Јубилејни 15 години за „Пакомак“ – Лидери на Балканот по број на поставени Повратни Вендинг Машини
Интервју со проф. д-р Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“, непрофитна компанија којашто се занимава со селекција и преработка на отпад од амбалажа. Основана е пред 15 години од 11 македонски компании, а членови се над 700 други компании. Основна дејност на „Пакомак“ е создавање систем преку кој отпадот од пакување од членките-компании ќе се селектира по тип на отпад (хартија, пластика, стакло, метал, дрво и композит) и потоа ќе се однесе на рециклирање или енергетско искористување.
„Освен петкратниот квантитативен раст во собраните и рециклирани количини отпад од пакување, со нашето 15 годишно делување придонесовме за подигање на еколошката свест на граѓаните, но и на бизнис секторот!“, вели Ивановски во интервју за „Марили“.
МАРИЛИ: „Пакомак“ годинава одбележува 15 - годишен јубилеј. Како започна приказната „Пакомак“, која беше визјата и до каде сте со исполнување на истата?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Пакомак е основан од 11 македонски компании од прехранбената индустрија, пред сѐ од индустријата за пијалаци. Брендовите пакувана вода како „Ладна“, „Добра Вода“, „Горска“, „Кожувчанка“, „Изворска“ и „Пелистерка“ се конкуренти на пазарот. „Пивара“ Скопје и „Прилепска Пиварница“ со своите брендови се конкуренти над 100 години, винариите „Тиквеш“ и „Стоби“, маслата за јадење „Кристал“ и „Брилијант“ од „Витаминка“ се исто така конкуренти. „Вивакс“ пак, покрај тетрапак пакувањата, со своите сокови во одреден сегмент се натпреварува на пазарот со брендовите негазирани сокови на Горска и Кожувчанка...
Но, сите овие компании се веќе 15 години партнери во „Пакомак“ како негови основачи и носат заеднички одлуки кои придонесоа да станеме во Македонија синоним за зборот рециклирање.
Тоа и го посакувавме пред 15 години, кога во 2011 година почнавме со работа и собравме околу 6.900 тони отпад од пакување, за да оваа јубилејна 2025та очекуваме да собереме и рециклираме над 37.000 тони што ќе биде над 5 пати повеќе од количините отпад од пакување во 2011-та. Тоа ќе биде над 68% од вкупниот амбалажен отпад кои клиентите на „Пакомак“ (над 780 компании) го пуштаат на домашниот пазар со продажба на своите производи. Во нашиот систем собираме 1/3 од целиот отпад од пакување во државата, но веруваме дека преку раст на инфраструктурата за селекција можеме да дојдеме до 50% собирање и преработка на вкупниот отпад од пакување во Македонија.
МАРИЛИ: Кои се најзначаните успеси и постигнувања на „Пакомак“ во изминатата декада и половина во сегменитите намалување и селектирање на отпадот, зголемување на екосвеста, како и поттикнување на бизнис секторот за поодговорно селектирање и рециклирање на отпадот?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Освен петкратниот квантитативен раст во собраните и рециклирани количини отпад од пакување, со нашето 15 годишно делување придонесовме за подигање на еколошката свест на граѓаните, но и на бизнис секторот! Нашите јавни кампањи за селекција на отпадот, акции за чистење и стимулирање на граѓаните да го селектираат отпадот, поставените контејнери и канти, нашите јавни настапи и нашата сеопшта пристност, придонесоа за поголема грижа кон животната средина од страна на граѓаните и компаниите. Од над 2000 компании од ХОРЕКА секторот ширум земјава, „Пакомак“ собира над 4000 тони отпадно стакло што се создава преку пијалоците кои се конзумираат во нив.
Да создадете навика за селекција на отпадот кај овие компании бара сериозна работа и логистика и следната година освен стакло, ќе се фокусираме и на собирање отпад од пластика и картон од овие наши клиенти.
Нѐ радува и фактот што секоја година расте бројот на компаниите кои го финансираат нашиот систем. Повеќе собираме отпад за рециклирање затоа што и повеќе комании плаќаат надоместок по тон отпад од пакување што го пуштаат на пазарот прелу своите производи. Најпосле, компаниите го селектираат отпадот и во своите погони, канцеларии и продавници.
Соработката со Швајцарската амбасада нѝ отвори можност од 2023 година досега да поставиме 84 Повратни Вендинг Машини (ПВМ) во супермаркетите, во кои граѓаните може да ги одложат за рецикклирање пластичните шишиња и алуминиумските лименки.
Оваа година очекуваме да се соберат над 18 милиони парчиња ваква амбалажа во нашите ПВМ, што е аналогно на околу 600 шлепери полни со пијалаци! Овие 550 тони пластика и лименки се доселектирани, балирани и однесени на рециклирање во регионот и во ЕУ! Овие 15 години неминовно растеме заедно со нашите партнери и членки!
МАРИЛИ: Колку ги следите најновите европски стандарди во однос на циркуларната економија и можна ли е нивна побрза имплементација?
Д-Р ИВАНОВСКИ: „Пакомак“ е рамноправен член на две сериозни европски организации со седиште во Брисел: Pro Europe и EXPRA. Во нив членуваат најголемите системи за собирање и рециклирање отпад од пакување од секоја земја на ЕУ, но и од Западен Балкан. Тоа ни дава пристап до сите информации поврзани со регулативата, стандардите и најновите трендови. Циркуларната економија станува поактуелна, но транзицијата од линеарна економија ќе трае со години, бидејќи освен економски инструменти, бара и промена во однесувањето и свеста на нас како граѓани, но и промена во досегашниот начин на носење одлуки кај компаниите.
Циркуларната економија бара да се дизајнираат производи и услуги кои минимум загадуваат и создаваат отпад, производите кои се создаваат да траат што подолго и да може да се реупотребат или рециклираат после завршување на нивниот век и најпосле, циркуларната економија бара да се обновуваат природните ресурси!
Досега бизнисите како приоритет го имаа профитот (П), но овој модел бара земање в предвид и на останати две П: Планетата (Planet) и Општеството и вработените (People). Од неколкуте бизнис модели кои ги промовира циркуларната економија, рециклирањето на отпадот и создавање повторно употребливи суровини е еден од најбрзо применливите модели и токму затоа ние настојуваме да бидеме позитивен пример кој ќе ја забрза имплементација и на останатите циркупарни модели.
МАРИЛИ: Кои се суштинските бариери кои треба да ги надминеме за да постигнеме здрава животна средина и развој што доликува на современа европска држава?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Ние мораме да делуваме синхорнизирано на државно и на локално ниво. Мораме да ги зголемиме капацитетите на јавните комунални претпријатија и да ги трансформираме во регионални, како што е предвидено на државно ниво. Не треба да ги исклучуваме и Јавните-приватни партнерства како модели за трансформација, но со приватни компании кои имаат знаење и традиција во менаџирање на отпадот. Управувањето со отпадот мора да биде строго контролирано и регулирано, примарната селекција да биде задолжителна и да има секундарна селекција со која ќе се искористат сите рециклабилни материјали за нови суровини. Остатокот може енергетски да се искористи како гориво во некои индустрии, а само мал дел да се депонира на веќе определени локации во националниот план за отпад.
За овие почетни инвестиции веќе има фондови на располагање, но за да ова биде оперативно одржливо мора општините да ги зголемат комуналните сметки! Не можеме за 3-5 евра месечно по домаќинство да имаме европско управување со отпад. Верувам дека и граѓаните ќе прифатат да платат 2-3 евра плус ако видат дека на терен се случуваат позитивни промени, а не дека со тие пари се зголемува администрацијата во комуналните претпријатија, која и сега е преробусна и неефикасна.
Проблемот со недоволната инфраструктура за селекција на отпад и контејнери за општиот комунален отпад може да се реши релативно брзо со достапни фондови од ЕУ, но многу поголем предизвик е менувањето на свеста и навиките на граѓаните! Тоа е можно да се забрза само со стимулирање и наградување на оние кои се еколошки свесни и одговорни, но и со казни за оние кои тоа не се! Тоа е најбрз и неједноставен начин да станеме современа европска еколошка држава, бидејќи подобро управување со отпадот штеди ресурси, но ги зачувува почвата, водата и воздухот од загадување!
МАРИЛИ: Екосвеста треба да се негува од најрано детство. Колку Вие вложувате во едукација на младите и во кампањи, и што треба се направи/смени во образовниот процес за јакнење на екосвеста кај младите?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Најмладите се иднината на нашето општество и тие се агентите на промена преку кои најлесно ги менуваме и повозрасните! Се уште ја паметат нашата кампања од 2018 со Еко Автобусот низ кој поминаа на еколошки час над 60.000 деца од прво до петто одделение ширум земјава. Правиме едукативни настани низ градинките и училиштата, сакајќи уште од мали да им созададеме навика да го селектираат отпадот и да се грижат за животната средина.
Сметаме дека уште во основно училиште треба да се воведе задолжителен предмет со еколошки теми, за климатските промени, потребата од заштита на водата, почвата и воздухот. Само со континуирано држење на овие теми високо во свеста на граѓаните и агендата на политичарите може да направиме брз напредок преку генерациите што доаѓаат! И затоа ќе продолжиме со кампањи во училиштата!
МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија за вложувањето во рециклирање, дали е тоа е сериозна стопанска дејност која позитивно влијае на економиите на развиените земји во светот?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Индустријата за преработка на отпад од пакување е сериозна и одговорна дејност која бара одредена „економија на обем", односно минумим потребни количини отпад за преработка доколку сакаме да биде тоа одржлива дејност.
Ние сме мала земја и следствено, количините отпад кој ги созадаваме не се доволни за исплатлив бизнис дури и кога целиот отпад би го собрале. Но, ова е случај и со земјите од соседството како Србија, Косово и Албанија.
Затоа, регионален пристап кон градење капацитети за рециклирање е една добра опција. Македонија има можност да биде регионален центар за рециклирање на пластика, но и за додадена вредност во преработката на стакло пред финално рециклирање.
Инвестициите не се недостижно високи и се во ранг од неколку милиони евра. Во следните години ќе има потреба од рециклирани материјали, а потенцијалната вредност е десетина милиони евра годишно...
МАРИЛИ: Кои се плановите на „Пакомак“ за 2026 година, па и подолгорочно? Имате ли конретни инвестиции и акции?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Следните години ќе продолжиме со ширење на мрежата на ПВМ и до крајот на 2026-та ќе надминеме бројката од 100 ПВМ. Паралелно, со помош на Швајцарската Амбсада ќе вложиме во современ погон за секундарна оптичка селекција на отпадот од пакување кој го собираме од ПВМ и од жолтите и сини контејнери чии број секоја година ќе расте.
Во рамки на постројката за секударна селекција и третман на отпадот од пакување, ќе има и мал едукативен центар каде би можеле на младите од основните училишта да им покажеме што се случува со шишињата и лименките кои ги пуштаат во нашите ПВМ или ги одлагаат во жолтите контејнери на улица, односно да им го покажеме патот на отпадот од дома до нова суровина.
Продолжуваме со нашите традиционални активности за подигање на јавната свест, но планираме и нови, иновативни начини како да допреме да младите и најмладите со цел да ги прикажеме бенефитите од селекција на отпадот, но и создадеме еколошки навики уште во детството и младоста. Само со истрајност, транспарентност, упорност и работа, може да се направат промени во општеството!
Статијата е прочитана 684 пати.
Видео: Избор на најуспешни жени мејаџери 2022































