Маркетингот е суштински - без него ниту еден бизнис не може да функционира успешно

Интервју со Пенка Мукаетова, генерален менаџер на „Консалтинг Интер Груп“, консултантска компанија специјализирана за деловно и корпоративно право, со експертиза во правен и економски консалтинг. Г-ѓа Мукаетова во интервјуто говори за финансиските инструменти и поддршка кои има беа достапни на компаниите во годинава којашто изминува, за работниот престој и искуство во НР Кина, за медија консалтингот, како и за идните планови  на компанијата. Мукаетова истакнува дека воведувањето на маркетинг консалтингот во нивната понуда на услуги е полн погодок, бидејќи за кратко време ја стекнале довербата на многу сериозни клиенти.

МАРИЛИ: На крајот на 2023 година, како консултант во областа на деловно и корпоративно право, со експертиза за правен и економски консалтинг, можете ли да дадете краток осврт кои беа најголемите бенефити за компаниите во обезбедувањето на финансии, како од пристапни фондови, државни институции и странски организации?

МУКАЕТОВА: Помагањето при обезбедување на финансиски средства е една од најбараните услуги, коишто како консултанска компанија ги нудиме, од причина што поминавме неколку исклучително тешки години и потребата од дополнителна финансиска поддршка беше повеќе од потребна. На компаниите им беа на располагање повеќе финансиски инструменти, преку различни пристапни фондови, финансиски институции, државни програми за поддршка и дел од странските организации.

Моделот на финансирање го избиравме заеднички, зависно од потребата на самата компанија и намената за која што се потребни средствата. Иако акцент најмногу се ставаше на индустријализацијата, извозот и поголеми инвестиции во различни индустрии, голем дел од компаниите кои беа директно погодени од економската и енергетската криза, средствата ги искористија во насока на намалување на трошоците, преку инвестиции во обновливи извори, имајќи го предвид енормното зголемување на енергенсите. Исто така одржувањето на финансиската стабилност кај голем број од нив беше значајна, од причина што истовремено имавме и зголемување на каматните стапки, а знаеме дека најголем број од бизнисите имаат и голема кредитна изложеност.

Финансиската поддршка беше клучна да се стимулира развојот и воведување на иновации, бидејќи истата даваше поголема слобода за креирање на нови и иновативни производи и услуги, кои се особено битни во однос на зголемувањетото на конкурентноста. Бенефитите, би истакнала дека беа и во насока на избегнување на правните ризици, односно паѓање во задоцнето плаќање, што директно би ја загрозило ликвидноста на самите бизниси. За излегувањето на меѓународните пазари и можноста за глобален раст, директно влијаеше на поголема сигурност кај компаниите, преку секаков вид на финансиска поддршка, вклучувајќи ја тука и довербата на инвеститорите.

Секој вид на финансиска поддршка е добредојден бидејќи компаниите можат да ја подобрат својата конкурентност, да растат и успешно да функционираат на долг рок.

МАРИЛИ: Вашата компанија работи во пет сегменти, а медија косалтингот е формиран во 2023 година. Како се роди идејата за формирање на медија консалтинг и колку сте задоволни од сработеното?

МУКАЕТОВА: Како консултанска компанија секогаш сме ја следеле побарувачката на пазарот, па врз основа на тоа, сме ги креирале нашите услуги. Долги години работиме во насока на подобрување на квалитетот на самите услуги, во интерес на потребите на клиентите, следејќи го нивниот развој. Следејќи ги трендовите,  се покажа дека маркетингот стана суштински дел од секое деловно работење и без него, ниту еден бизнис не може да функционира успешно, имајќи ги предвид брзите текови и промени секојдневно.

Токму поради ова, отворањето на петтиот сектор за маркетинг, ПР и организација на настани, дојде како едно убаво заокружување на сѐ она што досега го работевме во самата консултанска дејност, преку правниот и економски консалтинг, заштитата на интекетуална сопственост, пристапот до финансии и последниот дел преку изработка на развојни маркетинг стратегии, за поголема видливост и промоција на самите бизниси, за дел од нив, преку ваквиот начин на работа и побрзо позиционирање на пазарот. Ако земеме предвид дека работиме како комплетен сервис од основањето на еден бизнис, секаков вид на поддршка, изработка на бизнис планови, физибилити студии, обезбедување на финансиски средства, промоција и комлетен брендинг, сѐ со цел да можеме да ги олесниме чекорите при започнувањето со нови бизниси. Исто така, во рамки на медија консалтинг сме единствени кои што нудат изработка на најразлични проекти за општествена одговорност на компаниите, со кои ќе се додаде на дополнителна нивна вредност и ќе ги издвои од досегашните застарени модели на работа.

Накратко, довербата на клиентите од досегашната наша работа, ја наметна потребата од медија консалтинг, преку поддршка во развивањето и спроведувањето на стратегии за маркетинг, вклучувајќи истражувае на пазарот, креирање  кампањи, дигитален маркетинг и бренд менаџмент. Па следејќи ги растечките трендови, социјалните мрежи, дигиталните медиуми и технолошкиот напредок, создадоа нови можност за маркетинг.

Со задоволство можам да истакнам дека воведувањето на маркетинг консалтингот во нашата понуда на услуги беше полн погодок, ако за толку кратко време довербата нѝ ја дадоа сериозни клиенти. Оттука и Медија консалтинг стана интегрален дел од нашата успешна стратегија за поддршка на клиентите во различни аспекти на нивното деловно работење.

МАРИЛИ: Во 2023 година имавте едно исклучително искуство со подолг работен престој во НР Кина. Какви се вашите импресии и постојат ли преговори и планови за активности поврзани со контактите што ги остваривте таму?

МУКАЕТОВА: Годинава имав огромна чест и задоволство на покана на кинеската Влада, да ја посетам Кина, и како дел од македонската делегација да учествувам на „Seminar on Promotion on Development of Clean Energy industry of B&Rcountries,  во ко-организација на Ministry of Commerce (MOFCOM), Acadamy for international Business Officials(AIBO) и CCIPT (CCOIC) Training Center. Кина е дефинитивно едно од патувањата кои ќе ги паметам цел живот и е сосема поразлично доживување од секаде каде што сум била. Гигантските инфраструктурни проекти, брзото темпо на технолошки напредок, дигитализацијата и иновациите во различни области, го истакнуваат влијанието на Кина на светската сцена.

Токму проектот Belt and Road е иницијатива за инфраструктурна и економска соработка, кој преку посебна платформа ќе направи поврзување помеѓу различни држави и региони, со фокус на трговијата, инфраструктура, инвестициите, туризам и културата. Целта е да се отворат нови можности за трговска размена, големи инвестиции, да се промовира економски раст и развој, како и да ја засили културната размена помеѓу учесниците.

Преку извонредната организација, домаќините се потрудија да нѝ ја претсават кинеската култура, традиција и богата историја на најубав начин. Исто така, нѐ запознаа со политиките кои ги спроведува Кина во моментот, инвестициите и искуствата нивни, во однос на clean energy industry, дигитализацијата, иновациите, соработката во рамки на Belt and Road иницијативата.

Во рамки на престојот имавме многу посети на дел од најзначајните компании од  различни индустрии, како водечка компанија за чиста енергија FAW GROUP, компанија за производство на железнички возила CRRC Changchun Railway Vehicles Co.Ltd, водечката компанија за производство на соларни призводи со високи перформанси JA SOLAR, водечката компанија во индустријата за електро-енергетика Beijing Dynamic Power Co.Ltd (DPC), најголемата правна компанија YINGKE LAW FIRM, централниот истражувачки институт Central Research institute of SPIC, како и CREC CHANG CHUN EXPO CITY.

Имавме и неколку факултативни посети, кои мене ми оставија најголем впечаток, и тоа Summer palace и The Great wall. Престојувавме во Пекинг и во Чангчун, најголем град во провинцијата Jilin.

Пекинг како еден од најнаселените градови во светот, со повеќе од  22 милиони жители, со богата историја и култура, извонредна инфрастуктура, неверојатана архитектура, микс на традиција и модернo, пријатни и гостопримливи луѓе, специфична храна, вкусови кои долго се паметат, е едно неверојатно и богато искуство за мене кое долго ќе го паметам.

Остваривме доста контакти, се потрудивме достојно да ја претставиме нашата држава, преку најразлични презентации, Б2Б средби и многу одржани состаноци, како со кинеските претставници од компаниите и стопанските комори, така и со учесниците од другите држави. Од ова патување треба да произлезат многу понатамошни соработки, веќе сме во влезени во преговори и се надевам дека ќе направиме нешто за кое сите понатаму ќе се гордееме.

Што се однесува до преговорите и плановите за идни активности поврзани со контактите во Кина, има повеќе можности, и тоа партнерства, соработка, истражувања и трговски и инвестициски можности, обуки, културна размена и поврзување.

МАРИЛИ: Вие сте член на Управен одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) што подразбира и голем број ангажмани. Дали вашето присуство во ССКМ ја зголеми видливоста на консултантската дејност како инвестиција за развој на бизнисите, особено во делот на претприемаштвото?

МУКАЕТОВА: Долги години работам на промоција на консултанската дејност, како важен сервис за започнување, одржување и развој на самите бизниси. Имајќи ги предвид брзите и несоодветни промени во однос регулативата, нови модели и начини на функционирање, можности за финансирање и многу други елементи, кои го олеснуваат водењето на бизнисите, најбитно е вистинската информација навремено да стигне до клиентот , па преку добро познавање на состојбите да се направи вистинската стратегија, која ќе биде големо олеснување при преземање на било какви чекори во самото работење.

Годинава станав член на Управниот одбор на ССК, благодарение на претседателот Трајан Ангелоски и целото раководство на ССК, кои ми ја дадоа довербата и ведоа дополнителна вредност на целиот мој ангажман и сите заложби досега направени во насока на поддршка и промоција на претприемништвото кај нас. Преку најразлични иницијативи, конструктивни критики, давање предлози за креирање на политики,  учество на трибини, бизнис форуми, ССК стана сериозен фактор и многу влијателна заедница кај нас, па и пошироко, преку добрите релации и линкови низ целиот свет, благодарение на претседателот, ССК работи во насока на подобрување на бизнис климата и подобра економија воопшто.

За мене, најбитно е секој поединец, без разлика што и да работи, да даде максимум од себе, за да може барем малку да придонесе за што подобро живеење и функционирање на општеството. Одговорни сме сите подеднакво, секој во неговиот ресор, без да се штеди, калкулира и споредува, едноставно да даде повеќе, за едно побаво утре за идните генерации.

Целото мое искуство, знаење, контакти и сите дополнителни ресурси ги ставив во функција и со секој мој дополнителен ангажман сакам да направам многу повеќе денес од вчера, за поголем раст и равој на самите компании, а преку нив и подобри економски услови за сите.

Поминавме низ многу предизвици изминатиот период, но нѐ чека уште многу работа.

Задоволна сум што сум дел од мозикот кој неуморно работи и придонесува за креирање на стабилен и модерен, пред сѐ вредносен систем во државата.

МАРИЛИ: Кои се плановите на „Консалтинг Интер Груп“ за следната година?

МУКАЕТОВА: КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП низ годините покажа дека будно ги следи сите трендови и потребите на пазарот, за креирање на нови и нови услуги, кои ќе бидат во функција на бизнис секторот и ќе допринесе за што поголема поддршка и промоција на бизнисите како кај нас, така и надвор.

Исто така и поврзување на наши компании со компании од регионот и пошироко.

Токму заради тоа, како и поради потребата малку повеќе да се отвориме кон надвор, во преговори сме со една интернационална бизнис корпорација, како би можеле да понудиме што е можно повеќе услуги и подостапни можности за соработка и развој на нашите компании, а со тоа да допринесеме и за развој на економијата  кај нас.

МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер со бројни обврски, постојано сте во трка со времето. Како Пенка Мукаетова си дава оддишка на себе и што е она што најмногу ја исполнува приватно?

МУКАЕТОВА: Секојдневната динамика и големите ангажмани бараат добра физичка кондиција и голема ментална хигиена за да може да се издржи еден работен ден со пренабиена агенда. Долги години практикувам пешачење, кое многу ми помага во ослободување на стресот и полнење на батериите.

Преку неделата задолжително на кеј, додека викендите се некаде на планина, доколку сум во Скопје, Водно е неизбежно.

Исто така, медитација пред спиење, за која ми требаше долго време да се навикнам, од причина што имав проблем да го смирам умот, но тоа е нешто без кое што неможам да замислам да ми помине ниту еден ден. Моја топла препорака, секој да си најде медитација која му одговара и да се препушти максимално, резултатите се неверојатни.

Јас сум многу социјален тип, па така, патувањата, дружењето со пријателите и семејството, преку долги ручеци и незаборавни вечери ми се дополнителен тригер, за релаксирање од секојдневието, и се разбира секогаш здравица со најубавото македонско вино.


Статијата е прочитана 1008 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско