Интервју со министерката за енергетика, Сања Божиновска: „2026 ќе биде година на директна стабилизација на мрежата и забрзана транзиција кон одржлив и европски усогласен енергетски систем“
Интервју со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, во кое зборува за 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој кој се одржа во октомври во Скопје и на кој учествуваа повеќе од 500 учесници од над 70 земји. Ресорната министерка говори и за забрзување на транзицијата кон зелена економија, позитивните оценки од Европската комисија, за жените во енергетиката и поддршката за жените на одлучувачки, лидерски позиции.
„Особено сум горда што ја претставувам Македонија како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, регионална мрежа што ги поврзува и поддржува жените лидери во регионот Адриа. Преку WOBA работам за да им отворам врати на жените во одборите и носењето одлуки, за да ги зајакнеме нивните лидерски улоги и да обезбедиме нивниот глас не само да се слуша, туку и да се вреднува“, вели министерката Божиновска во интервју за „Марили“.
Министерката Божиновска зборува и за плановите за 2026 година, за која вели дека ќе биде година на директна стабилизација на мрежата и забрзана транзиција кон одржлив и европски усогласен енергетски систем.
МАРИЛИ: Скопје кон крајот на октомври беше домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14). Кои се главните заклучоци од Форумот? Како беше одлучено токму Скопје годинава да биде домаќин на овој меѓународен форум? Од каде и колку учесници имаше на Форумот и кои беа носечките теми?
БОЖИНОВСКА: Македонија годинава беше домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој по одлука на петте регионални економски комисии на Обединетите нации и UNDP. Нашата активна улога во регионалната енергетска соработка, јасните политики за декарбонизација и напредокот во интеграцијата на обновливите извори беа клучни причини токму Скопје да ја добие организацијата.
Форумот собра повеќе од 500 учесници од над 70 земји – министри, експерти, финансиски институции, компании и академски експерти – кои учествуваа во над 30 тематски сесии. Носечките теми беа енергетската безбедност и поврзаност, модернизацијата на електроенергетските системи, праведната транзиција, обновливите извори, финансирањето на зелената енергија, дигитализацијата и улогата на младите и жените во енергетиката. Форумот ја нагласи и важноста од регионална соработка – особено на Западен Балкан – како предуслов за стабилни, поврзани и модерни енергетски системи.
Главниот исход на форумот беше усвојувањето на „Декларацијата Скопје“, документ кој ги обединува приоритетите и заедничките заложби на земјите и меѓународните партнери за премин „од цели кон акција“. Таа е заедничката рамка која ги синтетизира трите столба на транзицијата — поврзаност, отпорност и финансирање. Потписниците се согласија дека патот напред бара регионална поврзаност, паметни инвестиции, дигитална трансформација и инклузивна енергетска транзиција што никого не остава зад себе.
Декларацијата е и силна порака дека регионот не е само следбеник на глобалната транзиција, туку нејзин активен двигател. Таа е истовремено алатка која дава насоки кои интерконекции и балансирачки капацитети ќе добијат приоритет, кои регулаторни бариери мора да се отстранат за ефикасни инвестиции и како јавниот и приватниот капитал се спојуваат во одржливи модели.
За Македонија, тоа значи дека ќе го користиме овој консензус за побрзо структурирање на конкретни финансиски инструменти со банки и меѓународни финансиски институции, насочени и кон домаќинства и кон малите и средни претпријатија (МСП), и кон индустријата.
Паралелно, формираме работни групи за регионални интерконекции и услуги на балансирање, за да го намалиме трошокот за врвното оптоварување, да интегрираме повеќе ветер и солар и да ја засилиме енергетската безбедност. Со ова добиваме јасен редослед на чекори - од дигитализација на мрежата и олеснет приклучок за обновливи извори, до нови механизми за енергетска ефикасност во зградите. Со други зборови, декларацијата ја претвора агендата во план на работа.
14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој ќе остане запаметен како место каде што не само што зборувавме за иднината – туку ја започнавме. За нас настанот е и силно меѓународно признание и значаен поттик за следните чекори во нашата енергетска политика.
МАРИЛИ: Во рамки на средбите на Форумот, од УНДП нагласија дека ќе бидат стратешки партнери на земјава во транзицијата кон зелена економија. За каква поддршка станува збор?
БОЖИНОВСКА: UNDP ќе биде еден од нашите клучни стратешки партнери во забрзување на транзицијата кон зелена економија, а нивната поддршка ќе се движи во неколку насоки. Најпрво, тие обезбедуваат силна техничка и експертска помош за подготовка и спроведување на проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, што е особено важно за општините, институциите и приватниот сектор.
Воедно, преку програмите како Green Finance Facility, UNDP работи на отворање пристап до поволни зелени финансиски механизми и комбинирано финансирање, со што се олеснува инвестирањето во соларни системи, енергетска санација на објекти и модерни, ефикасни технологии — и за компаниите и за домаќинствата.
Дополнително, нивната поддршка опфаќа зајакнување на институционалните и регулаторните капацитети, дигитализација на процесите, усогласување со европските стандарди, како и модели за „праведна транзиција“ кои обезбедуваат дека ранливите категории, општините со ограничени ресурси и малите бизниси ќе имаат еднаков пристап до бенефитите од зелената економија.
Во суштина, UNDP не нуди само финансиска или советодавна помош — туку системска поддршка што ќе ни овозможи побрзо да ги подготвиме, финансираме и реализираме проектите што ја трансформираат енергијата и економијата во поконкурентен, почист и одржлив модел.
МАРИЛИ: Во која насока би се користеле новите технологии и можностите за примена на вештачка интелигенција (AI) за подобрување на енергетска ефикасност?
БОЖИНОВСКА: Новите технологии и вештачката интелигенција (ВИ) стануваат неопходен дел од модерниот енергетски систем, затоа што овозможуваат попрецизно планирање, пониски трошоци и значително поголема ефикасност. ВИ им овозможува на енергетските компании да управуваат со мрежата во реално време – да предвидуваат побарувачка, да ги намалуваат загубите и да спречат преоптоварувања. Тоа значи постабилно снабдување и рационално користење на секој произведен киловат-час.
Исто така, преку анализи на големи количини податоци, ВИ помага обновливите извори – како сончевите и ветерните електрани – полесно да се интегрираат во системот, со точни предвидувања за производство, услови на работа и оптимално складирање на енергијата.
Истовремено, модерните алатки кои ги нуди ВИ се користат и за енергетска ефикасност во самите објекти. Тие автоматски го регулираат греењето, разладувањето и осветлувањето според навиките на корисниците, временските услови и реалните потреби, што носи значителни заштеди без да се намали комфорот.
На крај, ВИ овозможува и предвидливо одржување на мрежата и инфраструктурата, со навремено откривање на потенцијални дефекти и неефикасности. Сето ова прави системот поодржлив, поекономичен и многу пофлексибилен – што е суштинско за успешна енергетска транзиција.
МАРИЛИ: Покрај останатите теми, на Форумот имаше панел посветен на „Жените во енергетиката“. Кои се заклучоците од овој панел и плановите за вклучување на жените во праведна енергетска транзиција?
БОЖИНОВСКА: Панелот посветен на „Жените во енергетиката“ пред сé го истакна фактот дека инклузивната и праведна зелена енергетска транзиција е невозможна без еднакво учество на жените. Беше потенцирано дека предолго, енергетиката – од инженерство до лидерство – се сметаше за „машки свет“. Но, денес секојдневно се докажува дека тоа веќе не е така и дека кога жените водат, енергетиката станува поумна, поправедна и похумана. Впрочем, Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) потврдува дека организациите со повеќе жени на лидерски позиции во енергетиката имаат и до 20% повисоки перформанси и иновации. И Светскиот економски форум покажува дека родово разновидните тимови се покреативни, попрофитабилни и поотпорни во кризи.
Клучна порака што ја потенцираше панелот е дека иднината на енергетиката е инклузивна, фер и визионерска — со подеднакво место за сите што ја движат напред. Оттаму, жените треба активно да бидат вклучени во процесот на донесување одлуки — во политики за енергетска транзиција, енергетска ефикасност, обновливи извори, енергетска инфраструктура. Тоа значи учество на женски кадар, експертиза, и застапеност на жените меѓу носителите на проекти.
Што се однесува до прашањето за плановите за вклучување на жените во праведната транзиција, јас како министерка имам поставено јасна мисија – да ја сменам перцепцијата дека енергетиката е машки свет. Затоа, организирам настани и менторски програми за студентки од техничките факултети, за да видат дека нивната иднина може да биде токму овде – во енергетиката, технологијата и лидерството. Работам и со жени од рударството и индустријата, чии резултати често остануваат невидливи, но се клучни за нашите успеси. Министерството за енергетика денес е меѓу најродово-избалансираните институции во земјата. Имаме повеќе жени од мажи и многу од клучните сектори ги водат силни, стручни и одлучни жени. Тие се жив доказ дека компетентноста нема пол.
Особено сум горда што ја претставувам Македонија како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, регионална мрежа што ги поврзува и поддржува жените лидери во регионот Адриа. Преку WOBA работам за да им отворам врати на жените во одборите и носењето одлуки, за да ги зајакнеме нивните лидерски улоги и да обезбедиме нивниот глас не само да се слуша, туку и да се вреднува.
Верувам дека жените заслужуваат повеќе – повеќе можности, повеќе признание, повеќе лидерство. Но исто така верувам дека мора да се избориме за тоа. Рамноправноста не е услуга, тоа е право што мора да го бараме, браниме и градиме – заедно.
МАРИЛИ: Според најновите извештаи на Европската комисија за напредок на земјите од Западен Балкан во процесот на приближување кон Европската Унија во 2025 година, Република Македонија се позиционира како регионален лидер во областа на енергетската транзиција, со високо ниво на усогласеност со европското законодавство и стабилен напредок во спроведувањето на реформите. На што се должи овој напредок и колку истиот може да придонесе за приближување на Македонија кон ЕУ?
БОЖИНОВСКА: Напредокот што Европската комисија (ЕК) го нотира за нашата земја во делот на енергетската транзиција е резултат на неколку паралелни процеси што ги водиме – јасно дефинирана стратегија, усогласена регулатива и конкретна имплементација на терен. Земјата веќе има високо ниво на хармонизација со европското енергетско законодавство, а новите закони за енергетика, обновливи извори и енергетска ефикасност создадоа стабилна рамка која Европската комисија ја оценува како современа и усогласена со ЕУ-директивите.
Она што ЕК го истакна како особено значајно е фокусот на практични реформи – дигитализација на приклучните постапки, поддршка за кровни фотоволтаици, јасни правила за нет-билинг, воведување на ЕСКО-модели, подобрување на балансирачките капацитети и првите чекори во системите за складирање на енергија. Овие чекори ја прават транзицијата видлива, мерлива и стабилна. Дополнително, високото учество на обновливи извори во вкупната инсталирана моќност, како и фактот дека голем дел од новите капацитети доаѓаат од приватниот сектор, ја позиционираат Македонија како позитивен пример во регионот. Европската комисија препозна дека земјата создава модел каде подеднакво се вклучени државата, бизнисите, локалните заедници и граѓаните.
Овој напредок директно придонесува кон приближувањето кон ЕУ, бидејќи енергетиката е еден од најсложените и најобемните делови од преговорите. Колку побрзо ги спроведуваме реформите, толку побрзо ги затвораме поглавјата што се од суштинско значење за Зелената агенда и за интеграцијата на единствениот европски енергетски пазар.
На крај, напредокот во енергетската транзиција е и политичка порака – дека државата има капацитет да имплементира комплексни реформи во согласност со европските стандарди, што е клучен услов за напредок во процесот на членство во Европската Унија.
МАРИЛИ: Кои се најитни мерки кои ќе се преземат во 2026 година во рамки на долгорчната стратегија за енергетика?
БОЖИНОВСКА: Во 2026 година ќе се фокусираме на мерки кои обезбедуваат стабилност, предвидливост и забрзување на енергетската транзиција. Нашиот фокус ќе биде ставен на инвестиции во нови соларни и ветерни енергетски проекти. Со новите закони во енергетиката ги групиравме и обврските во три групи, и тоа за домаќинствата и МСП поедноставени и побрзи постапки за приклучок на кровни фотоволтаици, јасни правила за нет-билинг и пристап до поволно финансирање за изолација, прозорци и паметни мерни уреди. Ќе продолжиме со целосна дигитализација на приклучните процедури и управувањето со мрежата, со што инвеститорите во кровни фотоволтаици и мали зелени проекти ќе добијат брзи и транспарентни постапки.
Сакам да споменам дека во финална фаза сме со подзаконските акти за енергетска ефикасност во зградите, што значи дека ќе се донесат јасни методологии за енергетски сертифицирања и за давателите на енергетските услуги, вклучително и за ЕСКО моделите, но и за зградите да може да се реновираат без иницијален трошок за станарите. Ова е клучно за намалување на потрошувачката и сметките за енергија.
Со операторите и регулаторот ги дигитализираме и процедурите за приклучок на проекти со обновливи извори на енергија, особено за кровни фотоволтаици и мали производители. На финансиски план, со УНДП и финансиските партнери работиме на овозможување на „зелени“ кредитни линии и гаранции за намалување на ризикот кај помалите проекти. Нашата цел е проекти со добар бизнис-план да стигне до приклучок и финансирање во рокови што се предвидливи и кратки.
Ќе започнеме и со практична имплементација на балансирачките капацитети и првите системи за складирање на енергија, заедно со подобрено прогнозирање и управување во реално време, што е предуслов за интегрирање на уште повеќе соларни и ветерни капацитети без ризик за стабилноста на системот.
Паралелно со тоа, останува обврската за социјална заштита, односно реализираме програми за заштита на ранливите потрошувачи и таргетирани мерки за енергетска сиромаштија, за транзицијата да биде праведна и инклузивна.
Исто така, ќе ги засилиме регионалните интерконекции и пазарните поврзувања, за да ја зголемиме сигурноста на снабдувањето и да ги намалиме трошоците при врвно оптоварување. Интерконекциската инфраструктура е јавно добро на регионот и само заеднички може да ги зајакнеме преносните капацитети и интероперабилноста на пазарните правила, за да имаме стабилни увозно-извозни текови токму кога цените се најпроменливи.
Сумирано, 2026 е година на конкретни имплементации – дигитализација, енергетска ефикасност, складирање, интерконекции и поддршка за граѓаните – мерки што директно ја стабилизираат мрежата и ја забрзуваат транзицијата кон одржлив и европски усогласен енергетски систем.
МАРИЛИ: Како жена која постојано ја градела кариерата во енергетскиот сектор и е челник на ресорното министерство, дали во кариерниот пат се чувствувавте рамноправни во однос на посилниот пол? Што сметате дека треба да се преземе жените да бидат позастапени на лидерски позиции и во бизнисот, но и во општеството?
БОЖИНОВСКА: Морам искрено да кажам дека чувството на рамноправност не доаѓа автоматски – туку се гради. Во технички и традиционално машки доминиран сектори како енергетиката, жената многу почесто мора „двојно“ да се докажува за нејзиниот глас да биде слушнат. Тоа не е лична приказна – тоа е предизвик со кој се соочуваат многу жени. Сепак, со професионалност, резултати и доследност, успевав да создадам доверба и да покажам дека компетентноста нема пол.
Она што ми помогнало во градење на мојата кариера во енергетиката е и поддршката од луѓе кои веруваа во мојот потенцијал. Тоа прави огромна разлика – и затоа денес кога сум на лидерска позиција, сметам дека моја обврска е да ја отворам вратата за другите жени.
Што треба да преземеме како општество? За жените да бидат позастапени на лидерски позиции – во бизнисот, во институциите и во општеството, потребно е истовремено да се работи на три нивоа - институционално, корпоративно и културно.
Најважно е институциите да создадат фер и транспарентни правила. Тоа значи јасни критериуми за избор и напредување, политики за еднакви можности, родово одговорни буџети и механизми што ги спречуваат бариерите кои традиционално ги ограничуваат жените во кариерата. Ако системот е праведен, талентот доаѓа до израз. Истовремено и бизнис-заедницата мора проактивно да ги отвора вратите.
Тоа подразбира менторски програми, професионални обуки, охрабрување на жените да влезат во управни и надзорни одбори и создавање услови каде жените можат да водат сложени проекти. И секако, не помалку важно е дека мораме да ја менуваме општествената перцепција. Жени-лидери треба да бидат видливи, истакнати и поддржани, затоа што примерите инспирираат. Кога девојките гледаат успешни жени во технички, управувачки или претприемачки улоги, тие знаат дека и самите можат да стигнат таму.
Искрено верувам дека разновидноста е предуслов за иновации, подобри одлуки и модерен, конкурентен систем. Затоа, ако сакаме побрза и поуспешна транзиција, во енергетиката, бизнисот или јавниот сектор, мора да создадеме средина каде жените не се исклучок на лидерските позиции, туку рамноправна и видлива сила во економијата и општеството.
Статијата е прочитана 111 пати.






























