Романот „Лето на езерото Чиче“ од Јасминка Тихи - Степаниќ објавен на македонски јазик

Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот за деца и млади „Лето на езерото Чиче“ од хрватската писателка Јасминка Тихи-Степаниќ.  Книгата на македонски ја преведе Ненад Баткоски. Објавувањето на ова дело е подржано од Министерството за култура и ЕУ,  во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во оваа и во наредната година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.

Романот за деца и млади „Лето на езерото Чиче“ има повеќе изданија што најубедливо зборува за неговиот квалитет и популарност меѓу младата читателска публика. Езерото Чиче е вештачко езеро, настанато со ископување на чакал во близина на Велика Горица, кај Загреб. Станува збор за возбудлива, психолошка, романтична, еколошки бунтовна и трагична сторија... сведоштво за нашето време! За тинејџерката Луција и нејзиниот единаесетгодишен брат Јанко, се грижи бабата Вишња. Нивните родители се на работа – таткото во Германија, мајката на Јадранот. За сите би била среќа семејството да биде заедно. Луција ја мачат и љубовни проблеми. Но...

Јасминка Тихи-Степаниќ е родена 1958 година во Велика Горица. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што стекнала диплома за професорка по хрватски јазик.

Нејзиниот прв роман „Имаш Фејс?“ ја доби наградата „Мато Ловрак“ за најдобар роман за млади објавен во 2011 година, а истоимената радио игра е наградена на Деветтиот меѓународен фестивал за радио игри за деца и млади во Братислава.

Автор е и на романите „Ќе ти го фрлам компјутерот низ прозорецот“ (2013) „Мојата непријателка Ана“ (2016), „Домот зад жицата“ (2017), како и на збирката раскази  „Токму како Хари Потер“ (2014) Романот „Лето на езерото Чиче“ излезе во 2018 година и за него авторката ги доби наградите „Григор Витез“ и „Мато Ловрак“ за најдобар роман за млади, како и меѓународната награда „Малиот принц“.

Романот „Каде е Беата?“ е објавен 2020 година, а „Нараквицата за Матилда“ што зборува за актуелните општествени состојби и предизвици излезе од печат во 2021 година.


Статијата е прочитана 319 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско