Прекрасна вечер на „Охридско лето“ со сопранистката Жанг и пијанистот Синадиновиќ

Кинеската сопранистка Ванже Жанг и српскиот пијанист Дејан Синадиновиќ  вчеравечер одржаа концерт во рамките на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“.

Во црквата „Света Софија“  одекна  прекрасниот глас  на Жанг во пијано придружба  на нејзиниот колега Синадиновиќ кој остварува настапи  во престижни концертни сали.

-Навистина поминавме прекрасна вечер. Јас ги сакам Македонците и Македонија затоа што целото детство го поминав во Скопје. Тоа е многу емотивна врска и овде секогаш се  чувствувам како дома, па дури  по малку и зборувам македонски. Но што се однесува до концертот на „Охридско лето“, тој е  еден од низата кои јас и госпоѓата Ванже Жанг ги организираме. Следува голема турнеја низ  Европа и се надевам дека ваквото темпо ќе продолжи затоа што сметам дека имаме што да понудиме. Таа е навистина извонреден пејач, вели пијанистот Синадиновиќ.

Двајцата уметници имаат свои кариери, но  соработуваат околу пет години.

-Јас сум професор на академија, но секогаш кога времето ќе ми дозволи правиме различни концерти низ целиот свет, Кина, САД, Европа..., додава пијанистот Синадиновиќ.

Ванже Жанг е истакната кинеска сопранистка чија вонвременска убавина на нејзиниот глас ги надминува географските граници.  Како прва кинеска носителка на главна ролја во Белградската опера, Жанг е визионер и голем поборник за културна размена и образование на младите. Преку нејзиното делување како претседател на Фондацијата „Universal Artists“ и заменик претседател на Кинеско – српскиот центар за научна и културна размена, таа е предводник на иницијативата зa соработка помеѓу Далечниот исток и Западот преку универзалниот јазик на музиката.

Дејан Синадиновиќ е пијанист и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград. Преку педагошките влијанија на неговите професори Арбо Валдма и Елисо Вирсаладзе тој е поврзан со значајните традиции на Артур Шнабел од една, и на Јаков Зак и Хајнријх Нојхаус од друга страна.Остварува настапи во престижни концертни сали одржувајќи преку 100 рецитали на фестивали во Италија, Франција, Шпанија, Полска, Германија, Белгија, Швајцарија, Англија, Црна Гора, Грција, Северен Кипар, Турција, Данска, Романија, Русија како и во САД, Канада и Кина.

 


Статијата е прочитана 285 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско