Бизнис вести

Владата го зголеми капиталот на Развојна банка за поддршка на приватниот сектор

понеделник, 14 декември 2020

Владата на 29. седница донесе одлука за зголемување на почетниот капитал на Развојна банка на Македонија за три милиони евра. Целта на зголемувањето на капиталот е зголемување на поддршката на приватниот сектор, а особено на поддршката на извозот во услови на отежнато работење на домашните компании.

Од Развојната банка соопштија дека зголемувањето на поддршката на приватниот сектор ќе се реализира преку проширување на портфолиото на Банката со издавање царински гаранции.

Царинските гаранции, како што посочуваат од банката, беа предвидени со четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата. Со овој производ ќе се олесни увозот на материјали заради облагородување кој се реализира како извоз во форма на производи и услуги.

„Преку Развојна банка на Македонија досега се реализираа две бескаматни кредитни линии за поддршка на микро, мали и средни компании со кои се поддржаа околу 1.400 компании со 18.000 вработени. Дополнително, преку Развојна банка се ставија на располагање на приватниот сектор 50,9 милиони евра поволни кредити од ЕИБ кредитната линија за проекти на 189 компании кои треба да вработат нови 605 лица“, се вели во соопштението.

Од Развојната банка информираат дека се реализира третата бескаматна кредитна линија со грант компонента за микро и мали трговски друштва, ТП и занаетчии, за која поднесувањето кредитни барања започнува во среда на 16 декември од 00:01 часот на полноќ.

Содржината е прочитана 467 пати.