Јубилејното 65-то издание на „Охридско лето“ стартува на 12 јули, годинава под мотото „Уметноста трансформира“

Овогодишното 65-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“, традиционално, ќе започне на 12 јули во Античкиот театар, со музичко – визуелниот спектакал „Трансформација на сетилата“ , во кој ќе настапат Македонската филхармонија и уметници од САД. Фестивалот ќе биде затворен на 20 август, со изведба на претставата „ Електра“ во режија на Дејан Пројковски.

Програмата кој крајот на април ја претставија директорот на фестивалот Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски и селекторите на музичката и драмската програма. Годинава е претставена под мотото „ Уметноста трансформира“, со што се потенцира моќта на уметноста да го промени општеството и да отвори нови перспективи. Визуелно – музичко доживување најави новиот директор на „ Охридско лето“ , тенорот Ѓорѓи Цуцковски , за отворањето на фестивалот.

На 3-ти август публиката ќе има можност да види спектакуларна изведба на „Кармина Бурана – Симфонија на Битовите“, со учество на повеќе од 70 уметници и со електронското дуо IDQ од Србија. Тоа ќе биде вовед во прославата на 65 роденден на „ Охридско лето“ на 4 август, кога рецитал ќе одржи нашата примадона Ана Дурловски. Меѓу музичките настани на ова издание, конципирано како спој на класиката и современиот израз, се и  настапите на пијанистите Михаил Пљетнов и Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, уметницата на кастањети Лучера Тено со харфистот  Хавиер Де Маестре и Нашиот џез оркестар со Шон Кути.

Европската фестивалска асоцијација вклучува над 140 фестивали од 40 земји, во која „Охридско лето“ членува од 1994 година. 


Статијата е прочитана 74 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско