сите кои имаат потенцијал, да почнат да делуваат, да придонесуваат кон стекнување на економска независност, кон нови успешни приказни кои ќе значат нови работни места, нови капацитети во кои се креираат производи со дополнителна додадена вредност.

На светот, на нашата земја, на регионот му се потребни силни, успешни, жени лидери во сите дејности. Како претставнички на бизнис секторот и во време на специфични услови за водење на бизнис докажаме заедно дека со стабилни стратегии, мерки успеавме да ги пребродиме предизвиците со кои се соочи цел свет.

При посетите на компаниите и во разговорите многу пооптимистични и поприлагодливи на тековните движења се  жените за разлика од мажите. Пофлексибилни се, не се корумпирани,  емпатични се и мошне прилагодливи. Тоа го покажаа и во пандемијата, за бизнисите кои создаваа добри производи и нудеа квалитетни услуги, немаше граници, ниту пречки.

Токму ваквите прилагодливи, оптимистични и вредни работници ги препознавам и во мојот тим.

Ниту еден човек не може да стане голем лидер ако се прави сам. На сите ни се потребни луѓе кои ќе ни помогнат да имаме успешни фирми и институции кои се сервис на граѓаните. И јас во мојот тим имам близу 1.000 вработени, и повеќе од половина од вработените се жени, а дури 90 жени се на раководни позиции во Управата за јавни приходи или 50 % од пополнетите раководни позиции се менаџираат од жени.

Целиот тим во мојот кабинет е составен од жени кои несебично придонесуваат заеднички да постигнуваме резултати да ја развиваме институцијата. Задоволство е што колегите даваат несебична поддршка за родов баланс во рамки на институција.

Институциите, ние функционерите имаме задача да ви го олеснуваме и поддржуваме вашиот претприемачки пат, да создаваме услови за финансиска поддршка, за пристап до ресурси, за развој со целиот потенцијал. Нека вашето претприемништво биде извор на инспирација за сите кои сакаат да градат сопствени бизниси. Вашиот глас е важен, вашиот успех има влијание, вие сте извор и инспирација за сите околу вас за следните генерации на бизнисмени. Вашиот придонес во менторство и поддршката нека  биде водилка за другите жени кои сонуваат да се вклучат во светот на претприемништвото. Продолжете да го остварувате својот потенцијал и да го менувате светот околу вас, да креирате нови проекти, да бидете двигатели и водачи на нови успешни приказни и да ја промовирате нашата земја во светот.-


Статијата е прочитана 713 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско