„Комфи Ангел“– Компанија задолжена за квалитетен сон, но и верен пријател на природата

Интервју со  Ирена Јакимовска, генерален менаџер на „Комфи Ангел“ од Прилеп. Јакимовска говори за дведецениското успешно работење на компанијата која е специјализирана за производство на полнети постелнини, перници, јоргани, навлаки за душеци, вреќи за спиење и др. „Комфи Ангел“ е и општествено одговорна компанија која се грижи за животната средина. Во производствениот процес, вели Јакимовска, се рециклира сиот текстилен отпад. Од вкупната количина на отпад кој настанува во реализација на процесот само 10% завршува во депонија, што е следен предизвик за решавање, вели генералната менаџерка.

МАРИЛИ: „Комфи Ангел“ речиси две децении успешно работи и опстојува на странските и  домашниот пазар. Накусо, објаснете ја вашата дејност и каде сѐ ги пласирате вашите производи?

ЈАКИМОВСКА: Компанијата„ Комфи Ангел“ е специјализирана за производство на полнети постелнини и нудиме низа производи, вклучувајќи перници, јоргани, навлаки за душеци, вреќи за спиење и многу повеќе.

Нашиот производствен процес вклучува анализа на пазарот, набавка на суровини, прогнозирање на финансиските барања и планирање на корпоративна диверзификација. Покрај нашата редовна линија на производи, правиме водоотпорни и антиалергенски предмети. Нашите производствени капацитети нѝ овозможуваат да понудиме различни квалитети и дизајни на ткаенина за да ги задоволиме потребите на клиентите.

Во моментов извезуваме во повеќето земји во Европа. Нашите продажби стигнаа до Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, ОК, Франција, Италија, Косово, Малта, Црна Гора, Македонија, Холандија, Полска, Романија, Србија, Шпанија, Швајцарија итн. Од земјите од неевропскиот пазар работиме во Танзанија, каде имаме мал локален пазар кој исто така, се стремиме да го зголемиме.

МАРИЛИ: Како извозно ориентирана компанија, направете паралела помеѓу пазарите на коишто доминантно пласирате и домашниот пазар? Какви се спецификите на домашниот пазар и дали бележите напредок во изминатиот период?

ЈАКИМОВСКА: Единствена разлика помеѓу домашниот и странскиот пазар би бил квантитетот на производи кои што ги продаваме којшто најмногу зависи од бројот на население. Колку што е поголем бројот, толку имаме зголемена побарувачката за нашите производи.

Што се однесува до квалитетот, тој е константен, без разлика дали се работи за домашен или странски пазар.

Доколку направаме анализа на домашниот пазар во изминатите неколку години можеме да констатираме дека свесноста за подобар сон е на повисоко ниво во споредба со претходно, се следат светските трендови и домашните потрошувачи се почесто инвестираат во нивната удобност, односно редовно ги обновуваат перниците и јорганите кои ги имаат дома, се повеќе се побаруваат производи кои се антиалергиски, антибантериски и со иновативни својства.

МАРИЛИ: Како се справувате со актуелните економски кризи, особено со енергетската? Дали преземавте нешто конкретно на овој план?

ЈАКИМОВСКА: За справување со енергетската криза компанијата „Комфи Ангел“ презеде инвестирање во инсталација на фотоволтаична централа со капацитет од 653,4 KwH, која е активна од август 2023 година.

МАРИЛИ: На кој начин и како се грижите за заштита на животната средина со оглед на тоа дека сте производствена компанија и дали постојат проекти во коишто се вклучени, а се во насока на чиста околина и подигање на еко-свест?

ЈАКИМОВСКА: Целиот текстилен отпад го рециклираме, дел од отпадот го користиме и дел од отпадот го користиме повторно во процесот, а одреден дел го извезуваме за производство на конец и со гордост можеме да кажеме дека од вкупната количина на отпад кој настанува во реализација на процесот на производство од 2, 2 мил. тони само 10% завршува во депонија и тоа е нашиот следен предизвик за решавање. Токму затоа одлучивме да бидеме иницијатори на креирање на колективен постапувач со отпад во нашата држава кој ќе биде фоукусиран на собирање на текстилниот отпад.

МАРИЛИ: Во однос на актуелностите, до каде е процесот на дигитализација и автоматизација во областа на човечките ресурси во вашата компанија? Дали овој процес бележи континуиран напредок, со примена на позитивни искуства од странство?

ЈАКИМОВСКА: Процесот на дигитализација и автоматизација во нашата компанија е во напредна фаза, постојано се следи напредокот и се имплементираат машини и софтвери кои што ја олеснуваат работата на вработените и остврување на  нашите најважни цели – квалитетни производи и задоволни клиенти.

МАРИЛИ: Вие сте една од најуспешните жени менаџери во државата. Колку е комплексно жената да биде успешна во бизнис секторот, а истовремено да биде посветена на своето семејство? Каде е балансот, во организацијата, менаџирањето со времето, добриот тим, или пак се заедно?

ЈАКИМОВСКА: Во вербата, во волјата и во љубовта. Магично е да се најде правиот пат за да истовремено си добра сопруга, мајка, домаќинка, добар граѓанин, работодавач. Магично е да си жена и фактот што пола од светската популација сме жени, а останата половина е родена од жени укажува на тоа дека нашата улога во општеството како преку креирањето на среќно семејство, така и преку креирањето на додатната вредност во извршувањето на своите работни задачи е огромна и заслужува посебно внимание.

МАРИЛИ: Вашата компанија со години е силен поддржувач и промотор на македонскиот спорт. Прво фудбалот, сега ракометот. Зошто се одлучивте да го поддржувате токму спортот?

ЈАКИМОВСКА: Мојот покоен татко Велимир како професор по физичко образование секогаш ме подучуваше дека здравиот дух е само во здравото тело, и секоја компанија која што се грижи за средината во која што работи и истовремено се грижи за идните поколенија, во таа средина треба во рамките на својата моќ да партиципира во креирањето на спортските активности.

Не само поради здравиот дух, туку и од социјален аспект, забавен аспект, културен и натпреварувачки.

МАРИЛИ: Што ја исполнува Ирена Јакимовска во слободното време, од каде црпи енергија и добива елан?

ЈАКИМОВСКА: Од луѓето црпам енергија и добивам елан. Имам големо чувство за емпатија кон луѓето и нивната енергија, независно дали е позитивна или негативна, мене ми претставува моторна сила за новиот, поубав ден.


Статијата е прочитана 779 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско