Интервју со проф. д-р Јана Клопчевска:„ Молекуларната гастрономија е лабораториска иновација која покажува како ќе изгледа храната на иднината - здрава, функционална и визуелно незаборавна“

Интервју со проф. д-р Јана Клопчевска, научник, иноватор и вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.

Д-р Клопчевска во интервјуто говори за неодaменшната посета на Јапонија, преку JICA програмата за помош на земјите во развој, која и овозможи да работи со професори и експерти од повеќе јапонски универзитети, да ги посети нивните центри за агро-иновации и биотехнолошки лаборатории.  

„Она што ме фасцинираше е нивниот пристап кон развојните земји, тие не „наметнуваат решенија“, туку заедно со локалните партнери ко-креираат стратегии, градејќи капацитет на локалниот кадар и институции. Така, ефектот е долгорочен, не привремен.“ вели проф. д-р Клопчевска.

Професорката зборува и за молекуларната гастономија, биотехнологијата, напредокот, недостатоците...

„Приоритет треба да бидат национални инвестиции во лабораториска модернизација, каде Министерството за Образование и Наука веќе е активно со повици и  посебни фондови за опрема, биотехнолошки аналитички инструменти, пилот-линиски системи и дигитална инфраструктура. Без модерни лаборатории нема ни модерна индустрија. Фонд за применета наука и трансфер на технологија и програми што го спојуваат универзитетот со индустријата со цел лабораториските резултати да преминат во прототипи, пилот-процеси и реални производи. Ова е најголемиот „missing link“ во земјава. Поддршка за дигитализација во агро и прехранбената индустрија е од особена важност.“, вели проф. д-р Клопчевска. 

МАРИЛИ: Почитувана проф. Клопчевска. Неодмна бевте дел од Women in Tech Macedonia каде говоревте за молекуларната гастрономија. Согласно Вашата експертиза, каде биотехнологијата се среќава со следната генерација на храна и до каде е Македонија на овој пат?

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Women in Tech Macedonia беше одлична можност да покажеме дека молекуларната гастрономија не е „фенси кујна“, туку платформа каде науката, биотехнологијата и иновациите се среќаваат за да создадат нови вредности од подобрена нутритивност, до циркуларни процеси и локални, одржливи производи.

Во глобален контекст, биотехнологијата веќе ја трансформира храната на три клучни начини: Ферментациски технологии – прецизни протеини, функционални ферментирани производи, растителни замени; Циркуларна биотехнологија – претворање биомаса и отпад во биополимери, биоѓубрива, функционални екстракти; Персонализирана исхрана – храна дизајнирана според микробиом, генетика и индивидуален метаболизам. Македонија полека, но јасно се позиционира на овој пат.

Ги имаме знаењето, научните капацитети и ентузијастичката стартап заедница, но ни недостасува системско инвестирање и инфраструктура за трансфер на технологија. Институции и програми како Women in Tech, EIT Food, UNDP Accelerator Lab и Отворената Биотехнолоска Лабораторија, веќе го отворија просторот за вкрстување на науката со индустрија.

Она што мене ме радува е што сè повеќе млади жени влегуваат во оваа област, како истражувачки таленти, основачи на стартапи или визионерки за нови форми на храна. Македонија може да стане мал, но моќен хаб за иновативни ферментациски производи, функционална храна и циркуларни биотехнолошки решенија, ако ја поддржиме оваа генерација иноватори.

МАРИЛИ: Дали сметате дека постојат доволно програми на државно ниво кои ја поддржуваат научната работа во нашата земја, помагаат во модернизација на лабораториската инфраструктура и дигитализацијата во сите сфери кои поттикнуваат домашно производство на храна? Кои мерки треба да се приоритет?

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Иако во последните години има позитивни чекори, како воведување на истражувачки грантови, поддршка за стартапи и неколку иницијативи за дигитализација, сепак, не можеме во целост да кажеме дека постои конзистентен и долгорочен систем што ја поддржува научната инфраструктура во Македонија. Научната работа, особено во доменот на биотехнологијата, храната и циркуларната економија, бара стабилни инвестиции, модерни лаборатории и континуирано усовршување на кадарот, иако во последно време гледам одреден напредок во отварање на биохак лаборатории во земјава.

Проблемот не е во недостатокот на талент, туку во недоволно стратешко финансирање. Имаме млади инженери, научници и истражувачи кои со правилна поддршка можат да изградат нови производи, биопроцеси и технолошки решенија со висок извозен потенцијал.

Приоритет треба да бидат национални инвестиции во лабораториска модернизација, каде Министерството за Образование и Наука веќе е активно со повици и  посебни фондови за опрема, биотехнолошки аналитички инструменти, пилот-линиски системи и дигитална инфраструктура. Без модерни лаборатории нема ни модерна индустрија. Фонд за применета наука и трансфер на технологија и програми што го спојуваат универзитетот со индустријата со цел лабораториските резултати да преминат во прототипи, пилот-процеси и реални производи. Ова е најголемиот „missing link“ во земјава. Поддршка за дигитализација во агро и прехранбената индустрија е од особена важност.

Сензорика, автоматизација, следливост, управување со квалитет тоа не е „луксуз“, туку основен предуслов за конкурентност на македонските производи на европскиот пазар. Поддршка за женски младински иновациски иницијативи, е важна бидејќи младите се клучниот човечки капитал во биотехнологијата, фармацијата, еко-инженерингот и нутри-иновациите. Специфични програми можат драматично да го забрзаат развојот.  Верувам дека Македонија има потенцијал да стане регионален центар за иновации во храна, циркуларна биотехнологија и функционални ферментациски производи, но тоа бара храбра одлука, да се инвестира во знаење, модерна технологија и инфраструктура која ја создава храната на иднината.

МАРИЛИ: Колку меѓународните програми за помош на земјите во развој се значајни за нашата земја? Пренесте нѝ ги Вашите искуства од престојот во Јапонија, поточно од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA.

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Меѓународните програми за развој, како JICA, се од суштинско значење за земји со мал пазар и ограничени ресурси како Македонија. Тие овозможуваат нешто што локалните системи тешко можат сами да го создадат, пристап до врвна експертиза, трансфер на технологија, современи модели на управување, обуки, инструменти за дигитализација и, најважно, пристап до глобални мрежи. Моето искуство со JICA беше многу повеќе од академска размена тоа беше училиште по дисциплина, точност, системско размислување и иновациска култура.

Во Јапонија видов како една земја успева од природните ресурси да креира високотехнолошки, одржлив и конкурентен агро-прехранбениот сектор, преку прецизни биотехнолошки процеси, дигитални системи за следливост, ферментациски традиции претворени во современа индустрија, и голема почит кон земјата, локалните производители и науката.

JICA програмата ми овозможи да работам со професори и експерти од повеќе јапонски универзитети, да ги посетам нивните центри за агро-иновации и биотехнолошки лаборатории.  Теренска посета, ми даде јасна слика колку брзо може да напредува секторот, кога науката, државата и индустријата работат како едно тело.

Она што ме фасцинираше е нивниот пристап кон развојните земји, тие не „наметнуваат решенија“, туку заедно со локалните партнери ко-креираат стратегии, градејќи капацитет на локалниот кадар и институции. Така, ефектот е долгорочен, не привремен. За Македонија, ваквите програми се од непроценлива вредност, бидејќи ја отвораат државата кон светот и носат: модерни методологии за развој на храна, знаење за циркуларни модели, поддршка за женско претприемништво, и реални примери како иновацијата може да биде мотор на економски раст. Верувам дека земјата треба уште поактивно да се вклучува во ваквите програми, затоа што токму тие го забрзуваат процесот на трансформација кон одржлива, биотехнолошки напредна и извозно ориентирана економија.

МАРИЛИ: На неодамнешниот Fashion Weekend во Скопје имавте можност да презентирате храна од молекуларната гастрономија. Што имаа можност да вкусат гостите? Колку е атрактивна овој вид на храна, но и богата со хранливи материи?

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Fashion Weekend е настан каде модата, уметноста и сетилното искуство се среќаваат. Молекуларната гастрономија таму се вклопи совршено, како мост меѓу науката и дизајнот, каде храната станува форма на креативна експресија. Гостите имаа можност да вкусат специјално дизајнирани мини дегустации, инспирирани од биотехнологијата и локалните намирници: Сферични гел перли од балзамико во комбинација со павкала и микро салати кои се концентрација на витамини и минерали.

Воздушен сунѓер со јадливо цвеќе и Јапонски путер од јаболко во модерна интерпретација полна со ароматичност.

Јадливи биополимерни листови направени од растителна пулпа, визуелен ефект што ја спојува гастрономијата со одржливи биоматеријали. Многумина од присутните, рекоа дека храната „изгледа како од научно-уметничка изложба“ и дека е превкусна.

Нутритивни придобивки се всушност, висока концентрација на витамини, полифеноли, растителни протеини и природни ферменти.

Овој вид храна е атрактивен од две причини: Прво, затоа што ја користи науката како алатка за креирање нови текстури, ароми и визуелни форми и друго, затоа што овозможува прецизност во нутритивниот профил со минимални количини можат да се внесат концентрирани хранливи материи.

Во суштина, молекуларната гастрономија е повеќе од тренд. Тоа е лабораториска иновација на чинија која покажува како ќе изгледа храната на иднината, здрава, персонализирана, функционална и визуелно незаборавна.

Fashion Weekend односно македонскиот моден бренд Миннимал, покажа дека македонската публика е подготвена да ја прегрне оваа нова форма на гастрономска култура, особено кога зад неа стојат наука, креативност и визија.

МАРИЛИ: Вие сте вистински љубител на модата и будно ги следите модните трендови. Бидејќи често патувате, каков е вашиот впечаток, колку нашите жени се модерни и стилски облечени во споредба со жените од Европа и светот?

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Модата за мене е форма на лична експресија, исто како науката, само во различен медиум. Кога патувам, секогаш обрнувам внимание на стилот на жените во различни земји, затоа што модата е одраз на културата, самодовербата и динамиката на општеството.

Мојот впечаток е дека македонските жени се исклучително стилски, храбри и со многу изразена индивидуалност. Она што е впечатливо е дека кај нас постои вродено чувство за естетика од изборот на бои, до комбинацијата на модерно и класично, до деталите кои ја откриваат личната приказна.

Кога ќе ги споредиме со жените од Европа и светот, би рекла дека нашите жени се подеднакво модерни, понекогаш и иновативни, особено во дневните комбинации. Многу повеќе експериментираат со стилот, особено помладите генерации кои имаат развиено силно чувство за женственост и елеганција, кое е препознатливо и уникатно на Балканот.

Она што најмногу ме радува е тоа што сè повеќе гледам свесно инвестирање во квалитет, локални дизајнери и одржлива мода, што е глобален тренд, но кај нас добива посебна културна нијанса.

Во Токио, Милано или Берлин стилот често се движи кон минимализам или авангарда, но во Скопје има една динамика што ја прави нашата модна сцена поинаква, комбинацијата на индивидуализам, храброст и топлина. Нашите жени имаат способност да изгледаат модерно и женствено истовремено, без да го изгубат својот личен печат. Верувам дека модата кај македонските жени не е само тренд, туку начин да ја покажат својата сила, иденитет и самодоверба. Тоа е нешто што не може да се скрие, ниту да се копира.

МАРИЛИ: Кои се Ваши планови за во блиска иднина и наведете ги позначајните настани или случувања за 2026 година?

ПРОФ. Д-Р КЛОПЧЕВСКА: Годинава официјално ја завршувам едногодишната едукација за Кариерни советници. 2025-та беше посветена комплетно на мое усовршување, како што знам често и да кажам, следуваат кариери без граници. 2026-та година за мене ќе биде година на силна интернационализација, зајакнување на научната продукција и развој на нови платформи за иновации во храна, биотехнологија и циркуларна економија.

Плановите се движат во правци и тоа научни проекти, соработка со приватниот сектор во регионот во ко-креирање на иновации, меѓународни партнерства и јавна комуникација на науката. Продолжувам да работам на неколку значајни истражувања поврзани со: микробиом-ориентирани технологии, соработка во насока на нутрибиомика, како и развој на биоматеријали од отпадна биомаса (биополимери, биоѓубрива...).

Целта е да се создадат скалабилни модели кои можат да влезат во индустриско производство или стартап-иницијативи. Потенцијални научни престои на Универзитети во Полска и Кина, активно учество во регионални и европски STEM иницијативи, партнерства клучни за трансфер на знаење, отворање на лабораториски ресурси и градење конкурентни истражувачки екипи. Голем дел од мојата енергија ќе биде посветен на финализирање научни трудови, развој на нови менторски програми за жени-иноваторки, градење на јавно достапни ресурси за едукација во биотехнологијата и одржливата храна, и засилена интернационална видливост на македонската научна заедница. Продолжување на иницијативите за молекуларна гастрономија и спојување на науката со уметност, дизајн и култура но на крај на годинава во Битола, еве и официјално да најавам. Тој град заслужува еден иновативен начин на уживање во храната. Нови соработки со модни и креативни кампањи, кои ќе бидат објавени на социјалните медиуми, како подршка на нашите локални брендови.

Ова е година во која ја прифаќам промената одвнатре, со нова дисциплина, нов фокус и поголема храброст да ги реализирам идеите што долго ги носам во себе. Верувам дека секоја промена почнува од нас самите. Затоа оваа година ја започнувам со обновена енергија, со поголема посветеност и со желба да го претворам знаењето во дела кои оставаат трага.


Статијата е прочитана 749 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско