Иуте Македонија - Финтек лидерство со естонска ДНК и меритократски принципи
Интервју со Биљана Мишиќ, извршна директорка на Иуте Македонија. Естонската компанија е присутна на македонскиот пазар од 2017 година, како финтек платформа со амбиција да изгради интегриран финансиски екосистем.
„Финтек е вистински катализатор на економски раст. Во Естонија придонесува со околу 10 % во БДП, додека во Македонија тој удел е во промили, односно имаме огромен неискористен потенцијал. Дигиталните финансии ги намалуваат трошоците, а трансакциите се случуваат во реално време“, вели Мишиќ во интервјуто за агенција „Марили“.
Биљана Мишиќ е една 30-те овогодишни лауреатки, добитничка на статуетка „Жена водилка“, наградена за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија на 30-та јубилејна манифестација „Избор на Најуспешни жени менаџери“ 2026 година.
Манифестацијата се одржа на 23 април 2026 година во Хотел DoubleTree By Hilton во Скопје, во организaција на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Од кога дејствувате на македонскиот пазар, кои се спецификите на компанијата и колку се присутни дигитализацијата и вештачката интелигенција (ВИ) во Вашето работење?
МИШИЌ: „Иуте Македонија“ е присутна на пазарот од 2017 година, како финтек платформа со амбиција да изгради интегриран финансиски екосистем. Потекнуваме од Естонија, земја синоним за дигитална зрелост, а таа ДНК е длабоко вградена во нашиот пристап.
Денес во суперапликацијата Myiute ги обединуваме личното финансирање, осигурителните услуги, моделот „Купи сега - плати подоцна“, а наскоро и дигитален паричник и плаќања. Дигитализацијата и вештачката интелигенција не се додаток, туку темел. Користиме модели базирани врз машинско учење и предиктивна аналитика што во реално време анализираат стотици параметри, со минимална човечка интервенција.
Наша цел не е само брзина, туку паметна, одговорна и безбедна услуга, каде што технологијата работи во корист и на корисниците и на институцијата.
МИШИЌ: Колку развојот на секторот финтек може да придонесе за раст на македонската економија?
МИШИЌ: Финтек е вистински катализатор на економски раст. Во Естонија придонесува со околу 10 % во БДП, додека во Македонија тој удел е во промили, односно имаме огромен неискористен потенцијал. Дигиталните финансии ги намалуваат трошоците, а трансакциите се случуваат во реално време.
Лиценцата за платежни услуги и електронски пари што IutePay ја доби минатата година е системска промена за целиот пазар: можеме да нудиме дигитален паричник, виртуелна картичка и евтини инстант трансфери, без посредство на традиционалните банки.
Финтек создава и нови висококвалификувани работни места во аналитика, ИТ и кибербезбедност. Сето ова создава позитивен круг - повеќе иновации, повеќе инвестиции и поавтоматизиран и подостапен финансиски систем.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерски позиции и што е клучно за континуиран успех?
МИШИЌ: На водечки позиции сум близу две децении, а на чело на „Иуте Македонија“ веќе трета година водам тим што постојано расте и иновира. Нашиот раст од 50% на активата до над 60 милиони евра во изминатата година, со подобрен квалитет на портфолиото, не е случајност.
Успехот се гради врз три столба: технологија што континуирано се надградува, одговорно кредитирање преку заштита на корисниците и компанијата и доверба преку транспарентност. Клучот е во дисциплината на системот: одлуките се донесуваат врз основа на податоци, а не лична процена. Втората суштинска вештина е способноста за постојано преиспитување и агилна адаптибилност, пазарот и технологијата се во непрекинато движење, стратегијата мора да биде жива.
МАРИЛИ: Кои Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
МИШИЌ: Дисциплината е тоа што ме обликува преку способност да се работи конзистентно. Во финансиите, дисциплината е темел врз кој почива институционалниот интегритет. Храброста, исто така, е моја силна страна, не само во контекст на донесување тешки одлуки, туку и преку постојано преиспитување.
Финтек е сектор што се менува со енормна брзина и оној што престанал да учи, всушност веќе заостанал. Постојаното учење, исто така, ме карактеризира, тоа е начин на размислување што не дозволува стагнација.
МАРИЛИ: Дали манифестациите како „Избор на најуспешни жени менаџери“ придонесуваат за женското лидерство?
МИШИЌ: Ова е прашање со кое свесно се борам. Еден дел од мене посакува да живеам во свет каде што вакви манифестации повеќе не се потребни. Но сѐ уште не сме таму, статистиката покажува значаен структурен јаз, особено во технолошкиот и финансискиот сектор. Додека постои тој јаз, вакви манифестации имаат конкретна функција: да создаваат видливост, а видливоста создава инспирација за следната генерација. Кога добивам вакви признанија, ги прифаќам не само лично туку и во името на сите оние што се уште не седат на масата каде што се донесуваат одлуките, но имаат сѐ што е потребно за да бидат таму.
Горди сме на тоа што го изградивме во „Иуте“: тим што е меритократски во вистинска смисла, каде што позицијата е условена од компетентноста, а не родот. Тоа е моделот кон кој вреди да се стремиме, не само во рамките на поединични компании, туку на ниво на целиот пазар и на целото општество.
Статијата е прочитана 191 пати.


























