Модно студио „ГО“ - градењето бренд е раскажување заедничка приказна со клиентот

Интервју со модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева, сопственичка на модното студио „ГО“ во кое зборува за 15 –годишното успешно постоење на модниот бренд, за важноста на комуникацијата со клиентите, за среќата на клиентите кога ќе го видат крајниот производ, за идните планови, за новата колекција, за нејзините врвни креации кои низ годините добија интернационална препознатливост.

Ѓоргиева зборува за почетоците во светот на модата кои датираат од раната младост и дека за неа брендот „ГО“ значи живот.

Mодното студио на Олгица Ѓогиева е долгогодишнен соработник и поддржувач на поректите на агенција „Марили“. Ѓоргиева во своите најнови колекции внесува дел од македонската традиција со цел зачувување на македонските трајни вредности и македонскиот бит, што е и носечка тема на Воведниот дел на Бизнис Каталог на Р.С.М. 2023 во издаваштво на „Марили“.

 

Марили: Од кога постои модното студио „ГО“  и што е она што го прави вашиот бренд специфичен?

Ѓоргиева: Модното студио „ГО“ започна со работа пред повеќе од 15 години и тоа е бренд што успешно чекори во светот на модата. Потребите на клиентот, неговата приказна, квалитетот и секако задоволството од крајниот продукт се најважни во градењето успешен бренд. Својата модна приказна Олгица Ѓоргиева ја започнав релативно млада, веднаш по дипломирањето и за мене значи живот.

 На почетокот кога ја започнував кариерата некако сакав да ја раздвојам Олгица како моден дизајнер и Олгица како личност, за на крајот да сфатам дека тоа е невозможно. Низ сите овие години си бевме потребни една на друга, јас го изградив брендот, а брендот мене.

Градењето бренд е раскажување заедничка приказна со клиентот. Задоволството е на двете страни, брендот ужива во пишувањето на приказната, а клиентот во производот од приказната. Станува збор за специфичен бизнис што на крајот од денот треба да нацрта насмевка на лицето на клиентот и да поттикне чувство на задоволство.

Паралелно со модниот дизајн, мојата кариера доживеа проширување или, како што јас сакам да кажам, додадена вредност на мојата работа. Огромна сатисфакција за мене како уметник е што успеав кариерата да ја проширам интернационално и да бидам дел од големи проекти што се многу значајни за моето портфолио.

МАРИЛИ: Освен што секојдневно креирате незаборавни и оригинални креации за вашите клиенти, Вие работите и како костимограф за балетски претстави и тоа надвор од границите на земјава. За што конретно станува збор и во кои држави работевте?

 

Ѓоргиева: Изминативе четири години работев паралелно и како костимограф за балетски претстави надвор од Македонија. Ја работев костимографијата за претставата „Електра“ во Грција, во Австрија за претставата „Амадеус“, а „Ајде на валцер“ e моја последна претстава со Словенечката опера и балет.

Благодарение на успехот на претставите, соработката продолжи и затоа во најава се неколку нови претстави надвор од државата. Костимографијата за претставата „Хамлет“ веќе е потврдена, така што следуваат новости во иднина.

МАРИЛИ: Кои новитети можеме да ги очекуваме од Вашето модно студио? На што сте фокусирани периодов?

Ѓоргиева: Земајќи предвид дека дел од периодот бев и ќе бидам отстутна од државата, оваа сезона ќе работам концептуално.

Оваа сезона од мене ќе може да се види мини, капсулна колекција што ќе биде дополнета со веќе постојната приказна со чантите и се очекуваат нови, оригинални дизајни на чанти.

Ново во мојата работа е тоа што вметнав и нов производ, накит изработен од сребро, облагороден со македонски рубин, кој е одлика за нашето поднебје и, секако, е круцијален дел за зачувување на македонските трајни вредности и македонскиот бит.

МАРИЛИ: Споменавте дека во вашите модни линии ќе ја внесете традицијата? За какви новитети станува збор?

Ѓоргиева: Лого на една од моите линии е пеперутката. Одлучив на некој начин да ја искористам традицијата, но во една малку поинаква и помодерна верзија. Имајќи предвид дека еден од оригиналните накити од македонската традиција е пеперутката од филигран, на некој начин се совпадна со моето лого.

Накитот го изработуваат мајстори што со генерации работат филигран. Останува континуираната работа на приватни нарачки, односно креации изработени по мерка, кои се моја специјалност.

Следуваат многу настани и прослави, период исполнет со креативност и многу нови креации.

 


Статијата е прочитана 1132 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско