Property One и Parallel Group – лидери во областа на недвижностите, архитектурата и иновациите

Интервју со Ана Марија Вуковска, генерален менаџер на Property One Real Estate and Development и Parallel Group. Вуковска во интервјуто говори за успешната работа на Property One Real Estate and Development, иновативна агенција за недвижности, co-work простори, консалтинг агенција и компанија што ќе ви помогне не само да го пронајдете вашиот идеален имот, туку и да го преуреди и опреми до фаза „клуч на рака“. Компанијата Parallel Group, пак, нуди иновативни архитектонски решенија, 3Д изведба, внатрешен дизајн и уникатен мебел. Вуковска беше избрана за една од најуспешните жени менаџери за 2022 година на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенција „Марили“ и e добитничка на статуетка „Жена водилка“.

МАРИЛИ: Кажете ни повеќе за дејноста на Вашата компанија и по што се разликува од другите компании?

ВУКОВСКА: Parallel Group е основана од млади успешни луѓе што подолго време се присутни во различни сегменти на бизнис-светот, во дејности од областа на недвижностите, архитектурата, дизајнот и иновациите.

Симбиозата на искуства резултираше со основање на компанија што не само што се занимава со архитектура, ентериер и дизајн туку создава и нови искуства во просторите што ги дизајнира.

Посветеноста на тимот на Parallel Group да ја води иднината на дизајнот е совршено усогласена со мојата страст за создавање уникатни, извонредни искуства во креативни и инспиративни простори.

МАРИЛИ: Каква промена треба да направат компаниите во делот на работниот простор за да ги задржат вработените и да останат успешни?

ВУКОВСКА: Бизнисите треба да го преиспитаат дизајнот на своите канцеларии за да обезбедат средини што се чисти и безбедни, но и помалку стресни за вработените.

Удобноста и комфорот што сакаат да ги почувствуваат на работното место да бидат исти какви што ги имале додека работеле од дома. Местоположбата на самата канцеларија со локација каде што има повеќе содржини во и надвор од просторот е клучен фактор за денешните вработени на една компанија.

Еден начин да се привлечат работниците назад во канцеларијата е преку дизајн што комуницира со привлечен модерен простор и иновации, од имплементација на отворени планови, дизајн на простор полн со природна светлина и користење на архитектонска креативност, нешто што комуницира: работата што ја работиме овде е важна, револуционерна и со одредена цел и мисија.

Искуствата на вработените и исполнувањето на нивните потреби во просторот се многу важни, како што се, на пример, достапност до здрава храна и пијалаци, кафетерии, ресторани или пристап до сала за вежбање во или на само неколку чекори од нивната канцеларија.

МАРИЛИ: Покрај агенцијата за недвижности, Property One Real Estate and Development и архитектонското студио Parallel Group, неодамна отворивте и co-work простори. Која е тенденцијата на пазарот за овие простори и каква е придобивката од нивната употреба?

ВУКОВСКА: Фокусот на здравјето и благосостојбата на работните места по пандемијата налага капацитетите на канцелариите да бидат помалку искористени за да можат вработените да останат социјално дистанцирани. Како резултат на тоа, повеќето компании се фокусираат на намалување на окупираноста на просторите и следствено на тоа и на трошоците за нивно одржување. Многу од големите технолошки компании ја прошируваат својата географска диверзификација во други градови или инвестираат во помали регионални „хабови“.

Co-work просторите им овозможуваат на вработените да работат блиску до дома, но сепак во една инспиративна средина каде што запознаваат многу интересни луѓе од разни професии.

Co-work просторите им го даваат на вработените посакуваниот простор со добро опремени канцелариски ресурси, на погодна локација, со сѐ вклучено во цената на нивното користење, од супер брз интернет до кафе, колачиња и аfter work забави. Property One Co-Work им нуди модел на „hub and speak“ на своите клиенти, како одговор на зголемениот приоритет на компаниите да заштедат време и пари во потрага по нови простори, истовремено овозможувајќи им простор за колаборација и фокусирана работа.

Property One Co-Work соработуваше со многу глобални компании за да им помогне да ја стратегизираат транзицијата од едно централно седиште во неколку co-work канцеларии. Географски различните канцелариски локации, исто така, им даваат предност на компаниите да ги привлечат најталентираните и најмотивираните кандидати, без ограничувања на нивните физички локации. Затоа тенденцијата на Property One Co-Work е да се прошири во повеќе европски градови.

МАРИЛИ: Кои се Вашите идни професионални планови?

ВУКОВСКА: Растот на секое поле е една од примарните цели на компанијата. Потребата од професионална и tailor-made услуга е сѐ поголема. Клиентите се разочарани од непрофесионалната услуга на нашиот пазар и ние сме тука да го смениме тоа.

Преку успешната соработка со клиенти на повеќе европски локации учиме и собираме искуства од квалитетот на услугите и иновациите на странските пазари за да ги аплицираме и на македонскиот пазар. Нашите клиенти секако го заслужуваат најдоброто.

Меѓу последните примери е еден наш драг клиент којшто беше заинтересиран за канцеларискиот асортиман на мебел што го нудиме, но сакаше да погледне повеќе парчиња и нивниот начин на производство, па следствено на тоа ние како тим што, пред сѐ, на прво место ги става клиентите, обезбедивме авионски превоз и посета до фабриката во Италија, каде што клиентот беше импресиониран од квалитетот, услугата и гостопримливоста на Италијанците и тоа како прават секој клиент да се чувствува ценето.

Тоа е тоа што нѐ прави поразлични од другите и ќе продолжиме да го правиме со уште подобро темпо во иднина, за секој наш клиент.


Статијата е прочитана 878 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско