Целовечерен концерт на „Камерата Академика“  на „Охридско лето“

Камерниот  ансамбл „Камерата Академика” од Словенија вечерва  ќе има целовечерен концерт на музичката програма од фестивалот „Охридско лето“.

 

Во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот ќе настапат флејтистката Каролина Шантл-Жупан, обоистот Матеј Шарц, кларинетистот Јоже Котар, Зоран Митев на фагот, Јоже Рошер на хорна и саксофонистот Миха Рогина. Составот во кој ќе се претстават на „Охридско лето“, секстет сочинет од флејта, обоа, кларинет, фагот, хорна и саксофон е особено интересен поради тонската различност на инструментите која овозможува богато темброво нијансирање и отвора можности за интензивно музицирање.

Ансамблот, вечерва ќе има светска праизведба на композицијата „ Со маки сум се родил – варијации за дувачки секстет  на народната песна “ од Сашо Ливрински, дело напишано за настапот на „Камерата Академика“ на „Охридско лето“. Покрај тоа, на репертоарот се дела од Б. Хеиден, Л. Јаначек, М. Ејшен и С. Кравос.

 „Камерата Академика” го сочинуваат словенечки музичари, професори на Музичката Академија во Љубљана, а воедно и солисти на оркестарот на Словенечката филхармонија. Создаден во 2020 година со желба да се промовира класата на дрвени дувачи на Музичката академија, составот е од променлив карактер во зависност од програмските определби и потреби на репертоарот.

На концертите покрај дела напишани за составот, „Камерата Академика“ изведуваат и транскрипции на дела кои оригинално се напишани за друг тип дувачки состави или пак транскрипции на дела за гудачки состави. Тоа овозможува репертоарот на ансамблот да биде исклучително широк, со дела од рани мајстори, па сѐ до композиции од современата литература. Настапите на составот се восхитувачки токму заради разновидноста на програмата како и и поради техничките и виртуозни квалитети на уметниците.


Статијата е прочитана 218 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско