Наградата „Ристо Шишков“ за Јордан Симонов

Актерот Јордан Симонов ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 31. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој синоќа заврши во Струмица. Тој е награден за улогата на Павле во претставата „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Бесфорд Идризи, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје.

Наградата на Симонов, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета ќе му биде врачена дополнително.

Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателката, ланската лауретка Дарја Ризова, во кое покрај неа играта на актерите ја оценуваа и Иван Додовски, професор на Универзитет Американ колеџ, и Мими Таневска, професор на Факултетот за драмски уметности-Скопје.

„Jордан Симонов со внимателно избрани актерски средства, успева да оствари моќна и осмислена улога. Тој покажува особено чувство за партнерска игра и вешто го води ликот, кој во себе крие тајни, од привидна наивност до длабока перфидност. Со својата способност за трансформација, Јордан Симонов доминира на сцената, субверзивно поигрувајќи си со очекувањата на публиката, на работ меѓу комичното и неверојатното, меѓу лагата и вистината“, рече Ризова.

Покрај главната награда, жири-комисијата одлучи да додели и специјална награда за млад актер како поттик новите генерации актери да го негуваат камерниот театарски израз. Наградата ја доби Даријан Петров за актерски доследен пинтеровски израз во градењето на ликот на Меккен во претставата „Роденден“ од Харолд Пинтер, во режија на Васил Христов, во изведба на Народниот театар од Штип.

 

 


Статијата е прочитана 228 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско