Циркуларнaта економија и зелената агенда меѓу приоритетите за економски развој

Интервју со Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ)  и извршен директор во „Ариљеметал“ Скопје. Во интервјуто Ангелоски говори за приоритетите на коишто треба да се осврне македонската економија во периодот што следи, како капиталните инвестиции, инфраструктурата, енергетиката, иновациите, зелените технологии, циркуларната економија и др. Ангелоски зборува и за женското менаџерство и претприемаштво и смета дека на жените треба да им се овозможи фер шанса за напредување, но, исто така, дека и жените мора сами да ги зголемат амбициозноста и посветеноста кон напредување во кариерата. Претседателот на ССКМ е активен поддржувач и учесник на „Марили Бизнис Форум“ во организација на агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Господине Ангелоски, кои се Вашите ставови, во кои сегменти на македонската економија треба најитно да се интервенира за да се обезбеди одржлив развој на економијата во 2024 година и во блиска иднина?

АНГЕЛОСКИ: За успешно планирање и водење на бизнисите многу е важно да постои предвидливост бидејќи без тоа не може да се носат деловни одлуки што ќе дадат позитивни резултати. Генерално, како држава, постојано доцниме со решенијата. Кога немате точни конкретни решенија за актуелните проблеми, бизнисите се обидуваат да рационализираат, со цел да обезбедат одржлив опстанок.

Тоа значи дека нема инвестиции и развојна компонента што носи додадена вредност. Во приватниот сектор во нашата земја работат околу 700.000 луѓе. Кога тонат компаниите, тонат и сите овие луѓе и нивните семејства, а се доведува во прашање и обезбедувањето средства за функционирање на државните институции.

Од друга страна, навистина се многу мали шансите македонските компании да инвестираат. Ако станува збор за производните капацитети, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетиката, на приватниот сектор не му се дава адекватна можност. Дополнително, административните процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија ниту, пак, доволно компетенции правилно да се менаџираат процесите.

Во периодот што доаѓа приоритет треба да бидат: капиталните инвестиции и инфраструктурата, енергетиката, иновациите, зелените технологии и циркуларната економија. Со подеднаква важност ги издвојувам стратегиските македонски производни гранки, како прехранбената индустрија, металите, градежништво и друго. Мислам дека доколку се обрне внимание на вистински начин на овие важни сектори, растот на македонската економија може да биде драстично побрз од сегашниот и конечно да успееме да фатиме приклучок кон нивото на другите слични економии како нашата.

МАРИЛИ: Како единствен претставник на коморска организација од регионот на Југоисточна Европа бевте дел од Годинешниот состанок на Светската коморска федерација во Париз. Кои беа главни теми на дискусија?

АНГЕЛОСКИ: Светската коморска федерација, како единствен глобален форум што ги обединува стопанските комори од целиот свет, дејствува на зајакнувањето на врските помеѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис-заедницата во најрелевантните светски организации, како Организацијата на Обединети нации – ООН, Г-20, Светската трговска организација, Светската банка, како и Европската банка за обнова и развој. Генералниот совет максимално работи на тоа бизнисите да тргуваат на меѓународно ниво. Сè што правиме во името на бизнисот води кон помирна, одржлива и попросперитетна иднина за сите, отворање нови пазари за нашите компании, привлекување странски инвестиции, јакнење на нашата економска позиција преку поврзување со другите комори и поддршка на микро, малите и средните компании.

На така високо светско ниво секогаш се разгледуваат глобални теми и прашања, на пример, прием на одреди земји што ги исполнуваат условите за членство во светската федерација, важни прашања поврзани со меѓународната трговија, креирањето документи и процедури што би ја поедноставиле светската трговија, актуелните случувања што ја погодуваат светската економија (било да се од безбедносен карактер, енергетски, недостапност на одредени производи и сл).

Светската федерација на стопански комори секогаш има интерес да ги избегне билатералните и мултилатералните односи на повисоко ниво и да овозможи благосостојба на економски план. Македонските компании може да ги користат придобивките од пристапот до ваква сериозна меѓународна организација и да ги употребат процедурите и мерките што таа ги пропушува во меѓународната трговија и на тој начин да работат со поедноставени процедури и намалени трошоци. Со изборот во највисокото тело на Светската коморска организација покажуваме дека е препознаен нашиот капацитет за придонес кон стратегијата за развој и зајакнување на нашата економија како дел од светската економија.

МАРИЛИ: Како претседател на ССКМ,  какви се Вашите сознанија, колку и на кои начини компаниите од реалниот сектор се грижат за зачувувањето на животната средина, дали и колку се почитуваат регулативите на ЕУ?

АНГЕЛОСКИ: Благодарение на енергетската криза минатата година македонските компании почнаа многу поактивно да инсталираат обновливи извори на енергија и на овој начин да стануваат енергетски независни или да ги намалуваат сметките за енергија и на тој начин директно да влијаат врз штетната емисија на јаглерод диоксид - СО2.

Во следните години очекуваме да им се посветат на циркуларната економија и на намалувањето на количината отпадоци што ги емитуваат со своето работење.

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања во однос на дигитализацијата и автоматизацијата во делот на човечките ресурси на македонските компании? Со исклучок на ИКТ-секторот, дали и колку се следат современите процеси на модернизацијата во другите дејности?

АНГЕЛОСКИ: Дигитализацијата е процес што трае. Таа ќе биде еден од клучните аспекти во кои мора да инвестира секоја модерна економија. Помина времето на барање компромис дали и колку да се инвестира во неа. Притоа, инвестициите треба да имаат континуиран карактер зашто само подготвеноста да се инвестира во модерни и дигитални технологии ќе овозможи конкурентност не само во нашата економија туку и надвор од неа.

Во однос на ова прашање сметаме дека македонските компании имаат простор за идно дејствување, а особено со растот на трошоците за човечки ресурси дека овој процес на дигитализација ќе стане подинамичен и поактивен.

Едно е сигурно, сѐ уште има простор за подобрување. Инвестициите се неопходни, но и поддршка од државата.

Мора да се работи на подобрување и имплементирање нови софтверски решенија, мора да се инвестира во нови вештини на вработените, нови знаења и експертизи, да се работи на законодавствата и прописите, а особено сакам да го истакнам моментот на подигнување на свеста за прифаќање новини во работењето и следење на светските трендови, особено во оваа област, кои несомнено позитивно ќе влијаат врз ефикасноста, продуктивноста и вкупното задоволство кај вработените.

МАРИЛИ: Веќе две години го поддржувате „Марили Бизнис Форум“. Кои се Вашите оцени, колку ваквите настани генерираат нови идеи и придонесуваат за согледување, надминување и решавање на одредени проблеми во стопанството?

АНГЕЛОСКИ: Женското претприемаштво е еден од нашите скриени потенцијали што треба да ги активираме во следниот временски период. На ваков начин ѝ помагаме на нашата економија да добие дополнителен економски раст. „Марили Бизнис Форум“ е еден од првите позитивни примери на оваа тема и мислам дека понежниот пол навистина ги заслужува потребното внимание и поддршка. Нема да погрешам ако констатирам дека станува збор за посебен настан што изобилува со добра содржина и одлична организација.

Особено ме радува фактот дека има и регионален карактер. На ваков начин, особено жените, земајќи ги предвид нивните ангажмани, имаат можност да се вмрежат, да разменат контакти, па и да договорат бизнис-зделки.Ми претставува исклучителна чест што можев да ѝ се обратам на многубројната публика.

А со задоволство ќе продолжиме и во следниот период да ги поддржуваме ваквите иницијативи и организации што претставуваат и носат со себе позитивни пораки и новини.

МАРИЛИ: Женското менаџерство е позастапено во однос на женското претприемаштво. Според Вашето мислење, што треба да се преземе за да се зголеми присуството на жената на високи менаџерски позиции, но и да се зголеми степенот на женското претприемаштво?

АНГЕЛОСКИ: Статистичките податоци се загрижувачки и покажуваат значајно намалување на бројот на деловни субјекти во сопственост на жени, што покажува дека овие бизниси најмногу се изложени на негативното влијание на кризата. Во нашата земја жената како човечки капитал не е ставена во функција на економски раст и развој бидејќи половина од работоспособното женско население воопшто не се наоѓа на пазарот на труд.

Ако сакаме да постигнеме побрзо надминување на последиците од кризата и економско закрепнување, неопходно е да се создаде поволно опкружување во земјата што ќе создаде услови за вработување и самовработување на жените. Години наназад Сојузот работи на креирање политики за поддршка на женското претприемаштво, но факт е дека има уште многу што да се направи. Најголеми предизвици со кои се соочуваат жените што сакаат да отворат бизнис се стереотипите за улогата на жената во нашето општество, што претставува сериозен обесхрабрувачки фактор, како и пристапот до финансиски средства.

Факт е дека жените повеќе се присутни во трудо-интензивните бизниси, но еден од аспектите на проектот е нивно насочување кон многу попрофитабилните гранки. 

Мислам дека на жените треба да им се овозможи фер шанса за напредување, но, исто така, дека и жените мора сами да ги зголемат амбициозноста и посветеноста кон напредување во кариерата. Во следниот временски период очекувам да се подобруваат состојбите.

МАРИЛИ: Со оглед на енормниот број обврски и настани како директор и како прв човек на ССКМ, како успевате да го балансира деловното и приватното време?  Како ги „полните батериите“?

АНГЕЛОСКИ: Навистина живееме во еден многу деликатен момент што бара дополнителни, екстра напори. Меѓутоа, некогаш „кога се работи под притисок“ може да се постигне една ефективност во работењето и една рационализација во однос на времето, во обид да ги постигнеме зацртаните цели.

Не е лесно во исто време да се работи на неколку полиња. Но, сепак, работењето во кое мора во одреден временски период да завршите неколку работи ве тера да бидете рационален во однос на времето и во исто време да бидете ефикасен во извршувањето на обврските без можност за пролонгирање и евентуално создавање празни одови.

Имав можност дел од практичниот дел на образованието да го стекнам во средини со поразвиени економски и општествени системи, како Австрија и Германија, каде што можев да научам многу за водењето бизнис.

Во нашата семејна компанија ги поминав сите нивоа, долги години работев на унапредување на соработката со странските пазари, а овој сплет од образование и искуство ми овозможи да создадам систематизиран концепт на работење, кој е ефикасен кога се работи под притисок на повеќе обврски.

Меѓутоа, исто така, човекот треба да воспостави баланс меѓу приватното и работното време бидејќи и покрај и многуте обврски, сепак, треба да функционира и приватно. Мора да бидеме доволно успешни во професионалниот дел колку и во приватниот зашто само двете работи заедно можат да дадат целосна успешна слика.

Во слободно време редовно спортувам бидејќи тие активности ме релаксираат и ме исполнуваат со енергија, а љубител сум и на патувања, дружење со пријателите и уживање во вкусовите на македонските вина што ги имаме во изобилство.

 

 

 


Статијата е прочитана 688 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско