DoubleTree by Hilton - Совршенство и вистински репер за хотелиерството во Македонија

Интервју со Даниела Адемоска, сопственичка и извршна директорка на хотелот DoubleTree by Hilton – Скопје. Покрај оваа многу одговорна функција Адемоска е на чело и на „Рамстор Македонија“. Во 2020 година нивната групација го презема еден од најголемите синџири на супермаркети „Рамстор“ и трговскиот центар „Рамстор мол“, кои веќе 20 години имаат успешен раст и повеќе од 1.000 вработени. Дел од нивната групација е и „Капитол мол“ во населбата Аеродром, кој претставува модерна инвестиција што има цел да ги задоволи потребите на своите посетители.
Адемоска долги години менаџираше и со хотелот „Стоун Бриџ“ во Скопје, а како дел од на семејните бизниси, во рамки на „Сити Плаза Холдинг“ управуваат со неколку важни дејности што играат клучна улога во нивната стратегија за проширување на малопродажбата.
Дел од портфолиото на Адемоска е и модниот сектор, а во моментов се работи и на проширување во модната индустрија со фокус на создавање и лансирање нови модни брендови и концепти. Во рамки на нивната групација вклучени се и проектите на нивната градежна компанија „Пера констракшн“, која значително инвестира во обновливи извори на енергија што се од огромна важност за иднината на одржливоста и развивањето на еколошката свест.
МАРИЛИ: Вие сте сопственичка и извршна директорка на најлуксузниот хотел во земјава, DoubleTree by Hilton - Скопје. Накратко, кои се капацитетите на хотелот и што значи да се управува со светски етаблиран бренд?
АДЕМОСКА: Брендот Hilton во светски рамки е синоним за квалитет и воспоставени највисоки стандарди во хотелиерството што мора доследно да се почитуваат, така што сум исклучително горда што овој врвен бренд во нас ги препозна своите вредности и ни ја довери честа да го развиваме Hilton и во земјава.
Тоа е огромна чест, но истовремено и уште поголема обврска да се оправдаат високите очекувања и да се задоволат врвните стандарди.
Ние максимално ја оправдуваме укажаната доверба со тоа што го развиваме брендот и над очекувањата, етаблирајќи го DoubleTree by Hilton - Скопје како лидер во хотелиерството, не само во Македонија туку и во поширокиот регион.
Потврда за тоа се и многубројните награди и признанија во изминативе пет години за најдобар хотел од брендот Hilton во Југоисточна Европа, кое нѐ претставува како репер за сите други хотели од овој бренд.
DoubleTree by Hilton - Скопје е повеќе од само луксузен хотел со пет ѕвезди, тоа е место каде што гостите можат вистински да ги почувствуваат врвниот квалитет на услугите, гостопримливоста и беспрекорното функционирање во секој сегмент.
Хотелот располага со 170 елегантно уредени соби и 15 апартмани, од кои еден е претседателски, седум модерни сали за организација на најразлични настани, најсовремени спа и фитнес центар, како и два врвни ресторана.
Управувањето со светски познат бренд како DoubleTree by Hilton значи многу поголема одговорност. Од една страна, тоа ни дава можност да ги имаме највисоките стандарди на услуга и квалитет, но исто така бара постојано усогласување со глобалните протоколи и насоки на брендот. Потребно е да се одржува доследност и да се создаде искуство за гостите што ќе ги задоволи очекувањата на бренд со глобално признание. Во исто време организирањето значајни настани, како што се Брдо Бриони, НАТО-самити и други меѓународни собири, каде што присуствуваат претседатели и високи делегации од сите региони, нè позиционира како клучна дестинација за високи дипломатски и бизнис-настани.
Со постојано следење на технолошките иновации, како што се дигиталните решенија за хотелските услуги и персонализираните апликации за гостите, се трудиме да бидеме на врвот на индустријата, нудејќи висококвалитетна услуга, одлични содржини и пријатна атмосфера.
Токму оваа динамика на постојано усовршување и приспособување на новите стандарди е она што ја прави оваа улога толку возбудлива. Управувањето со DoubleTree by Hilton - Скопје значи континуиран напор да се создадат извонредни искуства за нашите гости, истовремено внимавајќи на деталите што ја градат репутацијата на Hilton како светски лидер во угостителството.
Долгогодишното менаџерско искуство ми помага до перфекција да ги селектирам вистинските луѓе околу себе, со што и во Hilton, како и во другите семејни бизниси, успеав да изградам одличен тим менаџери што многу успешно напредува во кариерниот развој и е најсилна алка во целокупното функционирање на хотелот.
Без овој врвен тим ниту јас ниту, пак, DoubleTree by Hilton - Скопје би бил толку успешна приказна со која сите се гордееме.
МАРИЛИ: Речиси 25 години Вие сте директен учесник во развојот на хотелиерската дејност во земјава. Дали сметате дека хотелиерството кај нас е на задоволително ниво и како котираме во однос на регионот?
АДЕМОСКА: Првичното искуство во хотелиерската дејност го стекнав преку долгогодишното успешно менаџирање на хотелот „Стоун бриџ“ (Stone Bridge), кој е дел од широкото портфолио на нашите успешни семејни бизниси. Кога ќе погледнам назад во овие 25 години, може да кажам дека има значителен напредок во хотелиерството кај нас. Сè повеќе инвестиции се насочуваат кон подобрување на квалитетот на услугите и инфраструктурата, што е клучно за да се биде конкурентен во оваа дејност.
Сепак, сметам дека сè уште имаме простор за раст, особено во делот на обука на кадарот и подобрување на нивото на услугите. Во споредба со регионот, нашите хотели имаат конкурентни предности, но и одредени слабости на кои треба да се обрне внимание. Хотелиерството како дејност е посебен предизвик за кое се потребни огромно знаење, искуство, вложување многу големи финансиски средства, труд и упорност за да има видливи резултати. Покрај сето тоа, потребно е и силно лично вложување, планирање, осмислување, внимавање на сите детали, особено ако сте перфекционист како што сум јас.
Лично верувам дека со стратегиски пристап и вложување во човечки ресурси Македонија може да се издигне на уште повисоко ниво кога станува збор за оваа дејност, особено што целата оваа индустрија, всушност, е наш амбасадор кон светот. Тоа што гостите го перципираат од услугата, квалитетот на престојот во Македонија, начинот на кој нѐ доживуваат, всушност, е тоа што го носат со себе дома. И нема поголема сатисфакција од можноста да ја креираме позитивната слика за нашата држава.
МАРИЛИ: Покрај хотелиерството, насочени сте и кон други дејности. За кои дејности станува збор и кои се најактуелните новитети во однос на ширењето на Вашите бизниси?
АДЕМОСКА: Во рамките на „Сити Плаза Холдинг“ управуваме со неколку важни дејности што играат клучна улога во нашата стратегија за проширување на малопродажбата.
Во 2020 година, со преземањето на еден од најголемите синџири на супермаркети „Рамстор“ и трговскиот центар „Рамстор мол“, кои веќе имаат 20 години успешен раст и повеќе од 1.000 вработени, застанав на чело на „Рамстор Македонија“. Под мое раководство „Рамстор“ продолжи да ја зацврстува позицијата лидер во малопродажната индустрија. Нашата стратегија за секој нов проект се фокусира на динамично проширување на понудата и оптимизирање на потрошувачкото искуство преку воведување иновативни решенија и нови бизнис-модели што ја следат брзата еволуција на пазарот и потребите на современите потрошувачи, со што продолжуваме да растеме и да се позиционираме како нешто многу повеќе од трговски синџир.
„Рамстор мол“ е прв трговски центар со глобални стандарди во Македонија, лоциран во срцето на градот. Тој е познат по тоа што е централен дел од секојдневниот живот на голем број посетители, кои го препознаваат како совршено место за шопинг, забава и релаксирање.
„Капитол мол“ во населбата Аеродром, од друга страна, претставува модерна инвестиција што има цел да ги задоволи потребите на своите посетители. Со својата современа инфраструктура, позиционираност и понуда на брендови и различни услуги, „Капитол мол“ е поставен како семеен и културен трговски центар во кој посетителите уживаат во различни аспекти на пазарување и забава.
Како дел од моето портфолио е и модниот сектор и во моментов работиме и на проширување во модната индустрија со фокус на создавање и лансирање нови модни брендови и концепти. Покрај овие активности, во рамките на групацијата вклучени се и проектите на нашата градежна компанија „Пера констракшн“, која значително инвестира во обновливи извори на енергија што се од огромна важност за иднината на одржливоста и развивањето на еколошката свест.
„Пера констракшн“ активно учествува во реализацијата на модерни инфраструктурни проекти и изградба на енергетски ефикасни објекти во согласност со највисоките стандарди за одржливост и енергетска ефикасност.
Ние постојано инвестираме и подготвуваме нови иницијативи што ќе се реализираат во текот на наредните години. Во следниот период продолжуваме да ја развиваме нашата инфраструктура, да ја зголемуваме понудата и да имплементираме иновации како лидери во секој сегмент од работењето.
Секој нов проект е продолжување на нашата стратегија за раст и напредок, а тоа ни овозможува да ја задржиме конкурентноста на пазарот и да создадеме нови можности за нашите вработени и за целокупната домашна економија.
Како за крај, еден важен сегмент на гореспоменатото е дека не би можеле да постигнеме ништо без нашиот одличен тим од врвни менаџери и одговорни лица во сите наши бизниси. Нивната посветеност, стручност и менаџерски способности се основа на нашите постигнувања.
Со овој извонреден тим со кој располагаме постојано се стремиме кон иновации, напредок и успех. Нивната координација и експертиза играат клучна улога во реализацијата на нашите цели и визија.
МАРИЛИ: Вие сте една од најуспешните жени менаџери во нашата земја. Каде е женското менаџерство денес, дали напредува и кои се Вашите пораки до младите жени што влегуваат во бизнис како претприемачи и менаџери?
АДЕМОСКА: Женското менаџерство денес има многу поголема видливост и добива поголемо признание отколку што беше случај пред две децении. Жените во Македонија, но и пошироко, докажуваат дека можат да бидат лидери во секоја област доколку им се даде можност. Моето искуство на значајни менаџерски позиции во најразлични дејности ме научи дека клучот е во вербата во себе, упорноста и константното учење, но на тој пат неопходна е поддршката и од најблиските.
На младите жени што влегуваат во бизнисот би им порачала да не дозволат стравот од неуспех да ги спречи да преземат чекори за да одат напред. Патот може да биде тежок, исцрпувачки, понекогаш и обесхрабрувачки, но огромно е задоволството кога ќе се стигне на крајот од тој пат. Исто така, би им порачала дека е многу важно да се опкружат со луѓе што ќе ги поддржуваат и инспирираат на нивниот пат. Верувајте, жените можат да прават неверојатни промени кога се посветени и здружени, но и кога имаат зацртани јасни цели и детален план за нивна реализација. Дополнително, досегашното искуство низ години веќе профилира сериозни жени менаџери, успешни и искусни во сфера што до неодамна се сметаше само за машки сегмент.
Исто така, мислам дека една од најважните карактеристики на успешните жени менаџери е нивната способност да се адаптираат на промените, особено во време на брза дигитализација и нови предизвици на пазарот. Во денешно време технологијата и иновациите имаат клучна улога во растот на бизнисите, а жените што ги разбираат и ги применуваат овие алатки имаат голем потенцијал за успех. Токму затоа важно е да се вложува во личниот и професионалниот развој преку едукација, стекнување нови вештини и запознавање со новите трендови. Жените во менаџментот треба да се инспирираат од други успешни примери, но и да создаваат нови патишта и да станат ментори за идните генерации. Моја порака до младите жени што влегуваат во бизнисот како претприемачи и менаџери е да не се плашат да се истакнат, да ги следат своите амбиции и да се борат за своето место.
МАРИЛИ: Која е Даниела Адемоска приватно и што ја релаксира и ѝ дава енергија по напорниот работен ден?
АДЕМОСКА: Јас сум сопруга и мајка на две прекрасни деца. Приватно, Даниела Адемоска е автентична личност. Ја ценам својата приватност и не се чувствувам удобно кога треба да се експонирам.
Многу ми е важно да останам верна на себе, да бидам искрена и да ги следам своите принципи, а во исто време да создавам искрени и длабоки врски со оние што ми се блиски. Јас сум личност што ги цени важноста на семејството и моментите поминати со најблиските.
Семејството е моја најголема поддршка, инспирација и покрај сопругот и децата најлесно го наоѓам својот мир од динамичното секојдневје. Иако со сопругот сме бизнисмени во чие резиме се запишани огромни деловни успеси, заедно ги водиме најголемите семејни бизниси и поддршка сме еден на друг во сите аспекти, како во приватниот живот, така и во деловните предизвици, сепак наше најголемо постигнување и гордост е тоа што израснавме две прекрасни деца што пленат со својата скромност и трудољубивост.
И двете деца се успешни на свој начин, следејќи го својот сон да ги реализираат зацртаните планови. Синот полека навлегува во тајните на семејниот бизнис, вклучен е во активностите и секојдневно стекнува искуство со многу труд и работа. Ќерката студира во Лондон на еден од најпрестижните универзитети, каде што постигнува извонредни резултати и е еден од најдобрите студенти. Покрај тоа што во Лондон се стекнува со врвни знаења, таа преку универзитетот успешно гради мрежа на конекции што се исклучително значајни за нејзиниот натамошен академски и професионален развој.
Наша најголема амбиција е знаењето и искуството стекнати во Лондон да ги примени овде во Македонија и да се врати со цел да придонесе во развојот на нашето општество. Сакаме да ја видиме како носител на нови идеи и иновации што ќе го подобрат нашиот економски и социјален развој, истовремено создавајќи позитивни промени и инспирација за идните генерации. Можам слободно да кажам дека ако изминатите години сме го пренесувале своето знаење, искуство и животни вредности на нашите деца, сега полека работите се менуваат и си ја дозволуваме слободата и ние да учиме од нив.
Новите генерации носат посебен елан и размислуваат поинаку, а тоа е нормално. За мене е предизвик да гледам, да учам, да сум сведок на нивното формирање во свои личности.
Статијата е прочитана 390 пати.