Прво место за Кристина Краличин на меѓународниот конкурс „IL PARNASO - PREMIO ANGELO LA VECCHIA“ VIII издание 2022/2023

На престижното VIII издание на Меѓународниот конкурс "Il Parnaso - Premio Angelo La Vecchia" 2022/2023, Кристина Краличин ја освои ПРВАТА награда со поемата „На работ на хоризонтот“ преведена на италијански јазик ("Ai Confini dell`Orizzonte") во Категоријата: International, во конкуренција од стотици испратени поеми од целиот свет. За изборот ангажирани беа две нивоа на жири-комисии со лингвисти и поети од повеќе земји во светот.

Второто место припаѓа на поетеса од Украина, а третото на поет од Белорусија. Меѓу пофалените во оваа категорија на учесници од целиот свет има дела од поети и поетеси од: Бразил, Јужна Кореа, Полска, Албанија, Украина, Зимбабве и Филипини.

Конкурсот е организиран под покровителство на Министерот за култура на Италија. Наградите ќе бидат свечено врачени на пролет во 2024 година во Каникати, Сицилија. 

Поетскиот конкурс "Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ е започнат во 2016 година на иницијатива на порталот Accademia del Parnaso Canicattinese, претставен од Алфонсо Месина, од семејството Ла Векија и во организација на здружението за култура Мета, чиј претседател е проф. Калоџеро Ла Векија.

Основната цел на конкурсот е да се запамети и да се прослави вклучувањето на познатите книжевници и писатели во редовите на своите членови, како што се: Луиџи Пирандело, Марта Аба, Леонардо Шаша, Бен Газара и други, како и да се потсети на ликот и делото на Анџело Ла Векија (1920-1998), писател, есеист, драматург од Каникати, Сицилија кој напишал над 70 драми, раскази за деца, критички есеи и историски монографии.

Другата цел за постоењето на овој конкурс е да се шири културата на поезијата која претставува универзален јазик кој не познава бариери и граници.


Статијата е прочитана 272 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско