Универзитетскиот професор Никола Смилков и годинава со бројни претставувања, меѓу кои и самостојни изложби во Словенија и Њујорк

Интервју со проф. д-р Никола Смилков, редовен професор по методика на ликовното образование и вајарство на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Проф. Смилков зборува за активностите коишто ја одбележаа минатата година, за актуелните настани, изложби, гостувања, но и за тоа тоа што следува.  Професорот Смилков е автор на статуeтката „Жена водилка“ која им се доделува на лауреaтките на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“.

 

МАРИЛИ: Проф. Смилков, пандемискиот период остави длабок белег во живеењето. Што е она што за Вас ја одбележа минатата година? Кажете нѝ повеќе за скулптурата „Копнеж“  која беше изложена во Националниот музеј на Пекинг за време на одржувањето на „ЗОИ“ 2022година?

СМИЛКОВ: Иако пандемијата остави белег на сечие постоење, сепак, како за време на целиот тој период, така и по стивнувањето на пандемијата, морам да кажам дека имав особен креативен импулс и посебна енергија и мотивација.

Оттаму, 2022 година ми беше многу активна, со повеќе претставувања на балканско, но и на светско ниво.

Особена чест ми беше поканата да учествувам на конкурсот на  9. Меѓународно уметничко биенале во Пекинг, како дел од уметничката програма на Зимските олимписки игри.

Годината ми почна со прекрасната вест за избор на мојата скулптура од стручното жири, па за време на Олимписките игри мојата скулптура „Копнеж“, изработена во бронза, беше изложена во Националниот музеј во Пекинг, а сега е дел од трајната колекција на биеналето.

На крајот на пролетта имав една необична самостојна изложба во Тамњаница, Србија, каде што на несекојдневен начин беа претставени мои дела изработени во бел прилепски мермер, на полињата од лаванда на екоплантажите на Горазд Чук, кој е организатор и водител на уметничката организација „Пигмалион“, која ја организираше оваа изложба.

МАРИЛИ: Минатата година имавте самостојна изложба во Црна Гора. Кажете нѝ нешто повеќе за изложбата и делата со коишто се претставивте?

СМИЛКОВ: Уште една активност во јуни минатата година беше повторно самостојната изложба во Модерна галерија во Будва, Црна Гора, каде што се претставив со 18 дела на изложбата со наслов „Емоции“.

Оваа изложба беше практично дел од Гранд при наградата и прва награда за скулптура претходната година на Меѓународното биенале на акт во Петровац, Црна Гора. Изложбата беше отворена од директорката на ЈУ Музеј и галерија - Будва, м-р Луција Ѓурашковиќ, која ја напиша и ликовната критика.

Во август учествував на симпозиумот за скулптура повторно во Тамњаница, Србија, во организација на уметничката организација „Пигмалион“, од каде што произлезе монументална скулптура-фигура во седечка положба, наречена „Поглед кон изгрејсонцето“, која неодамна беше поставена во паркот на скулптури, каде што веќе имам поставено уште една моја скулптура, заедно со дела од повеќе автори од Балканот и од Европа.

МАРИЛИ: Можете ли да издвоите настан, случување или пак изложба од минатата година, што ви остави посебен, силен впечаток?

СМИЛКОВ: Посебна од сите изложби ми беше самостојната изложба под насов „Поглед кон небо“, на која се претставив со 30 дела во бронза и мермер. Изложбата беше во организација на „Галерија 46“ од Хрватска, финансирана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, градот Штип, градот Сплит и Галеријата „Мештровиќ“.

За мене беше огромна чест, како и огромна одговорност да ги изложам моите скулптури на просторот каде што творел Иван Мештровиќ, најпознатиот вајар на 20 век на овие простори, и да бидам првиот Македонец што изложувал во овој простор.

Изложбата траеше два месеца и имаше навистина голема посетеност. Мора да ја истакнам и ликовната критика за оваа изложба што ја даде хрватскиот ликовен критичар д-р Далибор Пранчевиќ, кој во неа, на свој уникатен начин, даде прекрасна анализа на моето творештво.

По Црна Гора, Србија и Хрватска имав претставување на групна изложба во Пловдив, Бугарија, на Меѓународното биенале на современа уметност со делото „Сеќавања“, изработено во бронза.

Ланската исполнета и плодна година ја завршив со изложба во Културно- информативниот центар (КИЦ) во Скопје, каде што се претставив со делата претставувани на самостојните изложби во текот на годината, со што и македонската публика имаше можност да ги погледне скулптурите што го завршуваат патувањето низ Балканот.

Многубројните активности во 2022 година неминовно резултираа со повеќе покани за самостојни, но и групни изложби во 2023 година.

Пред сè, тоа се галерии и музеи од балканските простори, како и покани од некои земји во Европа.

МАРИЛИ: Проф. Смилков, што Ве очекува во летниот период годинава, дали се подготвуваате за нови изложби и гостувања, може ли да ни откриете повеќе детали?

СМИЛКОВ: Оваа година, летниот период ќе ми биде исполнет со творечка работа, изработка на скулптури и подготовки за претстојните две изложби наесен, кои треба да бидат реализирани во Брежице, Словенија и во Њујорк, САД.

Првата самостојна изложба во Словенија треба да ја реализирам во септември, каде планирам изложба на фигурации изработени во мермер и бронза, дела реализирани во периодот од 2021 до 2023.

Големо задоволство ми причинува фактот дека изложбата е во преубав репрезентативен простор - Витешка сала во Посавскиот музеј во Брежице, Словенија.

Втората самостојна изложба е резултат на добиениот проект од Министерството за култура, на објавениот Годишен конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на меѓународната соработка за 2023 година.

Мојата изложба беше селектирана меѓу овогодинешните изложби во Македонскиот културен центар во Њујорк. Задоволството и тука е големо, затоа што и ова е прво мое претставување во САД.

МАРИЛИ: Неодамна се одржа Симпозиум за скулптура  во Тамњаница, Р. Србија. Со оглед на тоа дека сте биле учесник повеќе пати, какви се искуствата од оваа година?

СМИЛКОВ: Соработката со Горазд Чук од Словенија и со колонијата „Пигмалион“ е многу плодна и продолжува, на заедничко задоволство.

Во рамките на оваа колонија се организираат навистина многу настани од сите области на ликовната уметност, и тоа во текот на целата година.

Оваа година учествував на Меѓународниот симпозиум на скулптура во Тамњаница, заедно со колеги од Србија и Босна и Херцеговина.

Резултат од учеството е монументална скулптура, изработена во прилепскиот мермер сивец, поставена во полињата со лаванда, каде веќе има и други мои монументални скулптури.

 

 

 


Статијата е прочитана 1657 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско