Српска вечер на „Охридско лето“ со виртуозот Немања Радуловиќ и оркестарот „Double Sense“

Српско-францускиот виртуоз на виолина,Немања Радуловиќ, вечерва ќе настапи на „Охридско лето“ во рамки на традиционалната Српска вечер на фестивалот што се одржува со поддршка од Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија.

 

Радуловиќ заедно со оркестарот „Double Sense“ на сцената „Долни Сарај“  од 21 часот ќе го претстават албумот „Корени“ како дел од нивната голема балканска турнеја.

Немања Радуловиќ е уметник кој настојува да ги прошири границите на класичната музика. Тоа му носи вистинска армија на обожаватели низ целиот свет кои уживаат во неговите настапи со водечките светски оркестри и диригенти. Со неговата уникатна енергија и искреност во изведбите, како и со возбудливата виртуозност, длабочина на изразот и со авантуристичкиот пристап кон програмата што ја изведува говори за тоа дека музиката навистина има моќ да ги зближува луѓето.

Во 2021 година Радуловиќ потпиша ексклузивен договор за продукциската куќа „Ворнер Класикс“, а неговиот прв албум за нив со наслов „Корени“ (Roots) претставува восхитувачко звучно патешествие кое е резултат на неговите бројни влијанија и инспирации досега.

Ансамблот „Double Sensе” е основан во 2008 година кога виолинистот Немања Радуловиќ ги собра на едно место неговите омилени француски и српски музичари да настапат заедно како камерен оркестар. Оваа уникатна ансамбл – формација ја соединува пријателството и тие како едно семејство ја делат љубовта и желбата да музицираат заедно поради што имаат снимено четири заеднички албуми.


Статијата е прочитана 171 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско