„Л&Н&Т Диагностик“ – најсовремена медицинска опрема и хуманост на дело

Интервју со Наташа Паунова Блажевска, генерален менаџер на Л&Н&Т Диагностик, во кое говори за 17-годишнaта успешна работа на компанијата која нуди најсовремена медицинска опрема од најдобрите европски и светски брендови. Паунова Блажевска зборува и за успешното менаџирање, личниот развој, хуманоста и за сѐ она што е поттик и мотивација за нејзините успеси, но и успесите на нејзиот тим.

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е Вашата хуманост, односно реализираната донација кон ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“, преку Марили Бизнис Клубот? Што донираше Вашата компанија?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Би почнала со цитат на Мајка Тереза најголемата хуманистка на сите времиња, наша сограѓанка, човек со големо срце, но пред сè жена - ,,Има работи кои ти можеш да ги направиш а јас не, но има работи кои јас можам да ги направам а ти не, затоа ајде да направиме нешто убаво заедно”.

Нашата компанија Л&Н&Т Диагностик го отстапи на „Марили Бизнис Клубот“ автоматски имунолошки анализатор за брза дијагностика на многу параметри и тоа од полна крв.

Членките на „Марили Бизнис Клубот“ одлучија овој апарат дека им е најпотребен на најмладите и затоа истот беше дониран на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“ со цел да се овозможи брза, точна и безболна дијагностика.

Членките на „Марили Бизнис Клубот“ пак собраа парични средства за 500 тестови кои се потребни за функционирање на апаратот „Афиас 6“.

МАРИЛИ: Колку ваквите современи медицински апарати се важни за нашето здравство и дали Вие ги вршите обуките за користење на опремата?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Ние како компанија сме застапник на многу реномирани светски фирми кои се во постојан подем и настојуваме да ги донесеме сите најсовремени методи и тестови кои се појавуваат на светските и европските пазари.

Преку презентации, посета на одговорни лица и промоции, настојуваме да ги доближиме и до нашите здравствени институции, а тие би им понудиле најсовремено лекување на нашите пациенти, со што здравството би се трудело да биде во чекор со европските и светски стандарди.

За сите апарати кои ние ги промовираме на нашиот пазар нудиме и обука, но и 24- часовна поддршка за истите.

МАРИЛИ: Вие сте застапници на повеќе странски брендови за најсовремена медицинска опрема. Со кого соработувате и колку често остварувате средби со соработниците, во земјава и во странство?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА:  Точно, веќе 17 години сме на македонскиот пазар и застапуваме фирми од полето на биохемијата, имунологијата и регенеративната медицина.

Сите фирми што ги застапуваме како Giesse diagnostic Италија, Boditech Кореа, ACON-УСА, HIGHTOP-Кина, T-LAB-Турција и други, од година в година растат како фирми, па и ние настојуваме да го следиме нивниот тренд и да растеме.

За да ги дознаеме сите новитети и за да може да ги пренесеме најдобро што знаеме, мора да посетуваме обуки, конгреси, презентации, среби со нашите соработници од Европа, светот, со цел да размениме мислења и да одговориме на сите барања и прашања на пазарот.

МАРИЛИ: Колку се потребни постојани доедукации и надградба на Вашата стручност како биохемичар, но и на Вашиот тим за да се опстои и да се напредува?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Како што Наполеон рекол ,,Нема сила без вештина’’- па така, јас и мојот тим секојдневно учиме и напредуваме за да се подготвиме за сите прашања и предизвици. Посетуваме обуки со физичко присуство или онлајн; конгреси каде сме сведоци на искуства од цел свет; состаноци на сите дистрибутери на фирмите кои ги застапуваме, читаме  актуелни статии, истражувања на пазарот,  со цел да напредуваме и да се развиваме.

Многу време поминато по патишта, во лаборатории, многи ноќи непроспиени; подготовки на презентации, подготовки на тендери, преведување  матерјали и многу други обрски и задачи, сѐ со цел да се стигне до посакуваната цел.

МАРИЛИ: Колку според Вас, личната трансформација на менаџерите кои минуваат низ целиот овој кризен период , како и личниот развој, се од значење за полесно пребродување на секојдневните предизвици и задржување на виталноста на бизнисите?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Да си менaџер, па уште и жена во ова време на криза, инфлација, вооружени конфликти, климатски промени, е вистински предизвик. А предизвикот е нешто што жените најдобро го прифаќаат и го издржуваат. Секогаш се водам со мислата дека – „Ние сме одговорни за нашиот личен развој, никој друг не може да го стори тоа за нас“..

Најважно е работата која ја работиме и од која живееме да ја работиме со љубов за никогаш да не прегориме, туку напротив,  таа да нè потхранува со енергија со што ќе имаме уште повеќе сила и самодоверба за да продолжиме понатаму и да постигнуваме успеси.

МАРИЛИ: Минатата година бевте избрана за една од најуспешните жени менаџери од агенција „Марили“?  Колку ваквите признанија и награди се сатисфакција и поттик за натамошен напредок во кариерата?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: За еден човек нема поголемо признание кога некој ќе го забележи и ќе го вредува вашиот успех, за некого мал, а за вас најголем.

Поттикот е голем, фокусирајќи се на можностите, желбите и живеењето со целиот потенцијал. Секој има своја борба, планина или пат, кој можеби не е едноставен, но е бесценет. Можеби не е важно колку работите, важно е колку љубов внесувате во тоа што го правите.

МАРИЛИ: Кој е Наташа Паунова Блажевска приватно? Како го исполнувате слободното време?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Наташа Паунова Блажевска во животот е жена, мајка, менаџерка.

Мојот двигател во животот до сега, па и натаму, се моите деца. Мојот ден трае 48 часа и назад.

Но, љубовта и успесите кои ги добивам од моите деца и напредокот на мојата фирма ми даваат уште повеќе сила, самодоверба, храброст дека треба да се оди само напред и нагоре – тоа е одлука од која нема назад.

Слободно време имаме ако добро сме организирани. Моето е исполнето со патувања со мојата фамилија, истражувања на нови земји и уживање со сите сетила во убавините кои се насекаде околу нас.


Статијата е прочитана 1284 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско