Интервју со актерот Никола Ристановски: „Имам огромна почит кон феноменот континуитет - и во работата и во приватниот живот“

Ексклузивно интервју со Никола Ристановски, најнаградуван македонски театарски, филмски и телевизиски актер, во кое зборува за богатото работно искуство кое трае повеќе од три децании, за филмот „Мајка“ во кој ја толкува улогата на отец Фердинанд, за значењето на наградите, за улогите, за соработките во земјава и странство и за идните планови.

Говори и за жените во кинематографијата, родовата (не)еднаквост, и секако за важноста на феноменот континуитет кој е суштински во сите сегменти од живеењето, а во нашето општество сѐ повеќе недостасува. 

„Пред сѐ, имам огромна почит кон феноменот континуитет. Просто ние сме лишени од континуитет, и секогаш мораме одново и одново да ги поврзуваме нитките. Да се спојуваме од некаде до некаде. Веројатно не сме осамени по тој повод во светот, меѓутоа, тоа е веќе состојба за сериозна психоанализа. И тоа остава траги. Секој вид на континуитет за мене беше од круцијално значење, во смисла, да можам воопшто да функционирам.“, вели Ристановски во интервју за „Марили“. 

Ристановски е дел од „Македонскиот Народен Театар“ од 1994 година. 

МАРИЛИ: Почитуван г-дин Ристановски, еден од вашите најсвежи и најактуелни проекти е филмот „Мајка“ каде ја толкувате улогата на отец Фредерик, а филмот веќе се емитува во македонските кино сали. Каква тежина носи овој лик и како се одвиваа  подготовките за улогата?

РИСТАНОВСКИ: „Мајка“ на Теона Стругар Митевска е без никаква дилема европски филм. Сѐ останато е работа на вкусови и афинитети. Toa e женски филм, како што велат. И веројатно-не само затоа што јас сум единствениот маж во филмот, и не само поради тоа што режисерот, продуцентот, директорот на фотографија  и главната актерка се жени, туку затоа што третира работи од еден ракурс кој е прилично различен. Се разбира, тоа е секогаш голем квалитет.

Што се однесува до ликот на отец Фредерик, ми се чини дека драматуршки беше важно да има едно мало огледало на целата женска приказна. Од таа гледна точка, мислам дека тука имаме еден лик кој е прилично емпатичен, но и доволно критичен кон сето она што се женски тенденции во самата фабула и сите женски дилеми, дека поседува огромно разбирање и покрај тоа што е маж. Мислам дека тоа е клучно. Емпатијата  мора да биде обострана и обострано треба да се избегне исклучивоста.

А подготовката не беше воопшто лесна, на крајот во филмот останува само врвот од „ледениот брег“. Сантата под водата е со многу поголем волумен. Така што, подготовките се секогаш широк заграб и снимањето секогаш има многу поголем габарит од она што останува на крајот во филмот.

Реално, подготовките беа многу систематични, прецизни, изискувачки, а тука, се разбира, и различните јазични подрачја. Дел од филмот е на англиско говорно подрачје, а имаше и големи парчиња на латински јазик. За да изговориш една реченица на латински јазик во некоја катедрала потребно е да знаеш неколку литургии. А мојот пристап е таков. Ако нешто треба да се одигра, тогаш ти за тоа треба да знаеш најмногу. На крајот задоволството е големо. Другото останува како мој личен багаж и мое богатство.

МАРИЛИ: Дали темата на филмот која има светски демензии со оглед на тоа дека станува збор за Мајка Тереза, ѝ дава можност на нашата кинематографија и нашите таленти од сите аспекти, актерски, режисерски, продуцентски, да се вивнат меѓу најпознатите и најдобри светски продукции? 

РИСТАНОВСКИ: Секогаш ни се потребни теми коишто се наши, автентични. Ние не смееме да се потпираме на некакви моди или моментални трендови, оти тоа е по дефиниција кич. Тоа го докажуваат неколкуте успешни филмови во последно време. Секогаш кога се занимаваме со својата автентичност и со своите автентични приказни, тогаш нема никаков проблем тоа да „искомуницира“ на глобално ниво.

Секогаш кога се обидуваме да излажеме дека сме нешто друго од тоа што навистина сме, имаме проблем. Во таа смисла, Мајка Тереза е секако наша антропологија, наша приказна.

Мислам дека многу е автентичен изборот на обработка на таа тема, но и добро е што филмот не се обидува да опфати една сува биографска димензија, туку се концентрира само на неколку денови од животот на Мајка Тереза кога се случуваат нејзините најголеми „ломови“ и дилеми, нејзини лични обмислувања, кога таа излегува на улиците да биде меѓу најсиромашните и мислам дека беше важно да се прикаже и таа страна.

Знаете, човек кога ќе отиде во Калкута и ќе се најде на оние места каде што Мајка Тереза го поминала практично целиот живот, ја сфаќате димензијата на таа жена.

Многу е тешко теоретски да замислиме да бидеме под мостот со лепрозните, со најболните и најсиромашните каде што била таа, да ја пружи својата когнитивна емпатија. Знаете, успехот е многу релативна работа, но изборот на автентичен ракурс и бавењето со сопстевното милје и сопствениот организам се клучни кога сакаме нешто некому да раскажеме. Во Мајка Тереза има нешто што е врзано за оваа географија. Кога велам за оваа географија, земам шестар, го забодувам и правам периметар од 500 km. Значи има нешто многу драгоцено во третирањето на нашиот сензибилитет.

Е сега, многу е интересно што тоа го игра актерка што не е од ова поднебје, меѓутоа антропологијата на некој начин е чуден феномен и некои нешта ни се сепак заеднички. Има некои работи што се сепак општочовечки и излегуваат од тие потесни контексти. Мајка Тереза е голема тема и голема храброст е да се избере таа тема и апсолутно треба да се честита за таа продукција.

МАРИЛИ: Да се навратиме на триото Митевски, но да се задржиме на женскиот режисерско-продукциски двоец Теона и Лабина. Според Вас, каков е патот на жената во кинематографијата и филмската индустрија? Има ли подреденост и препреки за жените како и во филмот за Мајка Тереза?

РИСТАНОВСКИ: Веќе пред малку кажав - ние сме свет кој необјективно гледа на работите, и многу често и јас себеси се фаќам кога релативизирам. Со годините човек станува свесен за некои работи за кои порано не бил. Дури и онаму каде што мислиме дека не е така, тоа е затоа што не сме размислиле доволно. Ние не сме исти, се разбира, и не треба да бидеме исти, но можеби можеме и мораме  да бидеме еднакви во дадените можности. А тоа се две различни работи. „Исто“ и „еднанкво“ немаат исто значење. Но можеме и треба да имаме еднакви можности и позиции, бидејќи сме предодредени да бидеме компатибилни и само така се надополнуваме.

Еве на пример и во Холивуд. Ретко може да „растат“ актерки кои имаат повеќе од 40 години. Тоа  е „ејџизам“ во принцип, но тој се однесува исклучиво на жените.

Тоа се тие рецидиви од некои маскултурални поимања, и не само маскултурални, тие влечат длабоки корени од развојот на нашата цивилизација и не се однесуваат само на кинематографијата.

Погледнете наоколу и ќе видите. Во сите сегменти на нашето живеење доминираат клишеа и предрасуди. Еве низ историјата обидете се да наброите три сликарки на ренесансата или композиторки од класицизмот? Tаквите наративи, за жал, ги влечеме до ден денес. Жената сѐ уште важи за полош шофер од мажот.

Да резимираме - појдовните позиции на жените во кинематографијата мора да бидат подеднакви, но и респектот кон она што веќе го направиле. Во таа смисла, навистина е за почит ова што го прават Теона и Лабина. И не само тие. И да не го заборавиме Вук, се разбира.

МАРИЛИ: Низ Вашиот богат творечки опус сигурно  Ве „допрела“ и темата родова (не)еднаквост која е застапена векови наназад. Дали гледате еволуција и напредок по ова прашање? Каде е современата жена денес, посебно во нашето општество?

РИСТАНОВСКИ:  Напредок има, но тој многу често е само козметички. Многу често е декларативен. Луѓето се закопани во своите ровови и предрасуди и сѐ уште ја немаат таа способност да влегуваат во туѓите чевли. Замислете, дури и жените, кои за разлика од мажите, сѐ уште не ја развиле таа способност да бидат навистина солидарни меѓу себе. За почеток, би било добро да бидат.