Интервју со Марјан Стојнев: „Уникатни, 100% природни, рачно изработени сапуни од козјо млеко, лековити и погодни за сите возрасти“

Интервју со Мајран Стојнев, сопственик и генерален менаџер на семејната компанија „Производство на сапун Стојневи“. Традиционалното производство на сапуни од козјо млеко започнува во 2013 година, а компанијата официјално е регистирана во 2017 година.

Семејството Стојневи изработува 100% природни сапуни од квалитетно козјо млеко, без ниту една капка вода и без додадени мириси и бои, рачно изработени. Нивните производи можат да ги користат претставници на сите генерации, со било какви дерматолошки проблеми, бидејќи лековитоста на козјото млеко е позната поради тоа што ги содржи витамините: Е, А, Б6 и Б12. Ја омекнува и ја враќа влажноста на кожата и нежно ја смирува.

МАРИЛИ: Од каде потекнува идејата да се занимавате со производство на здрави, природни  сапуни и од кога датира компанијата?

СТОЈНЕВ: Со производство започнавме во 2013 година, по една моја посета на Словенија. Таму видов како луѓето своите производи ги продаваат од куќен праг. Бидејќи ние го имавме начинот на производство, почнавме да го произведуваме за себе и пријателите. Но, целта ни беше да го направиме производот достапен за сите.

Пред да регистрираме фирма за производство на сапуни, нашиот производ беше однесен на испитување во Институтот за јавно здравје - Скопје.

Сакавме да го испитаме сапунот, иако е стар традиционален рецепт кој се користел за лична употреба и да видиме какви ќе бидат резултатите од испитувањето на сапунот за нега при упоптреба како козметички производ.

Со испитувањето ни се потврди квалитетот на производот. Прво што направив, го заштитив брендот со „лого бренд“ во Државен завод за индустриска сопственост,  а тоа лого и ден-денес е заштитно лого на сапунот. Се регистриравме на 28.06.2017 година и оттогаш приказната за „Производство на сапун Стојневи“ почна да се шири.

МАРИЛИ: Која е спецификата на сапунот од козјо млеко, како се изработува и кои се бенефитите од користење на сапунот?

СТОЈНЕВ: Ова е производ кој се изработувал рачно, така и ние сега го изработуваме. Бидејќи треба да биде унифициран изгледот и пакувањето, мораше да се направат калапи и начин на сечење кое ќе даде бесконечен број на производи со иста форма и грамажа. Ова е производ кој се изработува со ладен процес на изработка на сапун, не е ист процесот како што го работеле нашите баби или мајки од свинска маст кој морал да се вари за да се добие сапун. Тоа е топол процес и со вриењето се завршува и сапунификацијата. Овој сапун од свинска маст го користеле за се во домот, за перење на сѐ, бидејќи се перело рачно, го користеле и за коса миење. Од друга страна пак, сапунот од козјо млеко го користеле за лична хигиена.

Производството на сапун од козјо млеко, како што реков, е ладен процес на изработка на сапун. Со овој процес сите корисни работи што ги содржи млекото, остануваат и во сапунот. Бидејќи производот е целосно рачна изработка, нема машина за негова изработка. Требаше време за да осмислам калап во кој ќе се лие сапунот, но тој калап да може и да е практичен, брзо да се состави и брзо да се расклопи заради понатамошните чекори на сечење на сапунот.

Имам направено платформа со која се подига калапот во кој е излиен сапунот каде што се сече во две оски, и останува уште едно сечење за да ја добиеме крајната форма. Покрај производител треба да си изумител и дизајнер за да си го олесниш и да го забрзаш производството. Така е кај сите производители кои добро си го познаваат сопственото производство.

Во моите калапи јас лијам 300 сапуни одеднаш. За да се изработи смесата и да се сипе во калапот, потребни се 4 часа работа на двајца луѓе.  Во калапот останува два дена за да се стврдне.

Потоа се сече на споменатите ножеви за сечење, кои всушност не се ножеви, туку жици од клавир и од гитара. Кога ќе се исечат сапуните, јас ги редам во кругови како цилиндри, за да можат да останат два месеци за да се сапунифицираат. После периодот од два месеци сапунот може да се појави на пазарот како готов производ.

Сапунот се изработува од свежо козјо млеко, без додавање ниту капка дестилирана вода. Во основниот сапун има додаток на кокосово масло и маслиново масло во мали количини, а во козметичкиот покрај сѐ што содржи основниот и уште ШЕА путер во мала количина. Се пакува во кутија која е оригама, со втиснат сув жиг од заштитеното бренд лого.  Самата кутија е мој дизајн, нема таква никаде. Хартијата е каучук со целулоза. Сапуните не можат да се отворат без да се скине кутијата, со тоа се штитат потрошувачите да не добијат производ кој некому му паѓал и го вратил во кутија. Пакувањето на сапунот Стојневи го правиме рачно. Сѐ е рачно и 100% природно.

МАРИЛИ:  Кој сѐ може да ги користи сапуните од козјо млеко?

СТОЈНЕВ: Сапуните Стојневи, бидејќи е природен производ, нема хемија во него, нама парабени, вештачки бои и мириси, се покажа како производ кој им помага на луѓето со проблеми, видливи на кожата.

Лековитоста на козјото млеко е позната поради тоа што ги содржи витамините: Е, А, Б6 и Б12. Ја омекнува и ја враќа влажноста на кожата и нежно ја смирува.

Комбинацијата на маслата, изобилуваат со витамините А, Д, Е и К како и минералите: калциум, фосфор, натриум, калиум и железо, омега-3 и омега-6 масни киселини, исто така голем дел на антиоксиданси и благодарение на нив ја храни кожата, го успорува нејзиното стареење, ја убрзува регенерацијата и ја прави витална и еластична.

Може да се користи за сите типови кожа и за било која возраст. Наменет е за хигиена на цело тело.

Миење на коса, одржување хигиена на брада. Редовно користење на сапунот од козјо млеко може да помогне во намалување на воспаленија на кожата. Козјото млеко е богато со алфа хидроксилни киселини, кои ги отстрануваат мртвите клетки од кожата и го потикнуваат растењето на нови и здрави клетки. Козјото млеко содржи селен, за кој е докажано дека можа да ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци од сонцето.

Посебно се препорачува на луѓето со испукана и сува кожа како и луѓе со егзема и псоријаза. Алкален е, Ph вредноста му е повисока од Ph на нашата кожа, но бидејќи кожата има својство да се обновува, таа во период од неколку минути се враќа на Ph 5,5. Но вие користејќи ги сапуните Стојневи не користите никаква хемија на вашата кожа, која е најголемиот орган на секое тело.