Халкбанк – поддржувач на идеите на поединците и бизнисите и креатор на општествениот развој

Интервју со д-р Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, во коешто говори за успесите и проектите на банката во текот на изминатата година, за зеленото финансирање, поддршката за бизнис секторот, како и за поддршката за женското претприемаштво. Д-р Суџубаши зборува и за очекувањата во однос на каматните стапки на кредитите и депозитите во текот на актуелната година, предвидувањата во банкарскиот сектор, но и за тоа каде денес е позиционирана Халкбанк АД Скопје. Д-р Суџубаши, во интервју за „Марили“ вели дека денес Халкбанк е во групата на петте најголеми банки во државата и дека е системски значајна банка и силен бренд. 

МАРИЛИ: Повеќе од една декада сте присутни на македонскиот пазар. Каде е позиционирана Халкбанк АД Скопје денес на македонскиот финансиски пазар и каква е соработката со бизнис-секторот? 

Д-Р СУЏУБАШИ: Денес Халкбанк е во групата на петте најголеми банки во државата и системски значајна банка и силен бренд. Таа е силна банка чија мисија е да создава вредност за клиентите, акционерите и вработените преку ефикасно нудење на сите банкарски услуги, а со тоа придонесува во развојот на банкарскиот сектор и пазарот на капитал.

Кога зборуваме за соработката со бизнис-секторот, од доаѓањето на македонскиот финансиски пазар ние ја промовираме нашата поддршка за малите и средните претпријатија бидејќи поддршката на оваа категорија компании е длабоко вкоренета во работењето на нашата матична банка Халкбанк Туркије. Оваа категорија субјекти има потреба од најголема помош бидејќи најтешко доаѓа до финансиски средства. Но во исто време има огромен придонес во економијата.

Колкава е нашата поддршка за бизнис-секторот најдобро покажува постојаниот пораст на обемот на кредитирање. Изминатата година, во услови на затегната монетарна политика од страна на Централната банка, ние го зголемивме кредитирањето за над 93 милиони евра. Ова најмногу се должи на корпоративниот сектор каде што имавме зголемување на кредитирањето во висина од речиси 97 милиони евра.

Исто така и депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 55 милиони евра. Ова покажува дека понудивме добри производи, со атрактивни услови. Впрочем, ние имаме прифатено еден многу значаен принцип во своето работење, а тоа е создавање производи и услуги според мерка на клиентот.

МАРИЛИ: Кои се Вашите предвидувања во однос на банкарскиот сектор? Какви се Вашите очекувања во однос на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2024 година?

Д-Р СУЏУБАШИ: Во 2023 година најголем предизвик за банкарскиот сектор беше продолжувањето на мерките за намалување на инфлацијата. Тоа, пак, значеше зголемување на референтната каматна стапка од страна на Народна банка, на која мораше да се приспособува и банкарскиот сектор. Тоа доведе до раст на каматните стапки, нешто на што сите ние, и банките и клиентите, не бевме навикнати многу долго време.

Сепак и во вакви услови Халкбанк се потруди да понуди производи со најатрактивни услови на пазарот. Па, така, за населението понудивме Промо потрошувачки кредит и Промо депозит што наидоа на одличен одѕив.

Идните промени во каматната стапка, секако, ќе зависат од динамиката на инфлацијата кај нас, но и од чекорите што ќе ги преземе Европската централна банка (ЕЦБ), со оглед на нашата врзаност за курсот на еврото. Деновиве ЕЦБ објави дека основната каматна стапка ја задржува на исто ниво. Доколку и во Северна Македонија продолжи да паѓа инфлацијата, веројатно и нашата Централна банка ќе го следи овој чекор.

Но, секако, сѐ ова ќе зависи и од развојот на глобалните случувања што доведоа до инфлација, високи камати, пад на производството и глобална економска криза.

МАРИЛИ: Халкбанк ѝ посветува исклучително внимание на зелената агенда. Какви производи нуди Вашата банка во рамките на зеленото финансирање и дали има раст во побарувачката на кредити за зелени инвестиции?

Д-Р СУЏУБАШИ: Зелената агенда отсекогаш била важна за Халкбанк, како во поглед на нашите општествено одговорни практики што се насочени кон зголемување на шумскиот фонд и промовирање на важноста на здравите животни навики, така и во поглед на помагање во реализацијата на зелени инвестиции - оние што значат зголемување на енергетската ефикасност, како и градење капацитети за производство на енергија од обновливи извори.

Забележуваме дека сѐ повеќе се инвестира во различни форми на енергетска ефикасност и во обновливи извори на енергија.

Во поглед на зеленото финансирање имаме креирано производи, како за населението, така и за стопанството.

Секако, имаме кредитни производи наменети и за инвестиции во изградбата на капацитети за производство на енергија од обновливи извори. Еден таков голем проект, во чија реализација помогна и Халкбанк, е изградбата на најголемата приватна фотоволтаична централа во Новаци, која е со инсталиран капацитет од 55 MW и годишно проектирано производство од 75.000 MWh електрична енергија, доволно за задоволување на потребите на 30.000 семејства. Моментно таа е најголема во државата, а претставува инвестиција вредна 33 милиони евра.

МАРИЛИ: Халкбанк АД Скопје е веќе препознаена екобанка што значително се грижи за животната средина. Препознатливи сте по апликацијата ХалкЕко и многу други активности. Кои се Вашите најзначајни екопроекти и какви се плановите на Халкбанк АД Скопје по ова прашање за оваа година?

Д-Р СУЏУБАШИ: Ние сме навистина горди што Халкбанк во државата се препознава како еко ориентирана банка што спроведува низа акции како свој придонес во заштитата на животната средина. И тоа не само преку кредитирање „зелени“ проекти, туку и со низа општествено одговорни активности и акции во насока на подобрување на состојбата во животната средина и истовремено подигнување на свеста за тоа дека сите имаме ист дом - планетата Земја и дека треба да се грижиме за тоа каков дом ќе им оставиме на нашите деца и идните генерации.

Уште во октомври 2019 година ја креиравме мобилната апликација ХалкЕко со која, со низа  бенефиции, ги мотивираме граѓаните да пешачат, трчаат или да возат велосипед. За возврат, Халкбанк презеде обврска за секои 80 километри поминати во овие активности, како кумулативна активност на сите корисници на апликации, да засадува дрвја.

Во рамките на платформата ХалкЕко реализираме и други проекти - од реновирање на мостовите во новиот дел на Градскиот парк во Скопје, преку уредување зелени корнери, изградба на зелени покриви на автобуски постојки итн. И, секако, тука се и низа спортски настани во кои како спонзор, покровител или организатор се јавува токму платформата ХалкЕко на Халкбанк.

Ние сме дел и од акцијата Priceless Planet на Mastercard, која ги обединува корпоративните заложби за поздрава планета и овозможува значајни инвестиции за заштита и подобрување на животната средина.

Нашите цели за зголемување на шумскиот фонд како предуслов за почиста животна средина ќе продолжат и во иднинa. Веќе најавивме дека ќе реализираме голема петгодишна донација од 1.000.000 садници за пошумување на земјата во регионите каде што е потребно. 

МАРИЛИ: Исто така, Халкбанк им дава поддршка на жените за поголема вклученост во бизнисот преку т.н. Пакет за жени. За што конкретно станува збор, дали има интерес и какви се досегашните ефекти од овој проект?

Д-Р СУЏУБАШИ: Женското претприемништо на глобално ниво сè уште се соочува со многу пречки. За да се придвижат или сменат работите потребно е правење промени и давање помош и поддршка за промени.

Иако и порано им дававме поддршка на жените претприемачи, решивме да креираме и посебен производ што го нарековме Пакет за жени што е наменет за микро, мали и средни претпријатија каде што доминантни основачи или сопственици се жени, односно кога основачи се правни лица, краен доминантен сопственик да е жена или повеќе жени. Овој пакет нуди низа погодности како можност за добивање кредитни средства со најповолна фиксна каматна стапка за кредитите до 12 месеци. Истовремено со тоа како подарок се добива и годишна полиса за патничко осигурување со покриеност до 30 дена издадена од Халк осигурување.

Истовремено Пакетот нуди и низа други бенефиции како, на пример, бесплатно водење на сметката, пониски провизии за денарски платен промет, нема месечен трошок за електронско банкарство, деловна дебитна картичка Мастеркард без надоместок за издавање и многу други погодности. Секако, тука се и едноставната и брза процедура при одобрување кредитна изложеност, но и промотивни услови за целокупната банкарска палета на производи и услуги.

Се надеваме дека многу жени ќе се охрабрат и ќе го направат првиот чекор во реализирањето на својата идеја и креирањето бизнис.

 


Статијата е прочитана 361 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско