„ЕЛ Фарма“ – поим за успех и интегритет во фармацевтската индустрија

 Интервју со Дарко Настевски, управител на „Европа Лек Фарма“ („EL Pharma). Настевски во интервјуто говори за почетоците на „Европа Лек Фарма“ во земјава, пред повеќе од 12 години, за развојот, успесите и важноста на тимот, кој е професионален и високо мотивиран. „ЕЛ Фарма“ е дел од германската групација PHOENIX, која е водечки давател на здравствени услуги во Европа, присутна во 29 земји. Нудат услуги и производи низ целиот фармацевтски синџир на снабдување, почнувајќи од производителите во фармацевтската индустрија, па сѐ до крајниот корисник - пациентите.

МАРИЛИ: Од кога постои „ЕЛ Фарма“ и со што се занимава компанијата?

НАСТЕВСКИ: „ЕЛ Фарма“ е основана во 2011 година, со цел да обезбеди дополнителни услуги во фармацевтскиот сектор. Почетоците не беа воопшто лесни, бевме мал тим од неколку вработени во предизвикувачко деловно опкружување, но имавме визија и незапирлива желба за раст и развој. Денес, по 12 години, „ЕЛ Фарма“ брои над 45 вработени и на пазарот е препознаена како професионална компанија, која своите деловни активности ги води со знаење, фокусираност, почит и одржлив пристап.

Како даватели на услуги низ целиот фармацевтски синџир на снабдување, на нашите партнери им обезбедуваме поддршка во неколку сегменти од работењето, почнувајќи од процесот на регистрација на лекови, медицински средства, додатоци во искраната и медицинска козметика, увоз и дистрибуција, предвеледрогериско работење, логистичка поддршка на клинички испитувања, поддршка за пристап на пазарот и позиционирање, а најголем дел од нашите активности се во делот на маркетинг и зголемување на продажбата. Како компанија, во нашето секојдневно работење се стремиме кон врвен квалитет на нашите услуги и насочени сме кон потребите на клиентите. „Ел Фарма“ е општествено одговорна компанија што се грижи за општествените проблеми, своите вработени, деловните партнери и потрошувачите.

МАРИЛИ: Како дел од голема светска групација се издвојувате со свои специфики што ве прават лидер на европскиот фармацевтски пазар. Кои се тие посебности што ве издвојуваат од другите во овој сектор?

НАСТЕВСКИ: „Европа Лек Фарма“ или „ЕЛ Фарма“ е дел од германската групација PHOENIX, која е водечки давател на здравствени услуги во Европа, присутна во 29 земји.

Водејќи се од визијата да дадеме сеопфатна здравствена услуга, навреме и насекаде, PHOENIX во целина нуди услуги и производи низ целиот фармацевтски синџир на снабдување, почнувајќи од производителите во фармацевтската индустрија, па сѐ до крајниот корисник - пациентите. Нашето работење е поделено во три сегменти, големопродажба, малопродажба и фармацевтски услуги, а „Европа Лек Фарма“ е лидер во делот на фармацевтските услуги што им ги нудиме/даваме на нашите странски и домашни партнери и кои ги опфаќаат сите активности што ги напоменав погоре.

Организацијата на деловната активност во согласност со најновите светски трендови и барања за добра практика, постојаното следење на побарувањата на пазарот, современите услови за работа и новите технолошки решенија ни овозможуваат да бидеме препознаени на пазарот според специфичните услуги што ги нудиме. Нашиот тим е професионален и високо мотивиран да понуди квалитет и услуги во согласност со индивидуалните потреби на нашите фармацевтски партнери. На тој начин посветено го обликуваме и градиме развојот на компанијата во насока на долготраен успех.

МАРИЛИ: Како кризата предизвикана од КОВИД- 19, како и актуелната енергетска криза влијаеја врз вашето работење и колку успешно се адаптиравте на потребите на здравствениот сектор?

НАСТЕВСКИ: Ние сме компанија со интегритет, која работи во целосна усогласеност со важечката регулатива, па така уште од самиот почеток на кризата со КОВИД веднаш презедовме мерки за следење и имплементирање на насоките и препораките што доаѓаа од Владата и ресорното Министерство. Имајќи ја предвид важната улога што ја имаме во здравствениот систем и фактот дека во вакви моменти треба да ја дадеме нашата целосна поддршка, ние во ниту еден момент не застанавме со работа и нашето целокупно работење го адаптиравме на новите услови.

Ова се однесува и на актуелната енергетска криза. Уште на почетокот презедовме мерки во насока на намалување на трошоците, сите процеси ги оптимизиравме, но во ниту еден момент не престанавме да испорачуваме врвна услуга кон нашите партнери од фарма-секторот. Впрочем за да биде една компанија успешна во своето деловно работење, мора редовно да се адаптира на промените во опкружувањето врз кои не може да влијае, а сепак да го задржи квалитетот на услугите на највисоко ниво. Ние, заедно со мојот тим вработени, можам со гордост да потврдам, досега успешно се справуваме со сите глобални предизвици.

МАРИЛИ: Колку долго сте на позицијата управител на „ЕЛ Фарма Македонија“? Каков предизвик за Вас е менаџирањето со компанијата и колку, според Вашето мислење, е важна личната трансформација на менаџерите за иден напредок на компанијата?

НАСТЕВСКИ: На позицијата управител на „ЕЛ Фарма“ сум од 2017 година и одговорен сум за развивање и извршување на деловните стратегии и цели на компанијата, како и ефикасно раководење на процесите и одржување на високиот перформанс на вработените.

Да се биде менаџер во една компанија како што е „Европа Лек Фарма“ е голем предизвик, но, пред сѐ, и голема одговорност. Исклучително важни се знаењето, искуството, визијата за напредок, како и поседувањето вештини за организација и управување на тимот.

Менаџерот е тој што ја поставува основата во работењето и служи како пример за сите други.

Оттука, сметам дека личната трансформација е пресудна за целокупниот напредок на компанијата.

Доколку сакаме да бидеме успешни мора постојано да ги следиме новините, да се менуваме и приспособуваме во согласност со условите и лично континуирано да се надградуваме.

 

 


Статијата е прочитана 401 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско