Десет големи компании доставиле понуди за „Чебрен“

На јавниот повик се јавиле компании од Грција, Турција, Шпанија, Франција, Австрија, Италија и Кина

Десет големи светски компании од областа на енергетиката и градежништвото доставиле понуди за проектот „Чебрен“ во фазата на претквалификација. На јавниот повик за спроведување на енергетскиот проект „Чебрен“ по принцип на јавно-приватно партнерство, што го објави АД Електрани на Северна Македонија во февруари се јавиле компании од Грција, Турција, Шпанија, Франција, Австрија, Италија и Кина.
Меѓу компаниите кои поднеле понуди за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроцентрали на Црна Река се Конзорциум „PPC-Archirodon“ од Грција, Конзорциум „Enka-Colin“ од Турција, „EDF“ од Франција, Конзорциум „Cobra-Cobra Hidraulika“ од Шпанија, Конзорциум „Evn – Verbund“ од Австрија, „Webuild Spa Italija“ од Италија, „Gezhouba group“ од Кина, „Power Construction Corporation“ од Кина, Конзорциум „Ozaltin Yapi Merkezi“ од Турција и Конзорциум „Eiffage – Waterlu-Andritz-Norconsult“ од Франција и Австрија.

Од Владата денеска информираа дека следува период на евалуација на пристигнатите апликации за да се утврди дали тие ги исполнуваат условите од тендерската документација.

„Квалификуваните понудувачи ќе бидат поканети во втората фаза, во која ќе можат да достават комплетни понуди за проектот и за нивно учество во јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ за изградба на овој капитален енергетски објект“, се вели во соопштението од Владата.

АД ЕСМ ќе ангажира трансакциски советник кој ќе треба да ја изработи тендерската документација за втората фаза, со цел успешна реализација на проектот.

Инвестициската вредност на проектот се проценува минимум 500 - 600 милиони евра. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333-458 мегавати, за годишно производство од 1.000 до 1.200 гигават часови електрична енергија.


Статијата е прочитана 733 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско