Битолските актери премиерно ја одиграа Шекспировата „Кориолан“ на „Охридско лето“

Народниот театар – Битола вчеравечер на „Охридско лето“  премиерно  ја изведе претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија на американскиот режисер Џон Блондел.

Претставата  се покажа дека е идеално дело  за актерите од Битолскиот театар  бидејќи нивната енергија и сценски израз совршено одговараат на материјалот, а визуелните и музичките автори од ансамблот ја издигнаа оваа политичка трагедија  до високо ниво на театарска поезија.

Во „Кориолан“ играа Огнен Дранговски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Марјан Георгиевски, Сандра Грибовска, Јулијана Мирчевска и Петар Спировски.  Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, а музиката за претставата ја напиша Александар Димовски.

Режисерот Џон Блондел посочи дека „Кориолан“, иако е напишан пред повеќе од четири века, останува актуелен поради темите за моќта, политиката и односот меѓу власта и народот.

-Видете го овој неверојатен простор  во кој се наоѓаме моментално.Навистина магично место со стари корени за изведување претстава. Атмосферата е извонредна за гледање  претстава како оваа вкоренета во минатото и сегашноста. Ова е перформанс полн со интимни, автентични и изненадувачки моменти. Се надевам дека гледачите понесени од приказната ќе ја вметнат  во нивната имагинација за да се почувствуваат како да се на сцената, рече режисерот Блондел кому ова му е петта соработка со битолските актери.

Според директорот на Народниот театар-Битола, Васко Мавровски, се работи за многу интересна претстава со нова естетика, претстава  којашто од 40-тина ликови   е сведена само на седум и во неа, како што вели, е собрано само есенцијалното од текстот.

-Секогаш кога ќе се спомене Шекспир, луѓето очекуваат дека  тоа ќе трае два часа и повеќе. Ние успеавме за 80-тина минути да направиме  многу добра и естетски поткована претстава на еден наш препознатлив јазик, односно препознатлив јазик и за режисерот Џон Блондел којшто по стотти пат го покажува тоа на сцена, појаснува Мавровски.

Концептот на претставата е насочен кон минималистички сценски израз, со акцент на актерската игра и текстот.

-Сум играл на „Охридско лето“ многупати со Битолскиот театар и сцената ја доживувам како матична. Воодушевувачки е да се игра на толку импознатно место каде што има акустика, историја, има сè.  Овде, на оваа сцена, прошетале  илјадници глумци од цел свет, прошетале и наши драги колеги кои ги нема повеќе, така што возбудата доаѓа од сите страни, вели битолскиот актер Петар Горко.

И на сценографот  и костимограф Благој Мицевски, оваа театарска претстава не му е прво гостување на „Охридско лето“.

-Повеќе од 30 години сме биле скоро секоја година учесници на „Охридско лето“.  Да бидам искрен, сум учествувал и со неколку претстави. Сме биле на Плаошник, на Самоиловата тврдина, Канео, многупати и на Долни Сарај, кај изворите во „Свети Наум“, кај некогашниот хотел „Парк“, но „Света Софија“ си има своја енергија. Едноставно,  те прима, те прифаќа и те прегрнува, вели Мицевски.

По македонската премиера на „Охридско лето“, претставата „Кориолан“ ќе ја има и својата светска фестивалска премиера на Verona Shakespeare Fringe Festival во Италија.


Статијата е прочитана 62 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

Охридско лето 2026

kb

oxxete