Интервју со Анета Секованиќ од Panaxia Pharmaceutical Малта – Од македонска прехранбена, до европска канабис индустрија

Интервју со Анeта Секованиќ, раководител за технолошки трансфер и валидација и одговорно лице за производство во Panaxia Pharmaceutical во Малта. Panaxia е израелска компанија и меѓународен лидер во производството на екстракти и финални производи од медицински канабис, со фабрики во Израел, Малта и Полска.

Секованиќ е лидер за операции, квалитет и фармацевтско производство со повеќе 17 години искуство во надзор на производство, стратешко и тактичко раководење и оперативна извонредност. Како дипл. технолог својата кариера ја започнува во прехранбената индустрија, а ја продолжува и унапредува во фармацевтската индустрија. 

„Во „Реплек Фарм“ го стекнав најкомплексното и најтемелно знаење поврзано со фармацевтски развој — од идеја, формулација, тестирање, до финален производ. Особено сум горда на Парафен, производ на кој работев од самиот почеток, и кој и денес се произведува и се продава на пазарот. Тоа е доказ дека навистина зад себе ставам вредност. Покрај фармацевтските производи, учествував и во развој на козметичката линија Heaeven 7 и линијата на додатоци во исхрана Forvita, што ми овозможи да стекнам пошироко знаење за различни категории производи и регулаторни околности.“, вели Секованиќ во интервју за „Марили“. 

МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер со дологодишно искуство, кажете ни која е Вашата професионална позиција денес бидејќи работите во меѓународна фармацевтска компанија во Малта?

СЕКОВАНИЌ: Во моментот работам во Panaxia на Малта, каде што сум одговорна за технолошки трансфер и валидација, а воедно ја имам и функцијата одговорно лице за производство. Во суштина, мојата работа е поврзана со воведување нови производи и процеси во производство, со проверка дека се безбедни, стабилни и усогласени со сите регулаторни барања.

Голем дел од задачите се практични: подготовка на валидациски протоколи, следење на изведбата, пишување финални извештаи, како и оптимизирање на производствените протоколи за процесите да бидат поефикасни и појасни. Работам и на подобрување на работните текови, особено затоа што компанијата користи напредна технологија за екстракција и рециклирање на етанол, па секој детал е важен.

Она што навистина ми помага во оваа улога е искуството што го стекнав дома, во Македонија – во развој на производи, технолошки трансфер и водење тимови. Целата таа база на знаење ја пренесувам тука, во интернационално опкружување, и тоа ми дава стабилност и сигурност во секојдневната работа. Оваа позиција е динамична и бара одговорност, но ми дозволува да продолжам да се надградувам во областа во која работам веќе многу години.

МАРИЛИ: Како дојде до овој транасфер, да заминете во Малта, и како го стекнавте искуството за производство на медицински канабис?

СЕКОВАНИЌ: Преселбата во Малта пред сè беше лична одлука. Сакав да направам промена, да се обидам во европска средина и да видам како ќе се развивам професионално надвор од границите на Македонија. Panaxia ја знаев и од претходно, па кога се појави можност за соработка, работите се одвиваа многу природно.

Моето искуство со медицински канабис започна уште во 2016 година, со првите чекори на оваа индустрија во Македонија. Таму ги стекнав најзначајните практични знаења – од развој на производи и технологија, до поставување системи, документација и организација на производство во високо регулирана средина.

Panaxia е израелска компанија и меѓународен лидер во производството на екстракти и финални производи од медицински канабис, со фабрики во Израел, Малта и Полска. Одлуката да ѝ се придружам беше предизвик, но и можност – да влезам во силно развиена и високо регулирана интернационална индустрија, да учам од врвни професионалци и истовремено да го применам искуството што го носам од Македонија.

МАРИЛИ: Долго бевте дел дел од „Реплек Фарм“. Накусо, напишете го професионалниот развој кој го стекнавте во оваа компанија? Кои достигнувања Ве прават горда?

СЕКОВАНИЌ: Професионалната приказна во „Реплек Фарм“ за мене беше клучна — таму се изгради мојата кариера. Започнав како координатор за технолошки трансфер, а со тек на време, работа, учење и посветеност напредував до позиција Заменик директор на R&D. Тоа значеше дека, чекор по чекор, ги поминував сите фази — од оперативни задачи до раководење со цели процеси, тимови и производствени проекти. Во „Реплек Фарм“ го стекнав најкомплексното и најтемелно знаење поврзано со фармацевтски развој — од идеја, формулација, тестирање, до финален производ. Особено сум горда на Парафен, производ на кој работев од самиот почеток, и кој и денес се произведува и се продава на пазарот. Тоа е доказ дека навистина зад себе ставам вредност. Покрај фармацевтските производи, учествував и во развој на козметичката линија Heaeven 7 и линијата на додатоци во исхрана Forvita, што ми овозможи да стекнам пошироко знаење за различни категории производи и регулаторни околности.

Од 2016 година започнав да работам и на проектите со медицински канабис, и тоа беше многу важен момент — токму таму почна мојата приказна со оваа индустрија. Најголемиот професионален предизвик, но и најголема гордост, беше периодот кога „Реплек Фарм“ влезе во заедничка компанија со странски партнер и беше формирана RH Pharma. Бев назначена за Управител и имав одговорност од нула да помогнам во изградбата на современ фармацевтски погон. Заедно со тимот кој го формиравме, ја постигнавме најважната цел — германски EU GMP сертификат, прв во Македонија за оваа област. Тој момент секогаш ќе остане една од најзначајните потврди за мојата работа.

МАРИЛИ: Да се навратиме на почетоците. Каде ја започнавте Вашата кариера како прехранбен технолог и како се одвиваше Вашиот кариерен пат?“

СЕКОВАНИЌ: Мојата професионална приказна започна во „Жито Лукс“, како технолог во смена. Тоа беше првото вистинско работно искуство, во динамична средина, на производствени линии за печива, бурек и смрзнати производи. За кратко време ја добив довербата да ја водам целата линија како менаџер на производство, што на почетокот на кариерата беше голема одговорност, но и голема школа.

Иако работата ми донесе стабилност и одлично производствeно искуство, во мене постоеше желба за поголем професионален раст – за повеќе технологија, повеќе развој и повеќе предизвици. Токму таа потреба ме донесе во фармацевтската индустрија, каде што започнав „од нула“, како да градев нова кариера од почеток.

Гледајќи наназад, преминот од прехранбената во фармацевтската индустрија беше најхраброто, но и највистинското нешто што можев да го направам. Ми овозможи да научам и да изградам знаење со кое подоцна продолжив да се развивам на меѓународно ниво.

МАРИЛИ: Каква е Вашата оценка, дали младите технолози од нашата земја веднаш по студиите можат активно да се вклучат во фармацевтската и во прехранбената индустрија? Колку е оваа професија е ценета во нашата земја?

СЕКОВАНИЌ: Според мое искуство, младите технолози од Македонија имаат солидна основа по завршувањето на студиите и без проблем можат да се вклучат и во фармацевтската и во прехранбената индустрија — знаењето постои, а факултетот навистина дава силна и комплексна техничка подготовка.

Она што верувам дека е предизвик кај нас е што технолозите не секогаш се ценети доволно во индустријата, иако нивното образование е навистина обемно и бара голем труд. И би сакала тоа полека да почне да се менува, бидејќи многу компании сè уште не ја препознаваат реалната вредност на оваа професија. Интересно е што во Европа ситуацијата е поинаква — таму дипломата од Технолошки факултет се признава многу пошироко. На пример, мојата диплома беше официјално верификувана од Malta Qualifications Recognition Information Centre (MQRIC), дел од Malta Further and Higher Education Authority (MFHEA), и истата ми овозможи да ја извршувам функцијата Responsible Person for Production во фармацевтска индустрија. Во Македонија, законската регулатива засега не дозволува технолог да биде носител на дејност во канабис индустријата, без разлика на долгогодишното искуство — и тоа е нешто што секако ги ограничува младите технолози кои сакаат да го градат својот развој во оваа област. Во Европа, ваквата улога е возможна и токму тоа покажува дека имаме потенцијал, само треба да се препознае и искористи.

Затоа вистинското прашање не е дали технолозите можат — туку дали ќе им се даде шанса. А според мене, добро образованите и посветени млади од оваа струка можат да донесат огромна вредност во секоја индустрија.

МАРИЛИ: Како успешен професионалец и лидер, што сметате дека е потребно за континуиран професионален напредок и кои лични карактеристики беа клучни за Вашиот развој?

СЕКОВАНИЌ: За континуиран професионален напредок, најважно е човек да остане искрен најпрво со себе. Да не се плаши да признае кога нешто не знае и кога може да погреши – затоа што токму од тие ситуации се учи најмногу. Кај мене секогаш преовладувала желбата да научам нешто ново, да навлезам подлабоко во процесите и да барам решение, наместо да се водам од гордост или суета.

Сметам дека искреноста и отвореноста се меѓу моите најсилни карактеристики. Секогаш сум верувала во луѓето и во тимската работа. Понекогаш тоа знаело да ме доведе и до непријатни изненадувања, но вербата во луѓето и во знаењето отсекогаш била посилна од сомнежите.

Она што ме движи напред е ставот дека секој успех е добредојден, но секој неуспех е уште поважен – затоа што токму тој дава насока каде треба да станеме подобри. Кога човек не се плаши да учи, да се менува и да работи на себе, напредокот е само прашање на време.

МАРИЛИ: Вие сте страстен планинар. Кои се највисоките планински врвови коишто сте ги освоиле? Колку Ви недостасува планинарењето во Малта?

СЕКОВАНИЌ: Планинарењето е мојата најголема страст и нешто што ме исполнува и психички и физички. Имам искачено многу врвови во Македонија и во регионот – практично сите високи планини кај нас, но и врвови како Мусала и Вихрен. Тоа се моменти што ми даваат мир, слобода и чувство дека сум целосно во контакт со природата.

Иако живеам и работам во Малта, а оваа позиција ми овозможува и делумна работа од далечина, секогаш кога сум дома ја користам секоја можност да излезам во планина и да искачам нов врв. Тоа за мене не е само физичка активност – тоа е начин да се вратам кон себе.

Искрено, многу ми недостига планинарењето… но не само планините. Ми недостигаат моите пријатели, моето семејство и оној особен мир што го чувствувам само дома. Колку и да е убаво да работиш во Европска Унија и колку и да носи предизвици и нови можности, тоа чувство „дома сум“ не може да се замени.

Најсилната причина зошто отидов во странство беше желбата да си докажам дека можам, дека македонските професионалци можат да успеат и таму каде што никој не не познава. Сакав да покажам дека ние сме вредни, посветени и паметни луѓе, и верувам дека токму затоа Европа ги отвора вратите – особено за младите кои штотуку дипломираат.

МАРИЛИ: Кои се плановите за во иднина? Планирате ли да се вратите во Македонија?

СЕКОВАНИЌ: Искрено, сѐ погласно размислувам за враќање во Македонија. Веќе разгледувам можности и отворам простор да видам каде би можела да придонесам најмногу.

Малта е прекрасна земја и многу сум благодарна за личното и професионалното искуство што го стекнав тука, но сепак е мало островско окружување и со тек на време човек почнува да го чувствува тој „островски синдром“ — недостиг на простор, на природа, на динамика.

Колку повеќе време минува, толку повеќе сфаќам дека мојата сила и мојата енергија се поврзани со мојата земја. Недостасуваат луѓето, пријателствата што траат со години, семејството, планините… она чувство дека си „дома“.

Затоа ги оставам сите врати отворени. Ако се појави вистинската можност да се вратам и да придонесам со тоа што го научив до сега, ќе го направам тоа со големо задоволство.


Статијата е прочитана 654 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско