BeeConsulting – нова компанија на регионалниот пазар со мисија да создаде фирми и лидери кои знаат да растат, но и да градат вистинска бизнис култура

Интервју со Тања Милисковиќ, сопственичка и генерален менаџер на BeeConsulting, млада компанија на македонскиот и регионалниот пазар која нуди менаџмент консалтинг со мисија да го ослободи лидерскиот потенцијал кај поединците и организациите, овозможувајќи им да се снајдат и да напредуваат во динамичниот свет.

Нудат од стратегии и подобрување на процеси, заштеди, до развој на лидери и управување со промени – како што се: Стратегиски консалтинг – дефинирање и спроведување стратегии за раст и развој, Подобрување на процеси –оптимизација на производство, логистика, одржување и клучни функции во компанијата, Развој на лидери и тимови – градење на лидерски вештини, подобрување на тимска динамика, менторство, организациона комуникација и корпоративна култура, Советување и правна поддршка за управување со промени – поддршка на компании во транзиции, преструктурирања или нови инвестиции како и Борд и извршни услуги (интерим менаџмент) – експертиза и учество на управувачко ниво за долгорочен успех.

Тања Милисковиќ има 20 годишно домашно и меѓународно искуство во реалниот бизнис како специјалист и раководител во различни индустрии и услужни дејности.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер со долгогодишно искуство, а сега и сопственичка на компанијата BeeConsulting. Од каде потекнува идејата за името на компанијата, што Ве инспирираше?

МИЛИСКОВИЌ: Името настана во еден специфичен период од мојот живот кога имав избор тоа лето 2024 да го памтам како периодот кога ја доживеав најголемата неправда и болка професинално, или да биде летото кога ќе отворам сопствена компанија. Го избрав второто, а инспирација ми беа пчелите и музиката на Бијонсе. 

Од една страна, пчелата како симбол на трудољубивост, создавање и тимска сила. Таа е мала, но прави неверојатни резултати кога работи со заедницата. Така ја замислив и мојата компанија – да зуи од енергија, да гради и да остава трага што ќе трае.

По сите предизвици кои ги минав, ова име ми беше и симбол на отпор и на нов почеток – дека од болката може да се роди нешто големо.

Од друга страна, музиката на Бијонсе која симболизира моќ, идентитет, слобода и трансформација – како уметнички израз кој охрабрува и индивидуи и заедници да веруваат во сопствената сила — потсетник дека секој од нас може да стане своја сопствена револуција.

Ги споив овие две и настана BeeConsulting.

МАРИЛИ: Која е целта и мисијата на BeeConsulting?

МИЛИСКОВИЌ: За мене успехот не е само во бројките, туку во наследството што ќе го оставиме зад себе и каква улога ќе имаме во животите на другите луѓе, во местото во кое живееме/функционираме, и крајно во државата која ни е татковина. 

Мисијата на BeeConsulting е да создаде компании и лидери кои знаат да растат, но и да ја градат вистинската култура – онаа што инспирира и трае.

Да поставуваат вистински пример за лидерство каде можностите и привилегиите не значат само личен бенефит, туку придонес на сите нивоа: во семејството, во тимовите, заедницата, во градот, во целиот регион…

Оваа мисија за мене е и лична и затоа се стремам да создадеме системи каде што правдата, вредностите и резултатите се на прво место.

МАРИЛИ: Bee Consulting нуди многу услуги. Набројте ги и накусо опишете ги сите услуги што ги нудите? Како можат заинтересираните да Ве најдат и да ги користат вашите услуги?

МИЛИСКОВИЌ: Јас имам 20 години искуство во реалниот бизнис, како специјалист и раководител во различни индустрии и услужни дејности. И додека работев посветено и ги знаев сите детали за работата, многу често слушав од сопствениците или shareholder-ите: „Да, сѐ си во право, ама некогаш треба многу скап консултат да го потврди истото”. Сѐ што имам научено на дело, е имплементирано во програмата на компанијата.

Во BeeConsulting ние сме сојузници на оние кои ги носат одлуките и оние кои ја работат работата. Не нудиме шаблони, туку решенија што носат вистинска промена.

Од стратегии и подобрување на процеси, заштеди, до развој на лидери и управување со промени – како што се: 

Стратегиски консалтинг – дефинирање и спроведување стратегии за раст и развој.

Подобрување на процеси –оптимизација на производство, логистика, чр, одржување и клучни функции во компанијата.

Развој на лидери и тимови – градење на лидерски вештини, подобрување на тимска динамика, менторство, организациона комуникација и корпоративна култура.

Советување и правна поддршка за управување со промени – поддршка на компании во транзиции, преструктурирања или нови инвестиции.

Борд и извршни услуги (интерим менаџмент) – експертиза и учество на управувачко ниво за долгорочен успех.

Заинтересираните можат да ме најдат преку нашата веб-страница beeconsulting.mk, преку LinkedIn или директно на контакт-мејлот, contact@beeconsulting.mk

МАРИЛИ: Каде се дејствува Bee Consulting? Дали освен на македонскиот, ќе ги нудите вашите услуги пошироко, на пример на регионалниот пазар?

МИЛИСКОВИЌ: Моето искуство и визија се интернационални. Верувам дека она што го нудиме може да донесе вредност не само во државата, туку и многу пошироко. 

Иако компанијата е со седиште во Македонија, работиме на поширок регионален пазар – Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и пошироко. Услугите се прилагодени за компании кои сакаат да функционираат и на глобално ниво.

Јас сум исто така отворена за вистинската лидерска можност во голема организација – бидејќи мојата експертиза таму може да донесе силна трансформација. А BeeConsulting ќе продолжи да функционира, затоа што работам со доверливи партнери со кои градиме заедничка визија.

МАРИЛИ: На вашиот сајт beeconsulting.mk во делот „Ние сме Балканци“ повикувате да се живее и инвестира на Балканот? Има ли услови за успешни претприемачки приказни на овие простори?

МИЛИСКОВИЌ: Да, Балканот има огромен потенцијал. Не е секогаш лесно, но токму во предизвиците се раѓаат најголемите приказни. 

Ние Балканците имаме храброст и креативност што може да нè одведе далеку. Само треба да се работи на промена на mindset-от и на чувството за сопствената вредност и верба во заедништво. Моето лично искуство покажува дек може да изградите нова приказна, од почеток – и таа приказна да биде уште посилна.

Слична е приказната на земјите од Балканот и клучно е политичките лидери веќе да не го рекламираат Балканот како пазар за евтина работна сила. Таквите индустрии си ја отслужија улогата кога невработеноста беше секаде над 30% и тогаш беа добра одлука. 

Сега треба да се работи на трансформација на институциите, јавната администрација и привлекување на високоплатени работни места бидејќи веќе луѓето на овие простори ги имаат потребните работни навики, знаења и искуства. 

Целта е да се премине од работа со ниска додадена вредност да се кон индустрии засновани на знаење и капитал, кои носат поголеми плати, извоз и стабилни кариери.

Македонија има реална шанса да ја заврши оваа транзиција побрзо од претходните генерации земји – но само ако паралелно се вложува во талент, дигитална држава и доверба на инвеститорите.

МАРИЛИ: Во делот „Блог“ на вашиот сајт привлекува секцијата „Приказната за девојката“. Оттука нашето прашање, дали според Вас жената во бизнисот се избори за рамноправност? 

МИЛИСКОВИЌ: Жените изодија долг пат, но не можам да кажам дека сме на целта. Сè уште има многу бариери. За многу работи не се разговара воопшто, дури ни новинарите не сакаат истражувачки да се замимаваат со теми за кои општеството не е спремно или за кои тие немаат интерес, а институциите се такви какви што се. Има двојни аршини, со многу построги правила кои важат за жените. Секаква емпатија завршува кога ќе слушнат дека на жена која била директорка, и треба помош (замислете (?)). Многу врати со можности се сѐ уште затворени, на пример во управните одбори има многу малку жени, итн..

Јас лично сум минала низ моменти кога морало да бидам двапати посилна за да добијам признание или да не бидам нападната. Луѓето се навикнати на овие простори да се плашат од некој за да го почитуваат. Ако си им достапен, често те земаат здраво-за-готово и те искористуваат за нивен интерес, нема став заради принципи и вредности. Жената мора да вложи двапати повеќе труд за да ја добие истата почит – тоа е вистината што ја живеев и јас. Моето искуство е доказ дека понекогаш системот се обидува да те замолчи, но ако веруваш во себе, можеш да ја претвориш неправдата во сила. Денес новите генерации жени веќе не чекаат дозвола. Тие одат напред, создаваат свои правила и сопствени успеси. И тоа е најголемата победа. 

МАРИЛИ:  Која е Тања Милисковиќ приватно? Што е она што најмногу Ве радува и исполнува во слободното време?

МИЛИСКОВИЌ: Јас на 14 мај 2025 станав мајка. Мојот син Богдан е мојата најголема инспирација. Тој ми покажува дека љубовта е најмоќниот двигател и дека перспективата се менува кога имаш за кого да се бориш. 

Инспирација ми е и брат ми Александар, кој е мој херој, мој најдобар пријател и партнер во BeeConsulting заедно со мене, во техничкиот дел за одржување на машини, алати, системи, опрема и објекти (неговата улога е обезбедување ефикасност и долгорочна одржливост на производствените и деловните системи).

Инспирација ми се и сопругот Милан, кој е мој wingman и најдобриот стратег што сум го запознала, потоа семејството и кумовите, Драги и Силвана Филевски и нивните синови Марио и Марко, најдобрите угостители во Битола и во регионот, кои се пријатели на BeeConsulting.

Меѓу нив е и г-ѓа Лидија од „Марили“, како дама која е голем човек, секогаш своја и пример за лидер и професионалност.

Сето ова е мојот извор на сила и мојот потсетник дека животот, колку и да е неправеден понекогаш, секогаш нуди нова шанса ако имаш храброст да ја прифатиш.

Крајно, само универзумот знае како ќе изгледа конечната приказна на секој од нас. Наше е да веруваме во добро и да правиме добро, бидејќи животот е сепак многу убав. 

 https://www.instagram.com/villadeniro/  

 https://denirocatering.com/


Статијата е прочитана 295 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско