Изложба на Никола Смилков во Македонскиот културен центар во Њујорк
Ликовнaта изложба ,,Внатрешни чувства“ од Никола Смилков на 20 октомври во 18 часот ќе биде отворена во Македонскиот културен центар во Њујорк.
На изложбата ќе бидат претставени осум скулптури во мермер и бронза во галериски формат.
Историчарката на уметноста Луција Ѓурашковиќ за изложбата вели дека Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската, како центар на микрокосмичките случувања.
Никола Смилков студирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал, а магистрирал во 2002 година во областа на вајарството во класата на проф. Драган Попоски-Дада. Докторирал во областа на методика на ликовно образование. Учествувал на повеќе меѓународни симпозиуми и групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина, Египет и Индија. Реализирал неколку студиски посети, вклучително и во „Cite De Arts“ во Париз и во „Прима центар“ во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.
Добитник е и на награди за неговата уметничка работа, меѓу кои и на првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).
Статијата е прочитана 519 пати.